Земањето невести од дома е закоравена традиција која веќе нема смисла и треба да се избрише

Сите свадбарски работи кои сум ги видела во животот ми имаат некоја логика и убавина донекаде. Некој ужива во декорирање на просторот, многу цвеќиња, убаво осветлување.

Zemanjeto-nevesti-od-doma-e-zakoravena-tradicija-01.jpg

Друг во внимателно изработени китенки со тиркизно камче и розово машниче. Аферим, браво за невестата што имала нерви да посвети 3 месеци од животот и сите укравчиња да ги направи рачно.

Можам да го сфатам и превозот со лимузина и мотори и пајтони, дури и оние наместени шлакнати фотосесии со излитени идеи (невеста која се гледа во огледало – оп, две исти невести).

И народно и забавно, и рок бенд и тапани и зурли, сè свадбарско ми има логика додека е во склад со желбите на младенците. Така сакале, ние сме гости, ќе се смешкаме и ќе играме во нивна чест и за нивната среќа.

Во секој еден каприц можам да земам учество, освен кога доаѓа ред за земањето невести од дома. Да појаснам – за земењето невести од дома, кои веќе подолго време воопшто не живеат дома.

Која е логиката на оваа „традиција“? Што се обидувате да направите од традицијата која не се почитува од самиот почеток? Ајде тие што живеат сè уште со родителите, некако и ми влегува во глава обредов.

Ама за другите... нема нешто посмешно и пожално истовремено. А вистината е дека е товар за сите, и за неа, и за домашните и за гостите кои треба да се статисти во тој драматично-комичен чин.

Прво, домашните на товар го имаат спремањето, растегањето маси, кетеринг, пијачки, келнер, чуда. Наместо да станат одморени и свежи, мора да се издигнат од постела со петлињата да ги наместат сите овие работи. На целиот стрес и трошоци, додади го уште овој стрес и тропок, и пукни си.

Второ, треба да задолжиш некој да остане дома откако конечно ќе ја земат невестата да ти раскрене, зачисти и поднамести. Нема веројатно да оставиш така како што е, со храна на масата (која патем никој не ја јаде, и попусто е ставена на масата. Никој не јаде – ФАКТ! Да не се лажеме, џабе фрлени пари, ама од пусто „да не се посрамотиме“ и „што ќе кажат комшиите“ се трупа беспотребно храна и пијалаци).

Тој некој задолжен, таа пуста жртва, треба да ти расчисти и да ти ја варди куќата. Недај боже да уживаат во свадбата. Не, нека бидат жртви на чинов, на безумнава традиција.

Трето, се враќа момичево дома. А веќе 6 и кусур месеци не е дома бре. Се крие во детската соба, во царството на плишани мечиња и музички кутии и седи. Чека да ѝ ја урнат вратат и да биде „купена“.

Како некоја беспомошна, безгласна буква. Дали само јас чувствувам некој вид на понижување во сето ова?

Кое задоволство го наоѓате во оваа глупост? Дали сериозно ви е интересно? Што има тука традиционално, возбудливо, емотивно? Мене ми е смешно, изнасилено, драма со многу лоша глума.

Како ја оправдувате оваа „света“ традиција, кога прво најосновната почетна традиција – да се влезе чист и невин во брак не ни е испочитувана на никој? Како за некои традиции има простор, а другите ќе ги игнорираме и ќе се правиме наудрени? Нели сме од традиционалните?

Ајде ако не да ги вратиме црвените чаршафи на чардак и да ги развееме како доказ за невиноста на невестата – па традиција е!

Што сте се запнале со тоа традиција кога е безумна и неапликативна во денешно време? Живеете заедно, веќе имате дом. Која е поентата да се враќам кај мама и тато за свадбениот ден и да глумам?

„Па да се знае дека не си најдена на улица“. Сериозно, најдете подобар аргумент од овој.

Не, не сум од улица, никој од нас не е најден на улица. А и да е, и тоа не е толку страшно и жално.

Барем признајте си дека сакате да си ги „измерите“ со сватовите и да види светот од која куќа земате „роба“. Кој бил подотеран од двата табора, кој повесел, кој не знам ти што.

Признајте си дека е некој личен каприц кому никому не му се допаѓа освен на пар луѓе. Признајте си дека е губење време и пари, и многу, многу непотребни нервози.

Признајте си дека е застарена традиција која повеќе нема логика во денешно време.

Признајте си дека е досадно до зевање, дека на сите им го губите времето и наместо да ви дојдат луѓето одморени и весели на свадбата, во ресторанот стигнуваат уморни, испотени и со подуени нозе. Немаат веќе сила за свадбената прослава, откако половина ден веќе го поминале „на свадба“.

Признајте си дека земањето невеста е работа која треба да остане во минатото.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ... Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека н...
„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Теа Трајковска за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив: ‘Ооо, па не било толку страшно’“ „Најчудната и најсмешната порака што сум ја добила на Инстаграм е: 'Те сону...
Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg