„Ќе дојде тетка ти од Србија, ти бриши ги прозорците, заедно ќе го исчистиме фрижидерот“

Како и секоја нормална македонска фамилија, ја исчистивме куќата, се искаравме барем седум пати, ама гостите ги пречекавме со насмевка...

se-najavi-tetka-ti-od-srbija-fati-gi-prozorcite-zaedno-kje-go-ischistime-frizhiderot-01.jpg

Кога сестра ѝ на мајка ми од Србија ни доаѓа на гости, не е доволно само да се избрише прашина и да се пушти правосмукалка - целата куќа мора да блеска.

Додуша, во моментот додека го пишувам ова, таа и моите братучеди се веќе вратени дома...

Но, ние како и секоја класична македонска фамилија, направивме генералка во ден и пол, се искаравме барем седум пати (секој со секого), ама гостите ги пречекавме со насмевка...

Мајка ми е од оние жени што сакаат дома да е секогаш беспрекорно чисто.

Тоа што не е, затоа што сите си имаме обврски и чистењето се сведува на бришење прашина и пуштање правосмукалка за викенд, е друга приказна.

Знам дека се лути, но со годините (по малку) почна да попушта и се прави дека не гледа дека алиштата се префрлени преку фотелјата, наместо да се вратат во плакар.

Но, кога пред неколку дена се јави сестра ѝ од Србија, за да каже дека ќе дојдат на продолжен викенд со братучедите, во секундата крена паника.

Добро, не во секундата, ама веќе следниот ден...

se-najavi-tetka-ti-od-srbija-fati-gi-prozorcite-zaedno-kje-go-ischistime-frizhiderot-02.jpg

Ако вечерта беше „лабава“, со муабет што да се купи и што би зготвиле во тие неколку дена, кој што не јаде, дали да се оди во кафеана и каде би се прошетале околу Скопје, следниот ден приказната беше сосема поинаква.

Се вратив дома од работа за да ја најдам цела куќа „превртена наопаку“. Саксиите со цвеќиња беа во кадата - истуширани, постелнината беше спремна за пеглање, екстра перниците беа извадени.

Иако имавме повеќе од 24 часа пред да дојдат, копчето за паника беше вклучено на најјако.

„Стигна? Одлично! Ако си уморна одмори пола саат, ако не, фаќај ги прозорците и почни да бришеш. Ти оставив крпи во соба.

Вечер не планирај ништо, треба и фрижидерот да го пребришеме, ама тоа заедно. И да направиме распоред кој кај ќе спие.

Да ги ставиме децата кај нас во соба, или ќе им ја дадеш твојата?“ - ме дочека рафално мајка ми.

Не знам колку пати сме разговарале за тоа дека сестра ѝ, братучедите, па ни гостите што ни доаѓаат дома не ги загледуваат прозорците, не отвораат по плакари да видат дали ми се блузите наредени по боја и нијанса, не се бунат ако постелнината е згужвана, не ги интересира дали е фрижидерот среден под конец сè додека има што да се извади на маса и дали се саксиските цвеќиња тазе „туширани“.

И сето ова проаѓа на муабет, ама не и во пракса.

se-najavi-tetka-ti-od-srbija-fati-gi-prozorcite-zaedno-kje-go-ischistime-frizhiderot-03.jpg

Па почнаа караниците. Се скаравме не знам колку пати (најмалку седум, и тоа секој со секого) - зошто не е избришана влезната врата, патиките мора веднаш да се ставаат во плакар, а не да сметаат на сред пат.

Потоа, зошто шунката не ми ја исечкале во месара на тенки парчиња, туку ми подвалиле трупци, кој заборавил да ја затвори чешмата, зошто не е вклучен бојлерот, треба да има топла вода штом стигнат ако сакаат да се истушираат, зошто никој не ставил чисти пешкири зад врата...

И така до недоглед. Што и да ви текне - гарант се скаравме и за тоа.

Гостите дојдоа и си отидоа, никој не се бунеше за тоа кај ќе спие, на прва договаравме каде ќе прошетаме, оброците си беа спремни на време (дури и со подебела шунка во ордеверот) и никој освен домашните не го отвори фрижидерот (а мора да признам дека сјаеше).

Поминавме убави четири дена со многу смеење, шетање, опуштена атмосфера, добра храна и студено пиво...

„Абе, а колку пати се скаравте пред да дојдеме?“ - праша едниот братучед пред да си одат.

Не му одговорив, зашто, кај и да е, моите ќе одат на гости кај нив, па, знам дека ги чека истото...

Искрена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Не можете да исплашите жена која научила да се бори сама Кога жената ќе научи да се бори сама, не зборуваме за физичка сила, туку за мент...
Пејачот Даниел Данн за CRNOBELO лексикон: „Еден ден би сакал да имам ранч со животни“ „Првата симпатија ми беше уште од училишните клупи и се немаме видено многу одам...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg