Балканчиња, каде во Европа со ѓубрето и гнасните навики?

Има ли погнасен народ од нас Балканците? Впрочем, лошо е формулирано прашањето. Зошто би нè интересирало тоа? Што ми е гајле како е во Мексико, Индија или Уганда? Јас живеам сега и тука, со овие луѓе, а тука е лошо и валкано, и ние сме најголемите гнасотии кои постојат.

Kade-vo-Evropa-so-gjubreto-01.jpg

Тоа е нашата реалност, а ние не се ни трудиме да ја обоиме сликата барем малку поубаво.

Не очекувам да се смениме преку ноќ. Не сум толку непоправлив и нереален оптимист. Ама, исто така, не очекувам возрасен човек да го отвори прозорецот од автомобилот, да ја истури малата количина вода од дното на огромно пластично шише додека вози, да го згмечи со сета сила и крајно ноншалантно само да го испушти на асфалтот.

Во сред најголемиот хаос, во сред сообраќај, во центарот на главниот град. Па од која планина си симнат бре човеку? Всушност, верувам дека тие од планината имаат поголема почит кон природата. Од која дупка си излезен ти и каков пример му оставаш на детето седнато на совозачкото седиште до тебе?

Тоа се огледува во тебе како во огледало, се пресликува од тебе како на фото-копир и што ќе излезе од него? Уште една минијатурна верзија од гнасен човек кој не почитува ништо во животот. Кој ужива во сопственото и туѓото ѓубре.

Никогаш не ве сфатив и нема да ве сфатам додека сум жива. Одите на плажа, јадете, пиете и го оставате ѓубрето зад вас.

Грицкате семки и сончоглед и плукате до вас, онаму каде што лежите. И утредента доаѓате на истото место бре луѓе, уживате ли да лежите во гнасотијата која сте ја направиле самите? Аха, тука си лежев вчера, еве ми го купот ѓубре, мое си е местото!

Откако се обидов да ѝ предочам на една госпоѓа дека не е во ред да се оставаат кочани од пченка и остатоци од грозје во песокот, мошне арогантно ми објасни дека овие се природни остатоци и земјата (која земја?) ќе ги впиела во себе и ќе ги направела компост.

Сериозно? Па да засадиме и некое доматче тогаш, кога веќе ја правиме плажава плодна.

Сопствената глупавост и недостатокот од елементарно домашно воспитување го маскирате со надменост и ароганција. Ем ве мразам, ем ве жалам истовремено.

И одвратни сте. Сериозно сте одвратни. Со сето ’ркање, плукање, гаргари на јавно место, звучни исфрлања секрет на сред улица. Со вашите мали, смрдливи догорчиња. Со сета глупавост на фрлање ќесички од грицки и слатки и шишиња од вода и сокови (нема канта, каде да го носам?!) Дома ќе го носиш ако треба! 3 km до најблиската канта ако треба! Нема сигурно да го шлакнеш на тротоар, на трева, на улица, на плажа, во водата.

Многу ме чуди како вака не се однесувате кога ќе тргнете во цивилизираниот, „бел свет“. Како бре така не го фрлате шишето од прозорецот на автомобилот, во Германија, Швајцарија или Австрија? Како таму сте примерни граѓани, како вашите гнасни навики се менуваат преку ноќ, како умеете да следите правила и да почитувате ред?

Или таму боли кога ќе ве рецнат со казна во износ од третина од месечната плата, а тука никој не ви може ништо. Па да се однесувате како на буниште, да ја направиме државата поголема депонија одошто е во моментов.

Битно дотерани сме, глумиме интелектуалци, напарфимирани и облечени по последна мода. Со каканите гаќи и со оставањето ѓубре каде и да поминеме како некоја напаст, ќе сме оделе напред. Ние сме ти биле цивилизирани, животните имаат подобри хигиенски навики од нашите.

„Знаеш ли ти кој сум јас?“ Дали тоа треба да ме заплаши? Дали сериозно мислите дека некој ќе ви се стресе кога ги употребувате овие магични зборови и се заканувате со некои пријатели и роднини на високи функционерски места?

Знам кој си ти. Ти си невоспитан и оставаш ѓубре зад себе. Не заслужуваш ни чист град, ни чиста вода, ниту златната природа која по некоја случајност ни ја доделил животот тука во Македонија.

Ти си за на буниште, за во депонија, сосема соодветно да живееш со ѓубрето кое го сееш насекаде. Вака барем ќе ти биде блиску, гледај го, вдишувај го, додека не скапеш заедно со него и сопствената неукост.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg