Се огласи семејството на преживеаниот Британец во Индија: „Чудо е како останал жив, ни се јави од срушениот авион“
- Детали
- петок, 13 јуни 2025
„Буквално две минути откако кажа дека ќе полетува, ни се јави и кажа дека авионот се срушил, дека не знае каде е брат ни“, открива помладиот брат на преживеаниот Британец во вчерашната авионска несреќа во Индија.

Кратко откако се дозна идентитетот на преживеаниот Британец во вчерашната авионска несреќа во Индија, за британските медиуми се огласи неговото семејство.
40-годишниот Вишваш Кумар Рамеш бил на деловно патување во Индија, заедно со неговиот брат кој, за жал, не ја преживеал несреќата.
Тој има уште еден помлад брат, кој во изјава вели дека од една страна, семејството тагува за загинатиот член на семејството, но од друга се пресреќни што преживеал барем еден.
„Чудо е што преживеа барем еден од нив. Ни рече дека авионот се срушил и дека не можел да најде никого. Не ни се веруваше.
На лицето имаше крв. Можете да видите и на фотката дека е повреден. Утре одиме да го посетиме“, вели помладиот брат на Вишваш, Најанкумар.
Вишваш им се јавил веднаш по несреќата, но кажал дека не можел да го најде брат му. Па, семејството до последно се надевало дека преживеал и другиот брат.
„Бевме многу збунети. Се надевавме дека преживеал и дека и тој е во болница“, додава Најанкумар.
Брат му на Вишваш вели и дека дури ни тој самиот не знаел како преживеал.
„Му се јави на татко ни пред полетување. И потоа, буквално две минути подоцна, му се јави на татко ни со видеоповик.
Му рече ’Се сруши авионот. Не знам каде е брат ми. Не гледам други патници. Не знам како сум жив, како излегов од авионот‘. Најзагрижен беше за тоа да го најде брат ни (кој загина)“.
За BBC се огласи и братучед на Вишваш и загинатиот Британец. Тој вели дека веднаш дознале дека Вишваш е во ред, но и тие биле во неизвесност за брат му.
„Многу сум тажен. Тој не ми беше само братучед, туку ми беше еден од најдобрите пријатели. Не знаевме што му се случило. Не сме добро, сите тагуваме“.
Вишваш живее во Лондон, со сопругата, и заедно имаат едно дете. Во Ахмедабад бил на деловно патување, а вчера планирал да се врати дома.
Авионот се сруши неколку минути по полетувањето, а пред да го лоцираат Вишваш, надлежните изјавија дека очекуваат да нема преживеани.
Прочитајте и: Единствениот преживеан во несреќата во Индија седел до излезот за итни случаи: „Насекаде имаше мртви тела, делчиња од авионот“
Спирова С. | Црнобело
