Ми вели „Кажи ми искрено“, ѝ кажав и сега не ми зборува веќе 3 години

Ме гушеше со прашањата: „Нели сум во право, нели и ти би го сторила тоа, нели е во ред“... Ѝ кажав дека ѝ е најголемата грешка во животот. Повеќе нема место за мене во нејзиниот живот.

mi-veli-kazi-mi-iskreno-i-kazav-i-sega-ne-mi-zboruva-vekje-3-godini-01.jpg

Ја слушам како ми се исповеда и постојано како да бара потврдување за неделото што го направила. Не ѝ давам. Само молчам и ја слушам. Од време навреме климам со главата.

Ми вели: „Кажи ми искрено што мислиш“. Ѝ велам: „Тоа не е моја работа. Твој живот, твоја одлука, тука сум за тебе секогаш, го знаеш тоа.“

Таа повторно форсира да ѝ кажам што мислам за тоа што го направила. Ѝ кажав и еве сѐ уште ми е лута. Не ми зборува веќе 3 години.

На моменти срцето ме боли. Но, потоа се присетувам дека сама ја бараше вистината. Дека ме притискаше. Дека ме предизвика да го кажам тоа што го мислам.

Ѝ кажав дека е нечовек. Дека никој не заслужува некој да му го направи тоа што таа му го направи нему. Дека не е во право. Дека не знае да сака. Дека нема срце. Дека требаше да замине, а не да остане и да го измачува. Но, и дека јас сум ѝ пријателка и тајната ќе ја однесам со мене во гроб.

И оттогаш повеќе ништо не беше исто. Повеќе не ми се јавуваше. Повеќе немаше време за мене. Заборави на нашето пријателство.

Изгледа не ѝ се допаѓаше нејзината рефлексија во моите очи. Но, нели пријателството беше тоа? Искреност, без оглед колку боли. Вистина, без оглед колку сакаме да останеме слепи за неа.

„Не си во право, навистина не си во право“ беа зборовите кои ми ги памети и поради кои ме елиминираше од својот живот. Дали сакаше да ѝ дадам потврда дека ја прави вистинската работа само за да може мирно да спие, кога не ја правеше? Дали сакаше да ја лажам дека е во ред, само за да може да живее со мирна совест?

Мразам кога луѓето ме прашуваат за мислење и потоа ми се лутат за искреноста. Толку сме егоцентрични што повеќе со сласт би голтале слатки лаги, отколку горчлива вистина.

Јас не сум таква. Си ја сакам вистината, без разлика колку и да боли на моменти. Реален пристап. Животни лекции. Сите грешиме. Сите сме повредиле некогаш некого. Важно е да не го направиме тоа повторно. Барем да се обидеме. Да сториме сѐ што е во наша моќ.

Таа продолжи да се лаже себеси. Продолжи да го лаже него. Продолжи да живее со лаги. Ме оттргна од себе. Сама ме натера да ѝ ја сервирам вистината, а потоа ме казни за истото.

Сега, освен на оние најблиските, на другите не им ја сервирам вистината во лице. Некако преголем е данокот. Правам добро дело, а потоа сум казнета.

Кога некоја си преку дрските дела посочува дека мисли дека е најпаметна, само се смешкам – така е. Кога некој си мисли дека може да манипулира со сите затоа што сите се „глупави“, нечујно го жалам – така е. Кога таа лаже, ѝ се чудам на паметот – така е. И така некако престанав да си го оптоварувам мозокот. Нека прават што сакаат.

Луѓето си сакаат да бидат во заблуда. Сакаат лаги. Немаат храброст за вистината. Кога наидувам на ретки храбри им ја чувствувам енергијата. Тогаш ги отворам картите. Само со луѓе што може да поднесат.

А, ги има такви... Имам една таква од 7-годишна возраст, па до денес со која толку вистини си имаме „плеснато“ во лице и пак се сакаме најмногу на свет што сега ми доаѓа да си ја гушнам.

Во свет кога лагите доминираат и глумењето лице е секојдневие, подготвеноста да се сервира и прифати вистината, без лутење, е вистинско освежување.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

 Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg