Работодавачи кои се богатите на грбот на обичниот човек, каде ќе ви оди душата?

Петок е, околу 21 часот навечер. Целиот трговски центар жубори шумно. Врие од народ. Надвор има десетпати повеќе луѓе. Испоседнати на клупите со сладоледи во рацете се обидуваат да дојдат до голтка ладовина и свеж воздух. Ученици на распуст, вљубени тинејџери, мајки со бебешки колички, друштва излезени на кафе.

rabotodavaci-koi-se-bogatite-na-grbot-na-obicniot-covek-kade-ke-vi-odi-dusata-01.jpg

Врие како во котел и навидум изгледа дека сите се насмеани, безгрижни и среќни. Освен девојката во супермаркетот која со безличен израз на лицето ги поминува производите на касата. Таа ги има најтажните очи на светот.

Како да ѝ потонала сета надеж некаде длабоко во синилото на очите исплакани од солзи. Последните атоми енергија ги вложува во куртоазното повелете и благодарам кон купувачите кои како да не ја забележуваат. Има чувство дека никој не ја забележува.

Петок е, крајот на работната недела. Сите се веќе удобно испружени дома или се забавуваат надвор, освен оние кои сé уште се на работа, како девојката на касата. Сите кројат планови за претстојниот викенд, освен истата тажна девојка, бидејќи таа е на работа и следното утро.

Но, не е само таа. Огромен е бројот на луѓе кои работат постојано и напорно, без оглед на фактот дали е делник или празник, без оглед на времето кое го покажува часовникот. Капитализмот, консумеризмот и газдите кои ја грицкаат душата на обичниот човек.

Сакам да прашам како живеете вие големите моќници самите со себе? Какво е чувството додека уживаш на одмор и се богатиш од трудот на другите луѓе кои зависат од твојата милост и немилост? Какво е чувството кога намерно им доцниш со платите, а ти се пакуваш и одиш на безобразно скап одмор? Од друга страна, бесрамно лажеш дека немаш доволно пари да им го исплатиш вредно заслужениот надоместок.

Навистина си голем газда кога се фалиш со новиот автомобил, скапите обетки што си ѝ ги купил на жена ти или патиките кои твоето дете ги парадира пред вработените. Твоето его расте како под дејство на квасец. Се надевам те исполнува тоа чувство на самофалба со задоволство и ти прави некаква разлика во животот, бидејќи вистината е дека си смешен и патетичен.

Смешно е ако мислиш дека луѓето те почитуваат, затоа што не си заслужил грам почит. Трагично е ако мислиш дека си омилен или дека можеби вработените те сакаат, додека кисело се насмевнуваат на твоите нималку смешни шеги, кои се всушност неинтелигентни. Се смеат од што мораат, додека во душата им вирее темнина и мрак им паѓа пред очите додека те гледаат.

Жална е твојата работна етика и правилата кои ги проповедаш кога вработените мора да работат на секој голем празник до неразумно време во ноќта. Дојди и ти работи со нив на Велигден и Божиќ и земај ја нивната плата, па после проповедај за работни принципи и правила.

Или вие кои се богатите на искривените грбови на вредните жени по конфекциите, а ги плаќате минимално, просто мизерно, онолку колку што трошите на еден семеен ручек, а тие со парите треба да живеат цел еден месец.

Каде ќе ви одат душичките? Не дека многу ви е гајле, немате ронка емпатија и чувства за обичните луѓе. Навистина е тешко да плачеш додека си на егзотичен одмор, а твоите вработени не може да појдат ниту до Дојран.

Најтрагично е што мислите дека им правите огромна услуга. Се ставате во улога на спасители, живеете со мислата дека ако не сте вие, тие ќе умрат за леб. Никогаш нема да ја сфатите смислата на стиховите на Кочо Рацин:Стани си утре порано, дојди си вечер подоцна, наутро радост понеси, навечер тага донеси. За туѓи бели дворови, копај си црни гробови!“.

Ве имало од памтивека и ќе ве има. И не се менувате, си останувате нелуѓе, среброљупци, алчни и просто злобни. Сé гледате низ призмата на парите, не се важни ниту тажни човечки судбини, ниту туѓото здравје или насмевка. Важно е дворовите да ви се бели, додека вашите црни души одмараат во нив.

Богатете се бесрамно. Исцедете ја последната капка среќа од обичните луѓе. Мудрувајте за тоа колку сте вредни, пожртвувани и добри и дека всушност сте дури и попустливи, дека не заслужуваат вработените така добар шеф.

Бидете живи и здрави. Ништо лошо не ви посакуваме. Освен можеби еден ден вашето дете да се најде на местото на девојката со тажните очи која работи на касата до 22 часот во петок навечер.

Тогаш можеби ќе ве здоболи онака како што го боли обичнот човек.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Моќна поука која секој татко треба да му ја каже на својот син (како се цени жена) Си биле татко и син и тргнале по сладолед, но на патот дотаму таткото го научил ...
„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Пријателке, бегај од луѓе кои носат мрак во себе! Пријателке, бегај од луѓе кои носат мрак во себе. Ти си светлина, но прифати дек...
Некои луѓе се чудо - знаат сè за сите, кој се скарал, кој кого оставил, кого го расипале парите Некои луѓе се навистина неверојатни… Сѐ знаат – за сите. Знаат кој се скарал, ко...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg