Магариња и овци, вредиме само кога доаѓаат избори и кога треба да се гласа

Ние, со последните сили остануваме и преживуваме тука. Нè сметате за магариња, ни се потсмевате и нè понижувате. Вредиме само кога доаѓаат избори, кога е дојдено времето за гласање.

Vredime-samo-koga-treba-da-se-glasa-01.jpg

Тогаш од уста не нè вадите – народот, та народот. Тогаш сме битни и неопходни. Време кога граѓаните од втор ред ги ставате на пиедестал да блеснат.

Истите тие што ги третирате како стока во здравствените установи. Истите тие граѓани кои се небезбедни и незаштитени во сопствената држава. Што се возат по дупкосани патишта кои магично се асфалтираат половина метар неколку дена пред избори. После се забораваат.

Сè заборавате. Заборавате на ветувањата. На стечајците, на оние со статус технолошки вишок. На ранливите, на маргинализираните. Вие сте најважни. Вие и вашите фотелји и скапи пенкала.

Вие и вашите роднини до шесто колено вработени со 5 дена школо и 2 грама мозок, изнапикани насекаде.

Ние обичните може да поцркаме. Вие го имате луксузот да исчезнете кога и да посакате, кога животот ќе ви дојде премногу тежок и напорен. Да се „излуфтирате“ и да подишете чист воздух. Ние, од друга страна, ќе си го дишеме овој загадениот, ќе се стискаме во смрдливите преполни автобуси, натискани како сардини, во метални канти каде што ти се гази и последната трошка достоинство.

Вие може да се лекувате каде и да посакате. Ние сме вечно осудени да го чекаме фамозниот закажан термин за преглед, кој како Годо никогаш не доаѓа.

Вашите деца ќе добиваат шанси да студираат на престижни универзитети и да им се отворат сите врати во светот. За нашите одвај ќе присобереме за покривање на партиципацијата и трошоците за студирање, а после ќе им се отворат вратите на сендвичарниците, фабриките и продавниците.

Товете се со најскапите јадења и пијалаци. Нам ни е супер со маргарин и растителен кашкавал, благодарам на прашањето. За вас нека не важат правилата и законите. Нам нека ни откопуваат фиктивни ко божемски неплатени сметки од пред 4 години, поради кои може да завршиме на суд и на извршител, па во лавиринтот на бесправната држава, уплашени и растреперени, ќе си платиме сè како попчиња.

Ние сме ви обична бројка, статистика, анегдота за време на вашите луксузни вечери кога се однесувате како да живеете во друг свет, на друга планета. До вас не допираат плачот, молбите, сиромаштијата, неправдата, луѓето коишто неповратно заминаа… тоа што сме поделени, гневни, фрустрирани, нервозни, болни, расплакани, што живееме бедно, со лекови за смирување, тон долгови и кредити кои ќе ги оставиме во наследство на децата и внуците...

Ништо не можеме да создадеме свое. Кое понижувачко, поразувачко чувство е тоа. Тука само со криминал можеш да заработиш, јасно ни го покажувате тоа секојдневно.

Ние другите, прости и недоветни, може само да си дебатираме додека устата не ни фати пена, да си копаме очи додека вие се богатите, да бидеме овци и магариња, сè до моментот наречен избори. Е тогаш сме битни. Во тие 2 дена сме (ви) најбитни.

Од што материјал сте создадени? Непробојни сте и на клетви и на пцости. Образот ѓон, душата мртвило. Совест – се нема, таму е некаде изгубена со новиот автомобил што го вози вашиот одвај полнолетен син.

Оваа држава е очигледно убава само за политичарите и програмерите. Ние другите комотно може да си ископаме дупка и да легнеме во неа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...
Поучна приказна: Во едно село живеел Горан, кој бил убеден дека е најпаметен од сите Во едно село живеел Горан, кој бил убеден дека е најпаметен од сите. Секогаш ги ...
Враќање во 90-тите: Најдраматичните сцени во хит-серијата „Касандра“ Лажно обвинување за убиство, киднапирање, заменети идентитети, невозможна љубов,...
„И по 27 години ми одѕвонува во глава пеењето на Тоше на нашата прва средба - се сеќавам на секој де... Од денешен аспект, сфаќам дека таа сабота, 6 март 1999 година, за мене е „голема...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg