Ако си пушач, потенцијална мајка или Бик во хороскоп – нема вработување за тебе!

 Здраво чудесна земјо! Од сите чуда коишто може да се случат, наоѓањето работа е еднакво на слетување на месечината, бидејќи навистина е настан за поздрав и честење со размери на свадба која брои околу 300 гости.

ako-si-pushac-potencijalna-majka-ili-bik-vo-horoskop-nema-vrabotuvanje-za-tebe-0001.jpg

Но, пред да дојдете до делот наречен „вработен на неопределено време“, пријавен со сите салтанати, со плата која нема да доцни и доволно денови одмор, треба секако – да ја добиете работата.

А, таму очигледно владеат нови правила.

Процесот започнува со проценката на визуелниот изглед, бидејќи нели, во денешниот свет, доколу си просечен (еуфемизам за грд) и доколку си крупничок (еуфемизам за дебел), не поминуваш баш сјајно во очите на потенцијалните работодавачи.

Кој сака да си има работа со грди луѓе и со оние кои буткаат по 3 крофни за појадок?

Верувале или не, наидов на оглас каде што се преферира да си вегетаријанец или веган, бидејќи автоматски добиваш предност при вработувањето.

Сакам да мислам дека работодавачите се толку напредни, па имаат некои докази од спроведени истражувања, како мрсната храна на пример те прави мрзоволен и неспособен за работа, ти го снижува или крева притисокот, или доколку си вегетаријанец тоа зборува за твојата личност и свеста за животните и средината општо, ама имам некое чудно чувство дека ваквиот оглас е само глупирање, бесни глисти, народски кажано – чалам, и дека паметот не им оди дотаму.

Понатаму, на „тапет“ е твојата врска со цигарите. Доколку си пушач, автоматски стануваш непожелен кандидат. Тоа значи дека пречесто ќе излегуваш на пауза, ќе се враќаш умирисан и жолт во ликот.

Не е важно што ти си професионалец и можеш да издржиш и 5 часа без цигара, без тоа да влијае на твојата работа, тие веќе пресудиле дека тебе ќе те фати нервоза без никотин и тоа е тоа.

Жените се дискриминираат врз основа на желбата за основање семејство, бидејќи потенцијални трудници не доаѓаат предвид. Тие се чумата на општеството, жена која сака да се реализира како мајка. Пази бога ти, тоа дома, на работа не!

Работите се толку многу извитоперени, што дискриминацијата при вработувањето доби и друга димензија – врз основа на хороскопскиот знак.

„Ааа извинете, не сакаме работа со тврдоглави Бикови. Стрелец, па вие сте авантурист, нас ни требаат стабилни луѓе, не ветрушки!“

И адресата на личната карта ви е под лупа. Од провинција си, не чиниш, од центарот на Скопје си, повторно не чиниш, од Дупени си, па каде го најде баш тоа место на потекло?

Сите, апсолутно СИТЕ се дискриминираат врз основа на изгледот и облеката!

Тоа е една толку тажна, болна вистина, просто да заплачеш и да си наполниш мала кофа солзи.

Ти ги премеруваат чевлите, накитот, чантата, фармерките или марката на кошулата и панталоните.

Да, знаеме дека изборот на часовник можеби зборува нешто за тебе како личност, а можеби и не кажува апсолутно ништо! Подарок ти е, и си го носиш, толку е просто.

И тој часовник утре нема да го пишува извештајот, работникот ќе го пишува.

И тие чевли нема да трчаат да ги завршат работите, ниту налицканото лице или должината на здолништето ќе влијаат врз квалитетот на работата.

Што се случи со тоа да си вреден, чесен, лојален, способен за да ја добиеш работата?

Нови критериуми за вработување го заменија местото со оние есенцијално важните и ова чудесно место на живот, одеднаш стана уште погрдо, посмешно и тажно, истовремено.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Некогаш го сакавме снегот. Едвај чекавме да падне. Правевме снешковци, имавме санки“ Некогаш го сакавме снегот. Едвај чекавме да падне. Правевме снешковци, имавме са...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
Теа Трајковска за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив: ‘Ооо, па не било толку страшно’“ „Најчудната и најсмешната порака што сум ја добила на Инстаграм е: 'Те сону...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg