Кога трпезата ти крцка од храна, а питачи ти ѕвонат на вратата и молат за парче леб, имаш ли срце да им кажеш не?

Сигурно многу пати досега ви се случило да ве застанат питачи и да ве замолат за некое денарче. Некои од нив бараат само цигара, други пак ѕвонат на врата и со документи во рацете ве убедуваат дека собираат пари за операција на некое детенце или постар член од семејството.

Pitaci-ti-zvonat-na-vratata-i-molat-za-parce-leb-01.jpg

Ваквите луѓе, за жал, ги има премногу. Признавам дека на најголемиот дел од нив гледам скептично. Не секогаш имам ситно да дадам некое денарче, најчесто на малите Ромчиња кои скитаат по улиците, трговските центри и кафулињата.

Понекогаш стануваат дрски и безобразни, истураат грст навреди и ве плукаат, доколку не им дадете ништо. Не знаат за подобро. Тоа е сè што ми поминува низ главата во моментот.

Некои денови брзаш некаде и во трката со времето брзо ги одминуваш без да фрлиш дополнителен поглед кон скитниците и питачите. Како да ти е страв дека ќе ја префатиш нивната несреќна судбина. А вистината е дека може да му се случи секому. Никогаш не знаеш што носи животот.

Некои денови, пак, си нервозен, заглавен во сообраќајот, а тие упорно сакаат да ги избришат стаклото на автомобилот. Иако им велиш не, не сакам да го бришете, тие се упорни, по секоја цена решени да го истераат своето и да заработат некое денарче.

Други ти го буцкаат бебето во носот кое помодрело од студот. Се наоѓаш во замката на еден вид емоционална уцена. Имаш ли срце да не дадеш некој денар за мало бебенце? А каде ќе завршат тие пари? Дали воопшто се наменети за бебето? Дали случајно од собраните пари ќе му се купат чорапчиња или чевлички, да не мора да му мрзнат малите, помодрени стапалки?

Многу пати сум размислувала на оваа тема и секогаш имам ЗА и ПРОТИВ аргументи за давањето пари на питачите и скитниците. Но, она што особено натежнува од сите можни аргументи е потајната молба која ја чувствува секој од нас: Да не си им во кожата на тие луѓе.

Да не си им во кожата на оние со кои животот си поиграл најсурово, што ги оставил голи и боси на улица, без покрив над главата, без покривка на телото, без храна на масата. Без ништо, ограбени од сè, од удобноста, безбедноста, од топлината, од своите соништа, сиромашни и соголени, тажни и безнадежни.

Можеби на многу од ваквите питачи би можеле да им кажете НЕ, но имате ли срце да ги одбиете тие што молат за храна?

Божиќ, најубавиот празник, денот кога семејството е собрано на куп. Денот кога се празнува, се споделува, денот кога трпезата крцка од вкусна храна и пијалаци, срцето ти е облеано со топлина и самиот ден е синоним за убавина.

Ѕвончето заѕвонува, часот е малку после 5 попладне. На вратата стои средовечна жена, облечена старомодно, со искинати чевли. Тажна и уморна, за раката држи девојче кое нема повеќе од десетина години. И тоа е облечено скромно. Срамежливо се крие врз огромен дебел шал кој очигледно ѝ припаѓа на мајката и е стуткано до неа, со заруменети обравчиња.

- Добар ден, Христос се роди. Ве молам, може ли да ни дадете нешто за јадење доколку имате? Не сакаме пари… храна сакаме.

Моето срце се крши на најситни парченца. Кога луѓето отворено ти кажуваат дека не дошле да молат за пари, туку за парче леб. Кога на најубавиот празник наместо да се дома, на топло и да споделуваат мир, љубов и убава храна, тие морале да излезат, да ѕвонат од врата на врата со надеж дека некој ќе им даде нешто за каснување.

Колку треба да си во небрано да го правиш ова? И сите оние работи за кои постојано зборуваме, достоинството, честа, интегритетот, не значат ама баш ништо кога стомакот ти е празен, а уште повеќе – кога децата ти се гладни.

Пакувам малку храна додека рацете ми се тресат. Земам неколку стари блузи кои повеќе не сака да ги носи никој, затоа што биле демоде, за жената, уште неколку мои кои веќе се премалечки, за девојчето. Во напливот на тага земам некои ситници што ми се наоѓаат при рацете, некое венче за косата, шнолички, ситници кои би израдувале само девојче.

Помислувам на нашата распекмезеност, на нашата ненаситност, но најмногу на нашата среќа – колку сме ние благословени што имаме толку многу, а не сме ниту свесни.

Им ги подавам ќесите на мајката и девојчето. Нивните лица се оѕаруваат, додека моето е стемнето. Повторно ми посакуваат убав празник и јас им возвраќам. Ја затворам вратата и не ти останува ништо друго освен да заплачеш. Од маката, од неправдата која владее во светот.

Сигурно имате многу причини да ги одминете или одбиете питачите кои ви бараат пари, но имате ли срце да им кажете не кога ви бараат парче леб?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
„Ако те чеша лева рака ќе земеш пари“ и уште 11 народни верувања кои ни ги пренесоа бабите Кога икате - некој ве озборува, а ако ве чеша окото - ќе видите некого... Кои се...
Кратка емотивна приказна: За љубов не се потребни пари Мажот и жената, иако сиромашни, ја покажале љубовта во најтешките моменти и го п...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg