Ја обвинуваа дека е жена со џуџест раст, која лаже дека е дете: Каде е денес Наталија Грејс?
- Детали
- вторник, 24 март 2026
Случајот со Наталија Грејс до денес претставува енигма – таа тврди дека е родена во 2003 година, но семејство што ја посвоило во 2010-та е убедено дека е многу постара жена, па дури и дека пробала да ги убие. До денес, Наталија пробува да му докаже на светот дека ја зборува вистината, а неодамна поднесе и тужба против Disney за серија снимена според нејзиниот случај.

Во 2019 година, светот дозна за бизарниот случај на Наталија Грејс – девојче од Украина кое било посвоено од Кристин и Мајкл, пар од САД.
Тие ја посвоиле Наталија во 2010-та, но во 2019-та се соочија со обвиненија за запоставување дете.
Имено, три години откако ја посвоиле Наталија, парот и нивните три биолошки деца се преселиле во Канада, а ја оставиле Наталија сама во САД.
По обвиненијата, Кристин и Мајкл излегоа со тврдење дека Наталија била возрасна жена која се преправала дека е дете. Според нив, Наталија успеала да си ја промени годината на раѓање во нејзините документи, па кога ја оставиле, не била девојче, туку жена која има најмалку 22 години.
Тие ја нарекуваа Наталија „психопат“ и тврдеа дека се обидела неколкупати да им наштети, дури и да ги убие.
Во 2023-та излезе и документарец за чудниот случај, во кој Мајкл, мажот што ја имаше посвоено Наталија тврди:
„Наталија се закануваше дека ќе ги избоде моите синови, дека ќе ги одвлечка надвор и ќе ги закопа во дворот. Сигурен сум дека за пет години некој ќе биде мртов“.
Наталија отсекогаш ги негирала бизарните обвиненија, а во 2024-та беше издаден и уште еден документарец кој ѝ даде шанса таа да ја сподели својата страна на приказната.
„Во секоја лага има вистина, но треба да копате доволно длабоко за да ја видите.
Нема да се извлечат со ова. Дали ви изгледам како чудовиште?“ – вели Наталија во документарецот.
Неодамна, пак, Наталија поднесе тужба против Disney и Hulu за серија која ја прикажува во мошне лошо светло.
Каде е денес Наталија и зошто ги тужи Disney и Hulu?
Што точно е познато за неа?
Како што веќе спомнавме, Наталија е сираче од Украина кое во 2008 година било донесено во САД.
Била посвоена од Мајкл и Кристин Барнет во 2010-та, кои тогаш верувале дека Наталија има шест години.
Но, според нивните изјави, набрзо почнале да се сомневаат за нејзината возраст бидејќи Кристин забележала дека има срамни влакна, заби како на возрасна личност, како и дека имала менструација.
Бидејќи, како што тврдат, биле исплашени за нивната и безбедноста на нивните биолошки деца, на Наталија ѝ изнајмиле стан, а тие се преселиле во Канада и прекинале секаков контакт со неа.
Бидејќи ја напуштиле, во 2019-та Кристин и Мајкл беа обвинети за запоставување и загрозување на малолетник и тогаш ги споделија своите сомнежи со светот.
Одеа и на емисии каде што пробуваа да ги убедат сите дека Наталија е всушност возрасна жена која се преправа дека е дете.
Што се случи со Наталија во меѓувреме?
Во 2013 година, Наталија почнала да живее со друг пар, Синтија и Антвон Манс.
Наводно, се запознале кога Наталија била напуштена од посвоените родители, а Синтија ја поканила да се всели со нив само неколку денови по првата средба.
Во 2016 година, Синтија и Антвон посакале да станат старатели на Наталија, но било потребно сослушување за да се утврди нејзината точна возраст.
Но, судијата одлучил дека законски, Наталија е возрасна личност, па го одбил барањето за старателство.
Сепак, Наталија продолжила да живее со парот, а тие ѝ биле најголема поддршка во судската битка против посвоените родители што ја напуштија.
Во 2019 година, заедно со Наталија тие се појавија на шоуто Dr. Phil каде тврдеа дека таа е малолетно девојче.
Потоа, во 2022 година, Синтија сведочеше во корист на Наталија за време на судењето на Мајкл (мажот што ја посвои).
Конечно, во 2023-та, новиот пар, Синтија и Антвон, успеа да ја посвои Наталија.
Но, документарецот The Curious Case of Natalia Grace: Natalia Speaks, кој го спомнавме на почетокот, заврши со огромен пресврт.
