Каде бре во Европа со фрлање на ѓубрето од седмиот кат преку тераса?

Доколку ме прашаат кој е најлошиот збор со кој можеш да го опишеш својот народ, веднаш на памет ми паѓа зборот „гнаси“.

Kade-bre-vo-Evropa-so-frlanje-gjubre-niz-terasata-01.jpg

И во преносна и во буквална смисла на зборот ние сме „гнаса од народ“. Освен што љубиме да гледаме во дворот на комшијата, да се молиме навечер „да му цркне козата“ и што толку убаво умееме да му забодеме нож во грбот на оној кому две минути претходно љубезно сме му се смешкале со изразите „душо“ и „срце мое“, воедно успеваме да направиме и оставиме зад себе најмногу ѓубре.

Каде и да е завртиш околу себе ќе видиш само ѓубре, овој пат во онаа буквална смисла на зборот.

Оние коишто живеат во зграда и имаат малку усул и воспитување веројатно за соседи ги имаат оние без ниту еден грам памет. Ликови коишто џиткаат полни ќеси ѓубре директно од терасата и слетуваат на тревникот, паркингот или пред влезот.

Ваквите операции најчесто се изведуваат доцна навечер, после полноќ. Демек, „сите спијат, а ние сме сами“ (со ѓубрето сака да каже).

Не заспиваат сите со мечето Ушко драги комшии. Постојано има некој буден од мака и како додатен шлаг на вечерта, тука сте вие со мирисливото атерирачко ѓубре да ја зачините и онака загадената држава.

А најсмешно е како се обидувате да се претставите (и воедно сте убедени) дека сте господа од големото добро утро. Фини, културни, интелектуални господа намирисани со скапи парфеми и магични ќеси кои може да летаат низ прозорецот и терасата.

Доколку некој се обиде да им укаже на ваквото недолично однесување, тие заземаат таков силен одбранбен став, стануваат толку дрски и арогантни, мислиш ја поседуваат зградата.

„Контејнерот ми е далеку, што ти е гајле што правам јас во слободно време!“

Молам? Дали се слушате колку звучите просто и патетично?

Кои господа бе, господа гнаси едни! За жалење сте и вие и децата што ги одгледувате и ги учите на истите лоши навики.

Животот во зграда е предизвик во најмала рака. Особено ги сакам оние кои ѓубренцето си го оставаат цел ден и цела ноќ пред врата да скапува и да шири реа низ ходникот и целата зграда.

Да не очекувате некој друг да ви го фрли сопственото ѓубре наместо вас, деликатни мирисни лалиња?

На прашањето – зошто упорно ја практикуваат оваа грда смрдлива навика, тие имаат волшебно паметен одговор – па не сакам да ми смрди ѓубрето дома.

Па излези и фрли го надвор! Не е некоја сложена математика или склопување ракетен погон, не ти треба многу мозок да отидеш до контејнерот и само да ја фрлиш ќесата ѓубре, нели?

За вас лекот е само некој да ви го расфрли сето ѓубре од ќесата пред врата, од првото до последното, сето распостелено пред вас да си се воодушевувате на гнасотилакот.

Трет вид на гнаси. Малите канти кои се наменети за помал отпад од типот на хартивчиња и отпушоци од цигари тие го помешале со контејнер.

„Тука ми е малата канта пред зграда, оп! Го фрлам ѓубрето собирано 3 дена, го натиснувам убаво со сета сила. Малку е мала кантата и не го собира, ама јас успеав. Хехе, колку сум паметна госпоѓа. Воедно заштедив дополнителни 20 чекори во контејнерот наменет за ваков тип на ѓубре“.

Честитки госпоѓо, заслужуваш медал за простотилак.

Возрасни мажи и жени неразумно фрлаат неизгаснати отпушоци низ прозорецот и истите слетуваат во тревникот. Утре кога тревата ќе се подзасуши, вашата безумна навика ќе нè доведе до пожар и катастрофа, ама не ви оди паметот дотаму.

Колку треба да ти е мозокот расипан, сериозно прашувам, да фрлиш наполнет врзан кондом директно на плочникот пред зградата каде што секој ден игра твоето дете со другарчињата?

Колку треба да си одвратен, гнасен човек? Толку, што не си измислен, не си фикција во оваа статија за некој драматичен ефект, реален си и живееш во Ново Лисиче.

Препознај се, се надевам дека малку ќе се засрамиш и ќе си ја чукнеш главата.

Децата ве гледаат секојдневно и учат од вас. Вие сте им репер, вие сте им пример.

Со ѓубрето кое лета низ терасата, со она кое го оставате зад вас после пикници и излети, концерти и прошетки, вие им всадувате најлош можен пример на однесување.

Со отпушоците кои ги џиткате од автомобил додека се возите на автопат или низ природа, со празните пакувања од чипс и чоколатца… „Па нема канта!“, омилената одбрана.

Па нека нема. Спакувај го во ќеса и кога ќе начекаш некаде каде што има, ќе го фрлиш. Ако треба дома ќе го однесам во ќесата, па ќе го спуштам во контејнер подоцна, така нека биде, нема да го фрлам на трева по ниту една цена!

„А бе знаеш кај сум бил јас, во Австрија и Германија, колку е чисто, сите внимаваат“.

Е како бре таму и ти внимаваш, ги следиш прописите и правилата, а дома си најголемиот штетник и гнаса која постои? Или таму те удираат по џебот, а тука си оставен само на сопствената совест и расудување, кои очигледно ги немаш.

Велат дека ние луѓето сме она што го правиме додека не нè гледа никој. Па ако фрлате ѓубре од прозорецот пред влезот додека никој не ве гледа, има ли потреба да нагласиме што навистина сте?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg