Дали и колку сме граѓани на метропола за да си даваме право да ги коментираме и навредуваме „провинцијалците“?

Посебно е актуелно за секоја пропуштена можност за вработување, да ги обвиниме „провинцијалците“ дека за мала плата прифаќаат да работат и дека заради нив ние останатите не можеме да се продадеме на пазарот на труд за солидна плата. Или дека девојките од провинција доаѓаат овде за богато да се омажат. Муабетот дека продале ниви за да се напикаат во Скопје од такт ме вади. Глупост до глупост.

dali-i-kolku-sme-gragjani-na-metropola-za-da-si-davame-pravo-da-gi-komentirame-i-navreduvame-provincijalcite-01.jpg

Последниве години некако зема замав трендот на категоризирање на луѓето на скопјани и „провинцијалци“.

Јас сум скопјанка, родена овде, од татко скопјанец од Дебар Маало и мајка галичанка.

Значи не сум чистокрвна скопјанка, тоа што луѓето од Скопје упорно се обидуваат да го „продадат“ во муабет, како да е педигре или бренд.

Точно е дека Скопје се наполни со луѓе од внатрешноста, но тоа не е причина секогаш кога ќе слушнеме некој да зборува на дијалект, да почнеме да го гледаме попреку, да навредуваме и омаловажуваме. Да имале добри услови во своите градови, сигурно не би дошле во нашата урбанизирана џунгла.

Посебно е актуелно за секоја пропуштена можност за вработување, да ги обвиниме „провинцијалците“ дека за мала плата прифаќаат да работат и дека заради нив ние останатите не можеме да се продадеме на пазарот на труд за солидна плата. Или дека девојките од провинција доаѓаат овде за богато да се омажат.

Муабетот дека продале ниви за да се напикаат во Скопје од такт ме вади. Глупост до глупост.

А зошто е тоа така?

dali-i-kolku-sme-gragjani-na-metropola-za-da-si-davame-pravo-da-gi-komentirame-i-navreduvame-provincijalcite-03.jpg

Затоа што сметам дека сите луѓе се еднакви, се раѓаат добри и во текот на животот се менуваат. Можете да ги категоризирате по многу основи, но потеклото на човекот, особено ако зборуваме за човек кој потекнува од иста држава, не смее да ни биде репер на неговата вредност.

Скопје нема жители со посебен генетски код - градот се полнел во минатото со миграцијата село - град. Значи, сите потекнуваме од некој дел на Македонија и низ годините нашите предци се населиле овде.

И, да не заборавиме - секаде има работници и неработници, криминалци и чесни, добри и лоши, способни и неспособни. Како може само ние од Скопје да сме вредни и паметни - класа луѓе, а сите останати од другите градови да не чинат? Не успевам да сфатам како успеа тој тренд на омаловажување да се распространи и како вирус да се шири меѓу нас.

Не е лошо да погледнеме малку околу нас и за момент да бидеме реални. Го доживуваме Скопје како метропола, а ние светски луѓе, а допирна точка немаме со тоа од многу аспекти. Далеку сме од светски метрополи, но затоа стружани, кичевчани, охриѓани, кумановци и останатите за нас се „сељаци“. Каква мизерија.

dali-i-kolku-sme-gragjani-na-metropola-za-da-si-davame-pravo-da-gi-komentirame-i-navreduvame-provincijalcite-02.jpg

Научени сме да одиме во странство на одмор и таму сите се прекрасни со нас и тоа ни годи. Но, таму сме гости кои трошат пари. Да се разбереме, кога емигрираме во друга држава, ние сме таму граѓани од втор ред. Провинцијалци. Не добиваме секогаш ист третман како жителите на таа држава и тоа ни пречи, но молчиме за добра заработка и живот во метропола.

Ама затоа кога ќе дојдеме дома кај роднините во Скопје, секогаш е истото прашање - До кога ќе се полни Скопјево со провинцијалци?! Како ги трпите, нели ве угушија?

Па, што да ви кажам луѓе, ги трпиме исто како вас по странство што ве трпат и што реално и вие сте таму ептен „провинцијалци“, ама тешко ви е да го признаете тоа и сметате дека заслужувате ист третман како жителите.

Затоа што, нели, Скопје е метропола.

А, вие од метропола потекнувате.

Само да не забораваме дека пред сè треба да сме луѓе.

Независно од каде доаѓаме и колку пари имаме.

Само да сме луѓе.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Кара | Црнобело / фото: depositphotos.com 

Би можело да ве интересира:

За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg