Жена родена без раце и една нога, урива стереотипи - спортува активно, освои шампионска бодибилдинг титула
- Детали
- недела, 29 јуни 2025
„Со години во мојот ум, живеев со илјадници „што ако“ и „но“, замислувајќи каков би ми бил животот ако имав две раце и уште една нога, како сите други. Но, живеењето во тој свет на илузии и претпоставки носи само страдање. Решив да ја прифатам мојата единственост, која ме прави посебна“, вели Надја, која е родена со ретка состојба.

Надја Лауричела од Сицилија има фокомелија, ретка состојба која се јавува кај помалку од 1 на секои 100.000 родени бебиња.
Станува збор за конгенитално нарушување поради кое бебињата се раѓаат без некои од екстремитетите, а таа е родена без раце и со една нога.
И покрај тоа, Надја не дозволува никој да ја сожалува, најмалку самата себе. Па, она што светот го сметал за пречка, во нејзиниот случај станало движечка сила што уште од дете ја води напред.

Наместо да се откаже од животот, таа одлучила да покаже дека ништо не може да ја спречи, а со нејзината приказна денес инспирира илјадници луѓе ширум светот.
Надија е родена со фокомелија, ретка состојба поради која рацете не можеле да ѝ се развијат, едната нога ѝ недостасувала, другата само делумно била формирана, а ‘рбетот ѝ бил закривен.
Но, физичкиот изглед не влијае на нејзината психа, а таа преку социјалните мрежи и со повремени гостувања во медиумите, се труди да ги охрабри другите кои се во иста или слична состојба како неа да ги отфрлат стереотипите за попреченоста и убавината и да го искористат најдоброто што им го нуди животот.

Во едно свое интервју, Надија искрено рекла:
„Најтешкиот период беше мојата адолесценција. Се чувствував различно од сите други и многу страдав.
Но, најсреќното нешто што ми се случи е што сега повторно ја вратив контролата врз мојот живот.
Пред неколку години решив да користам протетичка нога и конечно можев да одам. Оттогаш, ми се отворија безброј врати: спорт, независност…“

Денес, многу луѓе од неа бараат совет за тоа како да ги надминат тешките времиња, а таа со радост ја споделува својата животна филозофија со нив.
„Само оние што сонуваат учат да летаат, а јас отсекогаш верував во моите соништа“ - вели таа.

На ТикТок Надја ја следат 1,9 милиони следбеници, а скоро 170.000 на Инстаграм, каде што често ја споделува својата приказна и животни достигнувања со оние на кои им е потребна доза вистинска инспирација.
И покрај нејзината состојба, Надја активно спортува, а бодибилдингот ѝ е огромна страст.
Со фитнес се бави скоро 10 години, со бодибилдинг малку помалку, но активно, па на почетокот на јуни 2025 ја освои и светската шампионска титула.
Во една пригода, таа напиша:
„Трендот на вештачка интелигенција што нè прикажува како да сме модели во луксузни списанија станува многу популарен во последно време.
Многу луѓе, дури и оние со попреченост, сакаа да го пробаат за да видат како би изгледале без неговите особености, но јас избрав поинаков пат.
Со години, во мојот ум, живеев со илјадници „што ако“ и „но“, замислувајќи каков би бил мојот живот ако имав две раце и една нога како сите други.
Но, сфатив дека живеењето во тој свет на илузии и претпоставки носи само страдање.
Решив да ја прифатам мојата единственост, таа особеност што ме прави посебна.
Не сакам да бидам измамена од совршенство што не постои, ниту во реалноста ниту во вештачката интелигенција.
Да научиме да ги сакаме и да ги прифатиме нашите „колатерални убавини“, оние што нè прават навистина единствени“.
