Жена вторпат стана мајка по експериментална трансплантација на матка од жив донор
- Детали
- среда, 08 февруари 2023
Челси е една од околу 70 жени ширум светот кои имаат направено трансплантација на матка, а по успешната операција успеала да роди две деца. Таа ја добила матката од жив донор – жена која до денес ѝ е пријателка.
Челси Јовановиќ била сигурна дека никогаш нема да стане мајка.
Таа била родена со синдром познат како MRKH поради кој нејзината матка не се развила целосно.
Но, сосема случајно, таа дознала за експериментална трансплантација на матка во клиника во САД и решила да се пријави.
„Ми беше навистина тешко да гледам како пријателките стапуваат во брак и имаат свои деца“, открива Челси за Today.
Апликацијата на Челси која живее во САД била прифатена, па во февруари 2020 година ѝ била направена трансплантација на матка.
Операцијата траела 12 часа, а донор била Шерил Урбан – жена која веќе имала две деца и само сакала да ѝ помогне на друга жена стане мајка.
Челси (десно) и Шерил (лево)
Три години по успешната трансплантација, Челси е мајка на две деца и до денес се дружи со жената што ѝ ја подарила својата матка.
Челси првпат останала бремена со асистирано оплодување и го добила првото дете во мај 2021-ва.
„Првпат кога забременив, беше надреално. Ми беше тешко да прифатам дека сум бремена“.
Во октомври минатата година, Челси го добила и второто дете.
„Сега кога ќе погледнам во ретровизорот од автомобилот, на задното седиште гледам мали стапала. Постојано си велам: ’Ти благодарам Боже. Го сакав токму ова‘. Сега конечно имам можност да бидам мајка“, вели Челси.
Трансплантацијата на матка е релативно нова процедура и уште се смета за експериментална.
Според клиниката каде што на Челси ѝ била направена трансплантацијата, досега во светот се направени само околу 70 вакви процедури.
За жал, не сите се потполно успешни и некои жени сепак не успеале да забременат.
Сепак, според една од докторките која работи во клиниката, шансите за бременост се огромни по трансплантација на матка:
„Овие жени имаат јајници, имаат јајце клетки, само немаат матка. Штом ќе можеме да им дадеме матка, поголемиот дел од нив ќе можат да забременат и да имаат деца“, открива таа за Today.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





