Мојот супер кул Инстаграм живот

Се немавме видено речиси цела година пред да го сретнам вчера. “Па што правиш во последно време што немам видено на Инста стори?” беше првото нешто што ме праша.

mojot-super-kul-instagram-zivot-001.jpg

Како и сите мои врсници, мојот Инстаграм профил е проекција на еден живот на кого сите би ми завидувале, најдобрата верзија од мене - далеку од реалноста која би ја прикажала мојата хаотична личност.

“Читав многу летово, патував и посветив време на многу пријатели со кои одамна се немав видено”, беше мојот одговор сакајки да не избегам многу од мојот Инстаграм свет во кој сè е совршено наместо суровата реалност дека сум исто толку изгубена како и сите други.

Мојот Инстаграм профил е преполн со преубави пејзажи од места кои сум ги посетила, книги кои сум ги прочитала, внимателно сечени и филтрирани фотографии од добри пријатели кои не прикажуваат ни половина од вистината, но подобро е тоа да го задржам за себе.

Всушност немав време воопшто да се видам со моите пријатели во последните месеци и ги гледав само на одредени настани на кои морав да присуствувам, не ја пробав воопшто тортата на роденденот на сестра ми од која направив цела галерија затоа што сè уште ми стои правилото дека не смеам да консумирам шеќер после 20 часот и бев толку заглавена со работа што буквално заспивав веднаш штом ќе стигнам до перница.

“Би требало да се видиме, сакам да ми раскажеш се за тебе. Знам дека можеби ти е чудно што ќе ти го кажам ова но многу често се мислев дали да ти пишам. Не сакав да бидам еден од многуте што ќе ти пишат некое безначајно здраво само затоа што си ставила некое кул видео на стори.”

Сакав да му кажам дека ништо од него не би било безначајно, но си ги задржав мислите за мене. Всушност не се сеќавам добро што кажав на глас, а што не, имав некој момент на астрална проекција што ми се случува речиси секогаш кога ќе го видам. Духот ми се одвојува од телото и го следам дејството како да се случува на некоја трета личност. Сè што сакав да кажам беше претешко да се каже, па одлучив да останам верна на мојата супер кул Инстаграм личност.

Мојот изговор е дека премногу работи во животот се надвор од моја контрола, но затоа личноста која ја портретирам на Инстаграм, личноста која ми е инспирација и идол е комплетно под моја контрола. Инстаграм е местото каде можам да бидам личноста која отсекогаш сум сакала да бидам. 

Имаше многу работи кои сакав да му ги кажам, но не можев. Кога личноста која пробувате да ја прикажете на социјалните мрежи ја засенува личноста која навистина сте во реалниот живот, едноставно таа личност несакате да ја изневерите со покажување на слабост.

Знам дека размислував предолго што да кажам, го замислував моето Битмоџи како се удира по глава од срамот кој го доживував па збунето му одговорив: “Би требало да дојдеш оваа сабота наааа, го знаеш новото место на Дамјан? Епа да таму, каде што ставивме илјадници слики со Марија викендов после 2, 3 маргарити. Да да, знам дека не е твој тип на место но ќе биде супер ти ветувам, ти ветувам.”

Во реалноста навистина повеќе преферирам да одам на долги прошетки доцна навечер кога цел град спие и навистина би сакала како порано да ме разбудиш во 3 после полноќ затоа што неможеш да заспиеш, да дотрчам кај тебе и да наоѓаме решенија за нашите егзистенцијални кризи.

Всушност незнам ни зошто ти го кажав тоа, знам колку се исфорсирани тие дружби, но некако во одреден период откако прекинавме да се слушаме, решив дека мојата Инстаграм личност е личност која сака да излегува речиси секој викенд и да се социјализира. Некако таа личност изгледа далеку позабавна од личноста која бев додека бевме во врска и многу поприбрана од хаотичната личност која бев додека имав панични напади на подот во твојата спална.

Можеби и затоа толку ладно го прифати фактот дека е крај, мислам дека одсекогаш премногу ти пречеше дека никогаш не бев сигурна што навистина сакам во животот. Секако дека сето ова беше изговорено само во мојата глава.

Тотално ги разбирам оние хаштагови кои стануваат вирални и преку кои луѓето се обидуваат да ја прикажат реалноста позади Инстаграм фотографиите. Жени кои покажуваат нефотошопирани фотки од себе, фотки на кои децата врескаат или Инстаграм момчиња кои изгледаат мизерно и преморено додека ги фотографираат девојките по стотипат додека не ја погодат перфектната спонтана поза. Тоа е еден вид потсетник дека едноставно сите сме луѓе и на крајот на денот сите сме исти.

Но, сепак одлучувам да ја задржам контролата врз мојата виртуелна личност. Таа е личност која без премногу маки успева да направи јадење кое изгледа како од мени во најлуксузен ресторан, личност на која не и треба филтер за да направи селфи кога ќе стане од спиење, личност која никогаш не заборава да ја избрише шминката после излегување, личност која има усовршено перфектна бјути рутина, личност која напорно вежба во теретана трипати во неделата и најважно од сè - личност која никогаш нема да ти признае колку очајно и недостасува твоето присуство во ладните есенски ноќи.

Знам дека ти треба да фрлиш само еден реален поглед и вистински да ме видиш. Знам дека вистински ме знаеш мене, а не карикатурата која ја создадов и толку прецизно и безгрешно го следам правецот која таа ми го толкува.

Знам дека повеќе ја сакаш личноста на која речиси очајно и треба твоето присуство и личноста која би имала моменти на слабост и реално би постирала клише фрази од филмови само затоа што моментално е лудо вљубена. Но, иако двајцата можеме да го видиме тоа одлучуваш да ме оставиш во мојот свет како што и одлучи пред една година.

„Ќе пробам да дојдам” ми рече веќе речиси на заминување, а добро знаевме и двајцата дека тоа никогаш нема да се случи. Сепак, јас те убедив да си направиш Инстаграм профил и сите 5 слики кои ги имаш на него ги објави поради мене, а не затоа што ти имаше таква потреба. Веројатно уште ти стои профилот само од љубопитност за тоа што се случува во мојот живот.

Секогаш беше имун на новите трендови и успеваше да останеше неверојатно кул и покрај тоа. Веројатно тоа е она што ужасно ме нервираше кај тебе. Не сакав да можеш да ги видиш моите слабости, сакав да веруваш како и сите други во мојата Инстаграм личност, ме уништуваше тоа што бев толку слаба пред тебе.

Затоа и ќе продолжам да да се трудам да го добијам признанието за успехот во мојот живот на социјалните мрежи што толку многу ми треба. Можеби следниот пат кога ќе те видам и тебе ќе успејам да те убедам во тоа. 

“Пааа, се гледаме” му реков со треперење на гласот кое навистина се трудев да го сокријам. Сега кога го гледам мојот профил, го гледам како личност која очајно вреска само за него: “Погледни ме, јас сум тука, јас сум забавна, не те сакам веќе, комплетно те заборавив”.

Го мразев што ми го враќа тоа чувство за мене. Веќе замислував што ќе постирам вечер за да надокнадам за срамот кој го чувствував во моментот. Никако нема да дозволам да знае колку навистина ми треба само неговото признание и колку со нетрпение ќе чекам да го видам неговото име кај луѓето кое го виделе моето стори.

А. В. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg