Недосушен лак за нокти, такси ниту за лек: Сите женски малери кога треба да излезете

Како може толку многу работи да тргнат по лошо за толку кусо време? Марфи едноставно сака да се дружи со вас пред излегување.

nedosushen-lak-za-nokti-taksi-nitu-za-lek-site-zenski-maleri-koga-treba-da-izlezat-01.jpg

Конечно дојде договорената средба со пријателките. Малку вино и кафеана, па диско шема. Едвај пронајдовте тајминг кој на сите им одговара, па откако конечно резервиравте, ви падна камен од срце.

Но, ете дојде и тој ден и ништо не е како очекуваното.

Прво, мислејќи дека имате многу време за подготвување и премногу е рано, заспавте пред телевизорот и сега сте во трка со времето.

Упс, некој ја потрошил топлата вода, а на регенераторот за коса му дошол крајот. Ајде ќе преживеете, ќе се избањате некако.

Фустанчето, кое го имавте на ум, всушност сѐ уште е влажно на жица на терасата. Дали да го сушите со пегла или да се откажете од оваа средношколска пракса, која како жртва ви има земено минимум три омилени парчиња облека досега? Ништо од тоа, ајде ќе направите некоја друга комбинација.

Заборавивте и да се излакирате, па го правите тоа набрзина, но нема време за сушење на лакот, цели нокти ви се како со точки. Нивото на стрес ви е до плафон, но ајде пуштате музика, ова е долгоочекувана ноќ мора да бидете добро расположени.

Ја сушите косата, време е за некоја локна со фигарото. И во мигот кога тргнувате по него сфаќате дека и го позајмивте на колешката за свадба и остана таму.

Уште ова ви недостигаше. Ајде права коса и високо опавче, ќе завршат работа.

Телефонот ви ѕвони, по автоматизам кревате и сфаќате дека штотуку и кренавте на пријателката која толку на долго и широко сака да ги објаснува работите што помалку од 15 минути нема шанси да не заглавите на линија со неа.

Тоа е што е, веќе се помирувате со фактот дека ќе доцните малку. Добро 10 минути, ќе ви простат.

Од нервоза не си ги погодивте линиите со туш на мачкесто нашминканите очи, ниту нијансата на карминот за која споивте две бои.

Фризурата и шминката некако се готови, време за облекување. Полека ги навлекувате хулахопките и ете го најголемиот хорор. Дупче на нив, воопшто не знаете дали сега сте ги закачиле или такви биле, но веќе сте на работ од нервите.

Барате во гардероберот пронаоѓате црни, со „пепито“ дезен, со точки, па кафени, но никако не можете да најдете најобични транспарентни хулахопки без сјај.

И барате низ гардероберот сѐ додека и последното парче облека од него не заврши на подот. Сепак за среќа пронајдовте едни најдолу. Не сакате ниту да помислите колку работа ве чека утре за да го средите тој хаос.

И конечно воздивнувате, готово е, добро е, успеав, време е да викнам такси. И ете го чичко Марфи како да се вљубил во вас и не сака да ве напушти по ниту една цена.

„Извинете, немаме кола во моментов“ и вртите во разни такси компании, го слушате истото, па веќе немате идеи, па вртите одново на оние први што ги побаравте...

Откако и оваа мисија ќе успее, воздивнувате и помислувате „Сега забавата конечно може да започне“.

На патот до локалот размислувате како толку многу работи можеа да тргнат по лошо во толку кус период... Но добро, на крајот сфаќате дека таков е животот. Секому се случува, главата горе и ова нека биде уште една ноќ за паметење.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg