60 луѓе останале заробени во паб 3 дена поради снежна бура – спиеле на земја, јаделе бесплатно (фото)
- Детали
- четврток, 02 декември 2021
Гостите во англискиот паб Tan Hill Inn имале навистина несекојдневно искуство, откако морале да останат таму цели три дена бидејќи сите патишта биле завеани со снег од снежна бура.
60 луѓе кои биле во пабот Tan Hill Inn во Велика Британија биле присилени да останат таму цели три дена, откако снежна бура го направила движењето надвор практично невозможно.
Пабот е сместен на надморска височина од 528 метри, што го прави „највисокиот“ паб во Англија, а по снежната бура објектот бил опкружен со снег висок 2,7 метри.
Поради ова, гостите во пабот, заедно со сопствениците, вработените и бендот, морале да останат внатре цели три дена.
До пабот воделе три патишта, од кои два биле завеани и непроодни, а третиот бил блокиран од срушена бандера.
Бурата почнала во петокот, 26 ноември, а во саботата вечерта неколку луѓе успеале да си заминат со помош на теренски возила.
Околу 50-тина гости сепак одлучиле да останат и трета ноќ, откако сопствениците на пабот ги советувале дека е опасно да се движат во такви временски услови.
Сопствениците се покажале како одлични домаќини и се погрижиле на сите гости да им биде удобно.
Во пабот имало доволно храна и, за среќа, не бил прекинат доводот на струја, па всушност сите си поминале одлично.
Наводно, луѓето ги поминале деновите забавувајќи се со филмови и пеење караоке, а сопствениците им дале и бесплатна храна.
„Не го изгасивме огнот и на сите им беше удобно. Во петокот овде сите дојдоа како странци, но мислам дека зборувам во името на сите кога кажувам дека овде си најдоа нови пријатели“, вели едниот од сопствениците.
Како што напоменавме, гостите биле заглавени и со бендот кој имал настап во петокот, па сигурно не им било здодевно.
На официјалниот Фејсбук профил на пабот беа споделени и неколку фотки од непланираниот викенд.
Покрај фотките од снегот и распоредот на спиење на гостите, пабот сподели и групна фотографија од сите кои биле заглавени.
„Засекогаш ќе ја помниме оваа група неверојатни луѓе кои се здружија и надежно, во тешки услови, уживаа во искуството за коешто сите сметаме дека ни го промени животот.
Знам дека како сопственици сме неизмерно горди на нашите вработни – сите до еден“, стои во описот.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





