Газдата плаче: „Не можам да си најдам добри работници“ – Фала богу им текна да не ти работат за 200 евра

Мојата другарка има теорија дека сега дефинитивно не е моментот да си заминеме од државата. Со сиот одлив на квалитетен, работоспособен кадар, останати се премалку луѓе во Македонија, а со тоа и премалку добри работници. 

Ne-mozam-da-si-najdam-dobri-rabotnici-01.jpg

Можеби конечно и нам ќе ни дојде редот да го добиеме она што го заслужуваме, смета таа, затоа што навистина нема кој повеќе да работи.

Оваа теорија, колку и да звучи смешна, сè повеќе станува вистинита. Последната случајна средба со еден скопски „газда“ ме натера да ја анализирам целата ситуација и да сфатам дека не останаа повеќе луѓе за работа, ама ниту будали што ќе си ги кршат коските за 150 до 200 евра месечно.

Скопскиот газда е нервозен, се жали како не можел да си најде добри работници. Или се прави наудрен или е навистина до толку будала што не знае всушност колку лош работодавач е.

Сите од ваков калибар, прво треба да се запрашате – зошто ги губите добрите работници? Зошто ви бегаат од фирмите? Во вакви кризни времиња, луѓето не можат да си дозволат да седат на работа, кога платата доцни со месеци. Во Македонија платата доцни 5 дена и веќе те фаќа паника и не знаеш што со себе.

Не може да ги лажеш луѓето дека немаш пари за да им поделиш плата, а веќе следниот ден да купуваш нов автомобил за синчето. Или заминуваш на скап одмор со семејството.

Не може човекот што ти е вработен за една определена работа да има 27 задолженија, кои воедно опфаќаат и плаќање на твоите сметки, подучување математика на малиот татин принц или пишување состави за писмената по македонски јазик.

Не може да се однесуваш кон вработените како да се најголемото ѓубре, како тие луѓе да немаат грам достоинство, како да ти се чергиче на кое си ги бришеш скапите чевли.

Не може да ги пријавуваш на половина работно време, а работат 40 часа неделно, да „фаќаш кривини“ и да не им го покриваш здравственото осигурување, да не им дозволуваш да користат боледување и да им потенцираш дека сега не е погоден моментот вработената да мисли на второ дете.

Не може да им исплаќаш К-15 на хартија, а подоцна да ги тераш кришум да ти ги враќаат парите на рака. Да им вршиш мобинг, да не знаат што е делник, а што празник, а ти да се смееш на нивните барања за плаќање на прекувремената работа, да ги множиш со нула!

Многу ми е мило што конечно дојде моментот и сфативте дека не сте Господ. Затоа што очигледно уживавте во таа улога, ама и на тоа полека му доаѓа крајот.

И сега нема добри работници? Нема. И ќе нема! Каде и да поминете, каде и да се завртите, во секоја можна продавница, бутик, кафетерија, ресторан, агенција, секаде има прикачено оглас за вработување.

А вие сè уште не можете да најдете никого? Навистина, ја нема таа будала што ќе биде секретарка, пардон, технички асистент и кафе-готвачка и чистачка и психијатар за вашите растроени нерви и комплекси за 200 евра месечно.

Ајде да се мрднеме од сумата од 200 евра. Пред неколку дена налетувам на оглас за вработување во сериозна компанија. Нац’цкан, налицкан, накитен фино, како народна носија.

Се бара високо образование. Се бара минимум 5-годишно работно искуство. Се бара задолжително познавање на англиски јазик и активно познавање на најмалку уште еден странски јазик (пожелно тој, тој или тој).

Се бара напредно познавање на компјутери. Се бара уште не знам ти што. Следува листа со неверојатни 18 редовни работни задолженија. Потенцирано е дека: ќе се останува прекувремено, дека се работи и саботи, дека работникот треба да е флексибилен на повици. Во превод, се бара роб.

Бидејќи платата која е наведена изнесува цели 20.000 денари месечно.

Кој ќе ви дојде да го работи сето ова, со минимум 5-годишно работно искуство, со сите наведени квалификации во денешно време? Ви заминувале младите и способните во странство? Не заслужувате ништо подобро.

Заслужувате да останете да си ги работите сами фирмите, да видиме колку сте способни, бидејќи нели според вас „секој е заменлив“. Бујрум, работете си самите. Или уште подобро, вработете си ги децата во фирмата.

А на крајот од месецот, исплатете си 20.000 денари на сметката. И почнете да ги терате наредните 30 денови до следната плата. Па кога ќе видите како се „крпи“ животот со тие пари во Македонија, можеби конечно и ќе сфатите колку вреди добриот работник.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
„Ми се одмили Козјак за викенд, но бев во работен ден и беше идилично“ „Отидов после работа и на Козјак ме пречека спокој каков што не очекував. Немаше...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg