„И по 27 години ми одѕвонува во глава пеењето на Тоше на нашата прва средба - се сеќавам на секој детаљ“
Од денешен аспект, сфаќам дека таа сабота, 6 март 1999 година, за мене е „голема“ по две работи - запознавањето и првото интервју со Тоше, но истиот ден, само неколку часа претходно, се запознав и со Андреј од ДНК - правев интервју со него и момците од групата ТНТ каде што членуваше во моментот.

Кога некој ќе ме праша за Тоше, една од првите работи на кои ми текнува е моментот кога се запознавме, во бекстејџот на Универзална сала. Оттогаш поминаа скоро 27 години, но неговото пеење и гестикулации ми се живи во главата, како да беа вчера.
Кога првпат го сретнав Тоше, беше на почетокот на кариерата. Веќе имаше 2 песни, публиката почнуваше да го препознава и по ликот и по името, но најмногу по гласот. Па, некако му се склопија коцките и тој беше поканет да пее на концертот на Владо Јаневски во Универзална сала како специјален гостин.
Од денешен аспект, сфаќам дека таа сабота за мене е „голема“ по две работи - познанството и првото интервју со Тоше, но истиот ден, само утрото, првпат го запознав и Андреј од ДНК - правевме интервју со него и момците од групата ТНТ каде што членуваше во моментот.
На концертот на Владо, кој се одржуваше на 6 март 1999 година отидов малку порано. Немав билет, но со новинарската картичка поминав покрај обезбедувањето коешто стоеше на службениот влез.
Им кажав дека имам закажано интервју со Тоше и ме пуштија да влезам.

Додека минував низ малата дрвена врата, чинам беше светло сина или некоја нијанса на зелено, покрај мене поминаа неколку манекенки.
Сите од мое време ќе се сетат на МакЏинс, домашниот бренд за облека и фармерки - манекенките требаше да имаат ревија на една од паузите, а другата пауза беше резервирана за Тоше.
Па кога го одминав ходникот, пред мене видов уште 20+ девојчиња и девојки спремни за ревијата. И сите тие гледаа во Тоше.
А тој, облечен во сиво одело, поголемо некој број, стои на крајот од просторијата. Пред него, седнат на клупа налик на училишните - Роберт Пирнер, со гитарата во рака.
Сфаќам дека првпат имаат проба, треба да се спремат, и да излезат на сцената за околу 30-45 минути.

Како им се приближувам, го слушам Тоше како пее: „Ѕвезди се кријааааат воооооо......“, па се прекинува и вели: „И тука, данг, правиш пауза“ (а со раката дава знак како да свири отсечно и запира) „И продолжуваме '...твоите ооооочиииии'“.
Признајте, додека читавте, и вие си запеавте во себе, не само јас.
Е тие зборови, таа песна, тој потег со рацете, засекогаш ќе ми остане врежан во главата. Му го слушам гласот, како да е тука, а не како да поминал четврт век оттогаш.
Кога завршија, го направивме интервјуто, и се фотнавме двапати.
Јас со кратка портокалова коса, буцка, тој со големото палто и малку повеќе пудра на лицето за да ги покрие мозолчињата со кои мачеше мака долго време.
И фотките можеби не се најидеални, ама за мене се спомен кој вреди злато.

Прочитајте и Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива