Погледни ја добро својата жена и немој да се зачудиш ако еден ден ја снема

Од кога не си ја погледнал својата жена? Не, не зборуваме за она утринско меркање додека таа се подготвува за на работа, додека ѝ ги одмеруваш колковите и начинот на кој ѝ стои здолништето.

Pogledni-ja-dobro-svojata-zena-01.jpg

Зборуваме за нејзините подочници и уморот кој ѝ се напластил во секоја брчка на лицето. Нејзините полууспешни обиди да го скрие заморот и разочарувањето со слој шминка. Нејзиното отсутно, молчаливо лице додека ручате. Грбот кој ти го врти додека се подготвувате за спиење.

Се прашуваш ли зошто е тоа така? Што се случува со неа?

Како типичен балкански алфа-мажјак ти веќе започнуваш да се сомневаш во главниот осомничен виновник, нејзината менопауза. „Ти да не започна да пресушуваш?“, ја прашуваш безосетно. Немилосрден си со зборовите кон неа.

Тоа што тебе ти звучи смешно, најчесто е трагично. Или не си свесен дека ја омаловажуваш, или полошо – свесен си и уживаш во улогата на господар и роб.

А твојата робинка е тука за секоја потреба, тука е да ги воспитува децата, да отиде да испазари и да го наполни фрижидерот, да зготви 10 ручеци за цела недела, да исчисти, да светне и среди сè по дома, до папсување.

Да ве испере, да ве испегла сите со ред, да ве стокми кога треба да одите некаде. Да ги памети родендените и годишнините на сите од обете фамилии, да купува и пакува подароци, да се јави секаде каде што има потреба, да ве потсети нешто да не заборавите.

Од ништото да прави нешто, од денарот-два, од трошките погача, е тоа е умешноста на македонската жена.

И сето тоа да го прави вешто, со широка насмевка, со трпение и ведрина, во случај да не помислите дека штракнала од умот и нешто не е во ред со неа.

А вие ја честите со порој недолични зборови и неумесни шеги кои уште толку ѝ го дробат стегнатото срце. Наместо да ја почестите со слободен од обврските, со излегување на вечера, со нејзиното омилено цвеќе.

Има за тоа денови, 8 март и роденденот. Малку ли ѝ се?

Премалку ѝ се. Недоволно за нејзините жртви и заложби, недоволни за нејзината прерано истрошена младост и снага.

Впрочем, кому му се битни подароците? Не ви бара жената подароци, не е жедна за материјални предмети. Барем не оние добрите жени.

Таа е жедна за вашето разбирање. За вашето внимание. За малку искрен разговор. Жедна е за сочувство, копнее да ѝ дадете поддршка и да ѝ кажете дека сте тука, веднаш до неа и дека сè ќе биде во ред.

Потребно е да ѝ дадете до знаење дека не ги води битките сама. Одвреме-навреме сака да слушне дека е ценета и вреднувана, дека нејзиниот труд се почитува.

Дека не е обично чергиче за бришење нозе пред вратата. Дека не е само попатна станица помеѓу станувањето од кревет, испивањето кафе од нога и излегувањето од дома.

Дека не е само едно куртоазно „Како си помина денес?“, туку желбата вистински да се ислуша текот на нејзиниот ден.

Таа е тука, стои пред вас, подготвена да ви даде толку многу за возврат на вашето искрено внимание.

Кога последен пат добро сте ја погледнале вашата жена? Сторете го тоа уште денес.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Добрата жена тешко се наоѓа, а лесно се губи - Мора да знаете како да ја сакате Кога жената ќе почувствува дека не ја почитуваат како што заслужува, таа заминув...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg