Убил 8 жени, ги намамувал во неговиот стан: Кој е „убиецот од Твитер“ што беше егзекутиран во Јапонија?
- Детали
- петок, 27 јуни 2025
Таканаречениот „убиец од Твитер“ ја користел социјалната мрежа за да наоѓа жени во депресивна состојба, ветувајќи им дека ќе им помогне да извршат самоубиство. Самиот признал дека мотивот му бил да ја искористи нивната ранливост и да ги изманипулира за да спие со нив, но средбите завршувале кобно за нив.

Денес (27.06) во Јапонија беше егзекутиран Такахиро Шираиши, попознат како „убиецот од Твитер“.
34-годишниот Јапонец беше обвинет за убиството на девет лица (осум жени и еден маж), од кои повеќето кои ги намамил преку Твитер.
Егзекуцијата беше извршена во Токио, а Јапонецот беше осуден на смртна казна во 2020 година. Од 2022 година, ова е првата егзекуција во Јапонија, каде смртната казна се изведува со бесење.
Што знаеме за озлогласениот убиец?
Во 2017 година, исчезнала млада девојка – Аико Тамура – која живеела во близина на Токио.
Исчезнувањето го пријавил нејзиниот брат, а во меѓувреме почнал да истражува и самиот со надеж дека ќе открие што ѝ се случило.
Тој решил да ѝ го провери профилот на Твитер и забележал дека сестра му комуницирала со личност која тој не ја знае.
На профилот на непознатата личност забележал твит кој изгледал како охрабрувачка порака за луѓе кои минуваат низ тежок период од животот.
„Мислам дека многу луѓе страдаат и се обидуваат да извршат самоубиство, дури и ако медиумите не пишуваат за ова. Јас сакам да им помогнам на овие луѓе“, гласел дел од твитот.
Но, кога подобро го разгледал профилот, братот на исчезнатата Аико забележал уште еден, повознемирувачки твит.
Овој пат, корисникот зборувал за метод на самоубиство со задушување од јаглероден моноксид. Во твитот, тој напишал дека овој метод не е ефикасен и дека сака да им помогне на луѓето да извршат самоубиство.
Исчезнатата девојка, која имала 23 години, страдала од депресија поради смртта на мајка ѝ. Па, брат ѝ помислил дека можеби личноста од мистериозниот профил стапила во контакт со неа и некако е поврзана со нејзиното исчезнување.
Па, решил да го сподели Твитер профилот со полицијата.
Полицијата не знаела како да го открие идентитетот на оваа личност, но успеале да најдат уште една жена со која комуницирала.
Жената дури и се имала сретнато со личноста, потврдила дека е маж и се согласила да договори уште една средба, со цел да го фатат.