Здраво лицемери! – греота се луѓето кои работат на празници, ама не престануваме да купуваме глупости

Капитализмот ќе нè уништи во секоја смисла. Тој веќе на големо го прави тоа, иако сè уште не сме свесни или одбиваме да поверуваме дека светот ни го придвижуваат пари и материјални добра, наместо вистински емоции.

Zdravo-licemeri-01.jpg

Во недостиг на вториве се обидуваме да ги пополниме празнините по секоја цена, купувајќи парталчиња и непотребни дребулии кои умеат да нè усреќат само за момент, најмногу 2 дена.

После тоа повторно сме истите раскенкани, вечно незадоволни, изгубени суштества кои се во потрага по смислата на животот.

Еве ја смислата на животот – сигурно не е во продавница, сигурно среќата не се крие во 10-тиот нов кармин  од 100 во твојата колекција која ја имаш дома.

Сигурно среќата не се 20 пара патики кои наликуваат едни на други „ама не, ти немаш изострено око како моето, еве гледаш тука трите линии се темно сиви, а тука на другиве малку посветли“.

Станавме алчни, ненаситни суштества без дно. Ништо не ни е доста. Не ни се доста парите кои ги заработуваме, не ни се доволни работите кои ги купуваме. И двете се премалку, а ние уште помалку задоволни.

Околу секој празник кај нас, речиси без исклучок, секогаш коментираме колку им е тешко и мачно на луѓето кои постојано работат во супер маркетите, во продавниците, во трговските центри, на пазарите, во кафулињата.

Но, тоа го кажуваме несвесно и механички. Бидејќи ние вистински немаме поим како е да се биде на нивното место. Кога нè услужуваат најчесто не ни погледнуваме во нив. Всушност, гледаме низ нив, како да се проѕирни, од стакло. Како да немаат душа.

А како би ја имале кога се изработени и напатени како ниедни други. Додека вие си лежите пред телевизорот или сте се спакувале да отпатувате некаде и да си го „излуфтирате“ мозокот, тие мора да се појават на работа. На Бадник. На Велигден. На 1-ви Мај. Секој ден, освен на 1 јануари. Има ли крај?

Немојте ве молам да почнете со тоа „па за што се платени, ако не да работат“. Платени се мизерно и недостојно за едни такви вредни работници.

Ги нема тие пари кои ќе ти го купат или вратат назад изгубеното време со семејството и саканите. Додека децата те чекаат дома и прашуваат кога ќе си дојдеш. Ти се брзаш да стигнеш дома, да ги видиш и гушнеш, а тие веќе заспале. Се премориле од чекање и прашување кога мама или тато ќе си дојде дома.

Нели е празник? Нели родителите на другите другарчиња не мора да одат на работа? Зошто мора да оди мојата мајка?

А ние останатите, како најголеми лицемери, како да не сме испазарувале доволно (а фрижидерот се прелева од храна), баш тогаш решаваме да одиме во продавница и да купуваме, да купуваме додека не папсаме! Еве, ќе се умре без тегла мајонез! Без таа бела кошула со навезени цвеќиња, без тие обетки, без тој парфем или часовник!

Многу ни е жал за вас кутри луѓе што сте заглавени на работа на делник и на празник, ама ете, ние дојдовме, МОРА да купиме мастики!

Џабе сочувствувањето со оваа категорија на луѓе, кога се само празни зборови. Ги кажуваме колку да се рече „Леле, греота луѓево, на празник мора да работат“, додека се буткаме со количките во редици, додека одиме на кафиња и се муртиме на првото затворено кафуле или кафеанче.

„Лудиве затвориле!“ Не, не се тие луди. Ние сме луди што сме се заакале и што мислиме дека светот ни е должен постојано да нè опслужува. Нам ни фали нешто во главите кога 5 дена во годината на најголемите празници не можеме да се смириме, да се завртиме дома со семејството или некаде во природа со пријателите, туку мораме да пазаруваме и уште толку да ги поттикнуваме продавниците да бидат отворени.

Ако никој не им отиде да купува, ако им се приклучиме на работниците со еден наш вид на бојкот, не верувам дека не би ја смениле политиката на работно време за празниците. Ама не, нам ни е поважен сопствениот ќејф.

Јака им душа на луѓето коишто работат на секој можен празник. Во нивните очи се чита тага која нема да ја искусиме ниту за 3 животи. Пуст живот, пуст капитализам кој ќе нè изеде сите, ќе нè изгрицка и исплука на тротоарот како ѓубре.

„За туѓи бели дворови, копај си црни гробови…“. Кој би рекол дека Рацин толку точно ќе ја превиди иднината?

Не знаеме како е да се чекори во нивните износени чевли, но без гајле, сигурно имате 20 пара патики дома кои ќе ви ја смират душата.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
Моќна поука која секој татко треба да му ја каже на својот син (како се цени жена) Си биле татко и син и тргнале по сладолед, но на патот дотаму таткото го научил ...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ... Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека н...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg