Зет ми е меден, снаа ми е змија!

„Да знаете каков зет си имам. Зет–како мед! Ќерка ми сака подолго да си поспие наутро. За тоа време зет ми станува, зачистува по дома, пазари, се враќа, подготвува појадок и кафе. Дома наместено „цакум-пакум“, ќерка ми станува, ја чека појадок и кафе на масата. Како кралица ја чува, како капка на дланка, таков зет нема никаде!

Zet-mi-e-meden-snaa-mi-e-zmija-01.jpg

А снаата? Полоша ја нема! Олош жена. Спие до ниедно време наутро. Син ми кутриот станува, чисти, пазари. Уште кралицата, кафе морало да ја чека на масата секое утро, едни лепчиња како не испржи бре, каква жена, напаст! Кутар мој син, со кого си има работа!“

Дали ги забележувате овие двојни аршини? Тоа е потполно истата ситуација гледана низ визирот на една иста жена која е мајка и свекрва.

За своето чедо боли, кога тој работи нешто е маченик, жртва. Таа што спие е кокона, непрокопсана, змија осојница.

Кога пак ќерката спие до доцна наутро, а некој друг се грижи за неа, таа е кралица, мазена и пазена, а зетот меден.

Кој може да ви најде НЗС на изјавиве? Факт е дека многу работи еволуирале низ годините од минатото, но не и феноменот наречен свекрви.

Секако, не сите се исти. Таман работа ако сите ги пикнеме во иста кошница, тогаш би немало надеж дека работите може да бидат и добри.

Но, поголемиот дел се непосакуван зачин во секоја манџа. Сакаат да го дадат мислењето и таму каде што не е побарано. Завиткано со светликавата хартија на добронамерен совет, тие всушност сакаат работите да се скоро секогаш по нивно.

Овој дел баш и не ни е најјасен, но нејсе, поради љубовта кон сопругот и мир во куќата се обидуваме да премолчиме во најголем дел од времето.

Фасцинантно е како имаат мислење за сè! Експерти на секоја тема – од готвење, до уредување на домот и облекување за свадби, тие ќе пронајдат начин како да ви го кажат сопственото мислење кое вие, нели, не мора да го послушате, но ете така, тие едноставно мора да си го кажат, бидејќи нема да може да заспијат мирно навечер од секирации.

Особено интересно е кога почнуваат да вршат „невини“ споредби – не знам, не беше син ми вака нервозен по дома (превод: сега е со тебе и ти го нервираш кокошко една!).

Или – дома си јадеше ама баш сè, сега станал голем манџија (превод: не знаеш да му зготвиш убаво како јас, па затоа не ти јаде сè).

Или – кога беше ерген, спастрен, испеглан, сега не внимава веќе толку (во превод: не го переш, не го пеглаш, арам да ти е, неспособна една!).

Дали имате желба потајно да ги скарате синот и снаата и тој да се врати уништен и повреден во вашата прегратка, а вие да го утешите бидејќи „нема никаде како мама?“

Кога завршува вашата доминација? Кога конечно ќе се опуштите и ќе сфатите дека синот не е веќе мало дете, дека нема потреба да го потсетувате секое утро да облече јакна затоа што малку дувка надвор?

Дека најважното нешто е што пронашол жена која го сака и го прави среќен, иако можеби таа избраничка не ви е по ваш ќејф бидејќи не се вклопува во калапот којшто сте го скроиле за неа?

Но, таа жена не е ваша жена на крајот од денот. Не спиете вие до неа, не го делите вие јадењето со неа. Не треба да ви биде гајле, сè додека синот е задоволен и среќен.

Тргнете се малку настрана, престанете да им дишите во вратот. Пронајдете си и малку поинаква среќа во животот, нека не ви се врти околу снаата и што направила таа, што рекла таа, што облекла таа.

Браво за вас доколку отскокнувате од шаблонот на типична македонска и балканска свекрва. Доколку не си го пикате носот во туѓи работи и семејства, доколку не заземате ничија страна, доколку не искажувате совети и мислења кога не се добредојдени и побарани.

Доколку мислите дека синот не е бог, туку најобичен човек кој имал среќа да пронајде добра и грижлива сопруга.

И тоа ви е доволно, тука застанувате. Ве има такви и ви аплаудирам.

А остатокот, само запрашајте се зошто ретко кој маж има проблем со бабата, односно мајката на сопругата, а зошто речиси секоја снаа има проблем со свекрвата?

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg