А, ти го пушташ дечко ти со другарите на пиво?

Ти го пушташ дечко ти на пиво со другарите? Да! Му го одврзувам синџирот и го пуштам. Му давам и лепче и водичка, го гледам како бубреже во лој. Кога е добар, го пуштам и на прошетка.

a-ti-go-pustas-decko-ti-so-drugarite-na-pivo-001.jpg

Какво е бре ова прашање? Како вас, како жени, ви импонира ова прашање и одговорот кој го давате – го пушташ ли, да го пуштам, не – не го пуштам… кои сте вие да пуштате или да сопирате некого да оди некаде?

И уште побитно – кои се пак тие што ве сопираат вас или ви даваат дозвола да одите каде што сакате?

Возрасни, зрели, еманципирани и уште бараме дозвола од партнерите за излегување некаде? Господ напомош.

А, кога ќе налетам на мажишта кои се удираат силно во градите како „жената требало да се држи на кратко јаженце, да ѝ се дотера паметот, да не ’мрткала‘ многу“… вие па кутри души со теориите на заговор како сите жени се исти, како барале само една работа, сите жени се тиит! (поздрав до вашите мајки и сестри патем), мажишта наши, јуначишта што не знаат јајце да си спржат, кревет да си наместат и гаќи да си исперат без мама!

Како си фаќате девојки? Како стапувате во брак? Кои се тие наивни будалетинки кои ја трпат вашата ментална (а неретко и физичка) тортура?

Ситуација 1: Се шетаат дечко и девојка, налетуваат на некој друг дечко. Соговорникот застанува, културно се поздравува, очигледно е дека се знае со девојката.

Нејзиниот дечко се мурти, очигледно не му е сеедно. Неговиот мозок почнува да чади, кој е овој што разговара со мојата девојка? Кога другаров си заминува, конечно се врти со прашањето – Си спиела со овој?

Да! Со овој и со сите наредни мажи што ќе ги сретнеме до крајот на животот! Со сите имам спиено!

Не душо, јас сум само твоја, ти си ми прв и последен, ти си ми сонцето и месечината! Смеам ли вечер на кафе со другарка ми?

Алергична сум на вас, на вашето бизарно воспитување и однесување. А уште побизарни ми се жените – знаеш, добро е да имаш таков маж, да те држи до себеси, да внимава да не „забегаш“.

Тој ќе внимавал на тебе, кукло една на навивање со нула самопочитување, самодоверба и независност? Стисни се до него, барај дозвола за излегување со другарката со која се знаеш од пелени.

Дозволи да ти го бира друштвото, да ја диктира должината на твоето здолниште, бојата на твојот кармин. Да не случајно станеш премногу „провокативна“ и „да си го бараш“. Еве го, спасителот твој, ќе те избави од гревовите коишто сакаш да ги направиш, на излегување сама со другарките, а имаш дечко. Скандалозно!

Ситуација бр. 2: Сабота навечер, градот врие како кошница. Сите се расположени, опуштени, се порачува втора пијачка. Девојката несуптилно го гази дечкото под масата.

Прекини со пијачките, внимавај!, му процедува низ заби. Додека останатите се потсмевнуваат, таа се правда - морам да го пазам, што да му правам, не може ништо без мене!

Тој пак кутриот крева раменици, се насмевнува бледо од што му е незгодно, со погледот тап и заблеан. Не се напил пијачка повеќе од еден месец – нема дозвола од женичката.

Нема дозвола ни за фудбал гледање, ниту за излегување со машко друштво, ниту за второ пиво. Дозвола немал бре!

Седи стутулен, само кимај потврдно како некој папагал – да срце, да мила, така е златна. Како не ти се збоктиса од слушање нечии наредби, ти возрасен човеку, безгласна буква без свое јас?

Поентата ми е – и жените и мажите на денешницата страдаат поради тоа што некој решил да си игра газда со нив. Газдата кажува каде се оди, со кого се оди таму, колку смееш да поседиш.

Едно куче добива повеќе слобода, љубов и почитување од вас.

Ве држат на тоа јаженце со тенденција да стане железен синџир, а вие уште им дозволувате.

На овие години не треба да барате дозвола од никого, за ништо. Ниту родителите коишто ве создале ја имаат таа моќ да одлучуваат наместо вас, а не пак некои коишто ве залепиле за себе и ве уценуваат со зборот љубов на вакво смешно однесување.

Не е љубов, параноични едни. Несигурност е, недоверба е, љубомора е, очај е.

Излезете од шаблонот на „давање дозволи“, не сте комисија за полагање возачки испит.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Чудотворни места во Македонија за жени кои не можат да забременат - Сливничкиот манастир, „трудното ... Многу легенди, митови и вистински приказни се раскажуваат и пренесуваат од ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg