Спремен сум да ги искачам сите планини, само да те видам среќен бато!

Не можам да ти ветам дека секогаш ќе биде добро. Не можам да ти гарантирам дека никогаш нема да имаш солзи на твоите очи, зошто да се биде на ова парче земја, помеѓу овие хиени кои сакаат да те растргнат е навистина тешко а да не го спознаеш злото.

spremen-sum-da-gi-iskacam-site-planini-samo-da-te-vidam-sreken-bato-001.jpg

Она што можам да ти кажам е дека ќе дадам сè што имам во себе, да се изборам за двајцата да имаме насмевка, да се погледнеме после години и да речеме секоја жртва вредеше. Спремен сум да ги искачам сите планини, само да те видам среќен бато!

Сега сигурно не се сеќаваш, порасна, ме надрасна и мене. Чекориш со силни чекори кон животот и се среќаваш со првите проблеми, тешкотии, разочарувања, злобни пријатели, подлизурковци, паднати испити, жени спремни да направат сè за да извлечат корист. Ти кажав да не брзаш да пораснеш, овде е сè позафркнато, но ти не сакаше да се држиш до блокот за ликовно и неоправданите. Сакаше да пораснеш побрзо, впрочем како секој од нас.

Додека бевме мали, ќе дотрчаше во мојата соба, со оправдание дека си сонувал кошмари, а сите ние знаеме дека никогаш не се согласи со тоа јас да добијам голем кревет, а ти едноделен кревет, па секогаш смислуваше нов изговор за да дојдеш и да спиеме заедно. Тоа толку ме нервираше, но сè би дал пак да дотрчаш така за да ја почувствувам топлината на братската љубов, сега кога сум толку далеку од тебе.

„Бато, бато, пак сонував страшни кошмари. Доаѓаше некој од темницата и сакаше да ме земе, не му дозволувај, не сакам да ме земе. Јас сакам да бидам тука со тебе!” Ќе извикаше доцна во ноќта и ќе дотрчаше во мојот кревет, знаејќи дека јас немам срце да те одбијам.

„Ти мал палавко, пак смисли нова итрина, само за да има кој да ме клоца под ќебето вечерва, ајде доаѓај!“ Ќе изговорев јас со полу лут, полу милослив тон.

„Ама навистина се плашам.” Ќе пуштеше мала солза, знаеше точно што ме погодува, тоа ти беше добро извежбано.

„Ајде сврти се на страна, свиткај ги нозете, јас ќе те прегрнам. Затвори ги очите и замисли еден сончев ден. Толку е сончево што ти предизвикува жед, сончевите зраци ти ја печат кожата, ти без фактор, знаеш дека утре ќе поцрвенеш, но не се криеш по сенка. Капки пот на твоето лице, една мала палава капка се лизга по рамото преку раката до прстите, скокоткајќи.

Сакаш да уживаш на сонцето. Пред тебе има широко зелено поле, трчаш без престан, горе небото е кристално чисто како утринска, езерска вода во лето. Таму сме јас, мама и тато. Сите насмеани. Нема темнина, нема ноќ, само светлина. Нема тага, нем грижи, само среќа.

Таму претрчуваме од едниот крај на другиот за да се сретнеме. Тоа е нашиот мал свет во кој не носат мислите, од овој француски лежај до тој жежок топол ден. Таму нема од што да се плашиме, таму е сè совршено, како што никогаш нема да биде тука. Со секој чекор што го изминувам, ќе дадам сè, за да стигнеме таму.”

Додека раскажував можев да ги видам твоите очни капаци, ги притискаше за да го видиш сето тоа што јас го зборував, иако само се трудев да те успокојам. Знаев дека го гледаш, затоа што на лицето имаше една детска, искрена насмевка. Забораваше на кошмарите и заспиваше после неколку минути во мојата прегратка.

Мене ќе ми се насолзеа очите. Посакував секогаш да можам да ти ја тргнам киселоста од лицето и стравот од душата. Сакав секогаш да бидам твојот штит против светот.

Ништо не се измени со годините кога јас добив брчки на лицето, а ти стана повисок од мене. Можеби не можам да те зграбам во прегратка, но знам дека сè уште сум тој штит, секогаш достапен на повик за твојата борба со животот.

Така ќе биде секогаш, сè додека не стигнеме на тоа сончево, зелено поле, јас на едниот крај, ти на другиот, со две огромни насмевки!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg