Многу народ, ама малку луѓе - ќе паднеш на тротоар и ќе те остават да умреш

Во морето безлични и бездушни луѓе, ретки се оние кои се сè уште добри, нерасипани, со неизвалкана душа и образ. Просто ти доаѓа да ги заштитиш со закон како некои ретки ендемски видови. Многу народ околу нас, ама малку луѓе.

Mnogu-narod-ama-malku-lugje-01.jpg

„Кај отидоа луѓето?“ – беше прашањето кое баба ми упорно го поставуваше непосредно пред да почине. За неа беше незамисливо да не се поздравиш со првите соседи, да не си позајмиш нешто кога ти снемало дома, да не си помогнеш во неволја.

Да видиш човек како плаче и да не го прашаш дали е добро, жена која се мачи со претешките торби и ќеси и да не ѝ понудиш помош. Некој кој паднал на тротоарот или улицата и никој да се заврти, да му подаде рака, туку сите го прескокнуваат брзајќи некаде со изговорот – Не е моја работа.

Освен тоа што се опериравме од човечноста, нам особено ни фали емоционална интелигенција. А таа не се учи од книги, нема забрзан курс па да се закитиш со сертификат на полицата кој ќе ти фаќа прашина.

Нам одамна ни секна тој тип на интелигенција, одамна фати прашина, одамна скапува и мувлосува.

Колку луѓе познавате кои внимаваат да не навредат некого? Луѓе со усул, би рекла баба ми. Знаат кога да зборуваат, а кога да замолчат. Знаат кога да влезат и да излезат од собата. Знаат кога нешто е нивна работа, а кога треба носот да си го држат подалеку од туѓите манџи.

Од пустата желба секому да помогнат и да бидат коректни, најчесто се исмејувани, искористени и навредени. Чудо е денеска да си човек, како да е некоја тешка болест, па сите внимаваме да не се заразиме.

Затоа што ако се заразиш, тоа значи дека си наивен, искористен глупчо. Па покажи сила, покажи заби, навредувај, надвикувај се. Немој случајно да направиш нешто добро за некого, освен за себеси, и да не очекуваш награда или признание за стореното дело.

Каде заминаа луѓето? Народ врие, човек ниту за лек. Каде се стопија, каде се изгубија?

Човечни, чесни и вредни, оперирани од алчност и потребата да се озборува во празно. Насмеани, со широко срце, ослободени од сите можни ментални калкулации – кој си ти, што работиш и за што ќе ми потребаш во животот?

Оние кои разговараат со секого без лицемерие, без промена во однесувањето, без надменост доколку зборуваат со чистачката или наместена извештачена насмевка и понизност доколку му се обраќаат на директорот.

Оние кои ќе земат од понуденото јадење без отворен презир и гадење, без појаснување како ете, не го јадат тоа и тоа, затоа што им е премногу евтино или невкусно.

Ретки се, како бисер на дното од океанот, игла во стог сено. Оди па најди ги. Ама кога ќе ги најдеш, чувај ги како нешто најскапоцено.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Некои луѓе се чудо - знаат сè за сите, кој се скарал, кој кого оставил, кого го расипале парите Некои луѓе се навистина неверојатни… Сѐ знаат – за сите. Знаат кој се скарал, ко...
Пријателке, бегај од луѓе кои носат мрак во себе! Пријателке, бегај од луѓе кои носат мрак во себе. Ти си светлина, но прифати дек...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...
Си уплатив СПА во Скопје и уживав без мобилен и вознемирување - Сум заслужила Работам од мојата 17 година, фала му на Бога заработувам солидно - зошто да не м...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg