„Знаеме кој нè штити“: OAE плаќаат престој и храна за 20.000 заглавени туристи – жителите ги возвишуваат лидерите
- Детали
- понеделник, 02 март 2026
„Така се прави тоа“, „Се чувствуваме безбедни зашто знаеме какви лидери се на чело и кој нè штити“ – пишуваат Балканците кои живеат во Емиратите, по веста дека државата обезбедува хотелски престои и храна за сите туристи кои останаа заглавени за време на воениот конфликт.

Воениот конфликт помеѓу Иран со САД и Израел, кој изби на 28 февруари, предизвика зголемена загриженост во светот, но и кај нас, особено по нападите врз американски воени бази во Обединетите Арапски Емирати, каде што живеат и престојуваат голем број граѓани од Балканот.
Абу Даби и Дубаи долго време важат за едни од најбезбедните градови, а по нападите, Емиратите го активираа својот противракетен одбранбен систем.

При пресретнувањето на ракетите беа регистрирани и падови на делови од проектилите, при што беа погодени одредени објекти, меѓу кои туристички и аеродромски зони.
И покрај тоа што луѓето оттаму сведочат за експлозии и непријатно чувство бидејќи ситуацијата е сериозна, дел од оние што живеат таму наведуваат дека институциите реагираат координирано и дека безбедносната состојба е засега под контрола.

Според последните информации, властите на Обединетите Арапски Емирати обезбедуваат сместување, оброци и ги покриваат трошоците за повторно резервирање на откажаните летови за повеќе од 20.000 туристи кои останаа заглавени во земјата поради конфликтот.
Со оглед на тоа што летовите се откажани поради затворање на воздушниот простор, голем број патници се задржани таму подолго од планираното.
Хотелите во Абу Даби добиле насоки да ги продолжат престоите на гостите чии резервации истекле, без дополнителни трошоци за патувачите, туку на товар на институциите односно одделот за туризам.
На социјалните мрежи, многумина, меѓу кои и луѓе од кај нас, но и од регионот, кои живеат таму, споделуваат вакви информации, со пофалба за лидерите, велејќи „Така се прави тоа“.

Вирално се споделуваат и видеа и објави во кои пишува дека жителите на ОАЕ се чувствуваат безбедно затоа што им веруваат на лидерите кои ги водат, кои и во претходни кризни ситуации, не дозволиле граѓаните да се почувствуваат загрозено, напротив, животот се одвива (делумно) нормално.
„165 ракети. 541 дрон. И утрово, луѓето се шетаат со своите семејства. Тоа не е наивност. Така изгледа кога нацијата ја стекнала довербата на своите луѓе“ - стои во дел од објавите.
Секако, и покрај тоа што на социјалните мрежи многумина оттаму се обидуваат да покажат дека ситуацијата е мирна, важно е постојано да се нагласува дека жителите и туристите треба да ги следат исклучиво само официјалните упатства за заштита и следни чекори, бидејќи ситуацијата е сериозна и може да се промени во секој момент.
Прочитајте и Кристина од Скопје е на семеен одмор во Дубаи: „Се плашиш од секој звук, а си дошол на патување со деца“
М. М. | Црнобело
