„Имам 84 години и отидов на лекар за болка во грбот – прво ми понудија евтаназија“
- Детали
- среда, 01 април 2026
„Се разбудив со многу силна болка и ќерка ми повика брза помош. Во болницата ми пријде млада докторка чии први зборови беа ’Би сакале да ти ја понудиме програмата за евтаназија‘. Бев запрепастена“, раскажува 84-годишна жена од Канада. Нормално, таа одбила, а по соодветна лекарска нега, заздравила, па дури и се качила на вулкан во Гватемала.

Во некои држави, евтаназијата на луѓе, односно асистираното самоубиство веќе е легално, но, секако, во одредени околности.
Лицата кои страдаат од болести и хронични состојби што им предизвикуваат сериозна болка и генерално значително им го отежнуваат животот, може да им биде понудена евтаназија.
Последен ваков случај што ја разбранува јавноста беше со 25-годишната девојка од Шпанија која, по групно силување и неуспешен обид за самоубиство кој ја оставил во количка, доби дозвола за евтаназија.
Приказната на младата девојка е во најмала рака трагична, а во март 2025-та таа почина.
Но, повозрасна жена од Канада била запрепастена кога неа ѝ понудиле евтаназија веднаш штом влегла во болницата.
Евтаназијата е легална во Канада, а Канаѓанката Миријам Ланкастер вели дека била зачудена што ѝ ја понудиле пред каков било друг третман.
Во април 2025-та, 84-годишната Миријам почувствувала сина болка во грбот и отишла со брза помош во болница во Ванкувер.

Но, уште пред да ѝ понудат каков бил третман, ја прашале дали сака да се вклучи во програмата за евтаназија.
„Јас само се разбудив со многу силна болка, толку силна што ќерка ми истрча од другата соба во мојата. Таа повика брза помош.
Отидовме во болница и ми пријде млада докторка, чии први зборови беа ’Би сакале да ти ја понудиме програмата MAiD (програма за евтаназија). Бев запрепастена.
Тоа беше последното нешто на кое би помислила. Само сакав да дознаам зошто имам болки, не сакав да умрам“, раскажува Миријам во видео објавено на Твитер.
Програмата MAiD во Канада им нуди асистирано самоубиство на возрасни луѓе со сериозни и неизлечливи болести кои им предизвикуваат големо страдање.
Правилата за програмата се многу строги и откако некој ќе поднесе барање, мора да биде прегледан и од двајца независни професионалци.

Како што кажува ќерката на Миријам, Џордан, поради ова биле уште позачудени зошто најпрво им предложиле асистирано самоубиство.
„Докторката само рече ’Миријам, разбирам дека имаш силни болки. Можеме да ти ја понудиме програма‘. Јас и мајка ми сме католици и не би прифатиле евтаназија во никави околности“, раскажува Џордан.
Дури откако Миријам остро ја одбила докторката, ѝ понудиле друга терапија.
„Докторката ѝ рече ’Па, може да одиш на рехабилитација, но патот е долг и ќе биде многу тешко, не знаеме што да очекуваме‘“, додава ќерка ѝ Џордан.
Болката на Миријам ѝ била предизвикана од скршеница на коска во ’рбетот.
Очекувано, таа избрала рехабилитација, ја примиле во болница каде што поминала околу еден месец.
По околу шест недели, целосно закрепнала, направиле свадба за ќерка ѝ, а потоа отишла и на патување во Куба, Мексико и Гватемала.
„Мајка ми не е болна жена. Се искачи на вулкан во Гватемала. Чита книги, оди во театар, интелигентна е, сама се вози во автобус, активна е. Нејзиниот живот е вреден за сите ние што ја сакаме“, вели ќерка ѝ.

За бизарниот случај се огласија неколку лекари од Канада, кои го осудуваат пристапот на докторката.
„Многу доктори кои се дел од програмата делуваат со добра намера. Но, проблемот е што ова може да има влијание врз однесувањето на другите лекари.
Кога смртта е понудена како опција дури и пред медицинската нега, тогаш изгледа како медицината да си го менува фокусот од лекувањето на луѓето“.
Во меѓувреме, и болницата издаде официјално соопштение, во кое велат дека дознале за ситуацијата преку медиумите.
„Додека ние како болница сме ограничени со она што можеме да го кажеме поради приватноста на пациентите, не сме свесни за разговор помеѓу пациент и доктор во програмата за евтаназија.
Докторите може да ја спомнат програмата врз основа на нивниот заклучок, но ако го ги имаат потребните вештини и знаење за тоа… Докторите обично не се во положба да ја спомнат евтаназијата на пациентите“.

Според болницата, на пациентот не му се нуди програмата, туку тој сам треба да праша за неа.
Миријам, пак, вели дека не е активист кој е против евтаназијата и воопшто не го пријавила случајот.
„Само сакав да го заборавам инцидентот и да си продолжам со животот. Не сакав да ставам некој во незгодна положба“.
Таа открива и дека кога нејзиниот сопруг имал рак во доцен стадиум и веќе не бил свесен, им ја понудиле програмата. Сепак, истакнува дека има разлика.
„Мене ми понудија евтаназија многу брзо. Но, сопругот имаше рак… Сега пробувам да го извлечам најдоброто од помошта на лекарите и нивната грижа за мојот грб.
Не можам да се пожалам за нивната грижа со исклучок на понудата за евтаназија“.
Спирова С. | Црнобело