10 работи од детството кои ги заборавивме и очајно ни недостасуваат


10 работи од детството кои ги заборавивме и очајно ни недостасуваат

Кога бев малечка понекогаш ми беше многу тешко да станам за на училиште. Долго се тегнев во креветот, мижуркав со очињата и заспивав на вц шолјата. Моите родители ми велеа – Имаш само една задача, да одиш на училиште и да учиш. Има ли нешто полесно и поубаво?

10-raboti-od-detstvoto-koi-gi-zaboravivme-i-ocajno-ni-nedostigaat-01.jpg

Во тој момент го мразев училиштето повеќе од сé останато. Сакав да бидам голема и да одам на работа. Да си имам пари и да си ги трошам онака како што сакам. Кој ги излажа родителите дека училиштето е најлесното нешто на светот?

Но, растењето е сурова лага. Носи обврски и одговорности и одеднаш се враќате на разговорот од минатото и сé што сакате е да се вратите назад во времето и да бидете она мало дете кое се буди за да оди на училиште.

Можеби најважно од сé е да се обидете да го зачувате детето во себе. Никогаш да не заборавите да бидете по малку будалести, безгрижни и среќни како кога бевме деца.

А како што растеме и созреваме сите без исклучок ги подзаборавивме овие 10 работи кои ни носеа насмевка на лицата:

Создававме работи заради игра, не поради пари

Денес сите се водиме по правилото – ако си добар во нешто, никогаш не прави го џабе. Но, во детството не ни паднало на памет да очекуваме пари за нацртана слика или изграден замок во песокот. Најдете време за игра – сами или со своите деца. Правете работи поради лично задоволство, не поради парична сатисфакција. Делува терапевтски и смирувачки.

Поминувавме повеќе време надвор

Вие деца пораснавте на улица, имаше обичај да ни каже баба ни. Одбројувавме до почетокот на летото, а терасите, парковите, игралиштата и полјанките ни беа просторот за игра. Улицата ни беше втората дома. Сé ни беше фасцинантно и интересно – цветовите, реката и начинот на кој сенките ни се издолжуваат во зависност од часот и сонцето. Сите без исклучок заборавивме како е да се биде надвор на сонце и чист воздух.

Немаше видео-игри и серии, имаше „жмурка и народна“

Часови и часови поминат повторно на улицата со малата издишана топка. Претстави пред зграда за станарите, пеење и кореографии. „Жмурка“ до доцните вечерни часови, ластик и плочка, џамлии. Да се заборавиш од играње. Кој знаел што е телефон, видео-игри или маратонско гледање серии?

Мечтаевме, наместо да дискутираме политика

Половина од времето го поминувавме во кроење планови и мечтаења за иднината. Каде ќе одиме на одмор и летување, што ќе ни купат родителите... немавме дискусии за политика, главно се расправавме кој би победил помеѓу Хи-Мен и Нинџа желките.

Успевавме да изгледаме цел филм без телефонот до нас

Рака на срце, мобилните телефони сé уште не беа толку многу актуелни, и тоа беше еден вид благослов. Нашето внимание беше неподелено и непрекинато. Седнувавме фамилијарно да гледаме филм и го гледавме од почетокот до крајот, без разлика колку и да беше нелогичен или глупав. Секако, со рацете врз очите доколку случајно ќе налетаа „безобразните срамни“ сцени.

Книгите секако се читаа со невиден глад од првата до последната страница. Размислете кога сте седнале и сте прочитале книга без да направите пауза за да ѕирнете во телефонот?

Водевме дневници

Драг дневнику, денес Сара премногу ме изнервира. Понекогаш е како мала кокошка... ден подоцна: Драг дневнику, ја сакам Сара најмногу од сé на светот, не можам да го замислам животот без неа.

Се сеќавате ли на старите добри времиња кога пишувавме дневници? Детални описи на денот кој изминал, тајни скриени длабоко под креветот или во кутија со катанче и мало клуче. Мамо не ми го читаш дневникот, нели? (секако дека кришум ги читаа).

Сепак, водењето дневник останува една прилично здрава навика на која сите заборавивме. Или можеби пишуваме он-лајн дневник, но не може да се спореди со убавината на чкрабањето во празна тетратка.

Си праќавме писма и разгледници

Кога бев помала се сеќавам дека од секој можен одмор праќавме разгледници до домашните. Тука е супер, си поминуваме одлично, топли поздрави од Тиват. Смешното е што понекогаш пристигнувавме дома пред да стигнат разгледниците, но радоста беше неизмерна.

Како и писмата и честитките. Писмата до бабите и дедовците, до непознатите другарчиња.. добри, безгрижни времиња во кои единствениот начин да му дадеш до знаење на некого дека го мислиш беше да му испратиш писмо.

Не ни беше грижа ако се извалкаме

Денес сé е толку средено, чисто, стерилно, антибактериско. Во минатото владееше креативен хаос. Мајките ни даваа да плескаме колачиња заедно со нив, да матиме шлагови, да обликуваме плетенки од тесто. Боевме и цртавме како да ќе нема утре, со часови.

Не се креваше особено паника ако си се извалкал од сладоледот, ниту ако си скршил некоја чинија додека си се обидувал да ги изненадиш твоите дома со некој „специјалитет“. Правевме работи и душичките ни беа исполнети. Немаше место за страв и паника поради малку хаос или валкано.

Создававме музика

На оние смешни мали сајзери со снимени-демо мелодии. Глумевме дека ги свириме истите тие мелодии. Скоро секој кој го познавам од моето детство имаше по некој мини детски инструмент – мала хармоника, ксилофон, дајре. Тапани ни беа тенџерињата, удиралки – дрвените лажици, а микрофон – толчникот. Бевме мал раштиман оркестар кој пееше и свиреше со толку љубов и ентузијазам.

Бевме искрени, отворени и ранливи

Денес во поголемиот дел од времето децата се однесуваат како да газат на јајца. Да не кажат или направат нешто погрешно, па да им се смеат другарчињата. Случајно да не испадне дека не се кул. Ние немавме поим што значи да се биде кул.

Бевме толку непосредни, искрени и смешни. Што на ум – тоа на друм. Си делевме тајни, си ппомагавме со емпатија и не ни беше многу гајле кој какви панталони или патики носи.

Важна ни беше само играта и смеата.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

12 работи кои не треба да им ги кажувате на жените без деца Ако во своето опкружување имате жена, особено со возраст над 30 години, која нем...
За добрите работи треба долго, за лошите работи само еден миг е доволен Само една докторска дијагноза за сериозна болест, сообраќајна незгода со трајни ...
13 работи кои беа сосема поинакви во 90-тите години Не се грижевме ако мобилниот телефон ни падне на подот, знаевме дека ќе „преживе...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg