Да се јаде бурек во автобус, да се грака гласно на мобилен и да не ѝ станеш на бремена жена се одлични идеи, нели?

Во Јапонија се смета за непристојно доколку зборуваш на мобилен телефон во јавниот сообраќаен превоз. Да дојдат кутрите Јапонци во Македонија и да се провозат во нашиот градски сообраќаен превоз ќе се избезумат.

Da-se-jade-burek-vo-avtobus-e-odlicna-ideja-01.jpg

Тука ќе бидат сведоци на гласни расправии и кавги кои не може да се решат во четири очи, туку се анализираат преку телефон во 7.30 часот наутро.

Ќе поднаучат и некој рецепт за посни колачи од последната слава кај Марето и ќе ги слушнат сите причини зошто синот на господинот кој седи најназад не бил унапреден иако веќе волонтира неколку години во судот и е многу вредно и паметно момче, ама ете, нема среќа, ниту во работата ниту со девојките.

Не мора ниту да се напрегаат, разговорите се слушаат од Ѓорче до Ново Лисиче, мислиш патниците голтнале мегафон. Толку ли сте жедни за внимание и разговор што мора сите да ве слушнат или тоа да го правите токму во автобус, а не на кафе како нормални луѓе?

Во ред, ајде некако да ги голтнеме разговорите. Што ви е луѓе со торбите на рамо и ранците на грбот? Дали сте слушнале за најосновен бон тон на однесување во автобус? Не може префинети госпоѓи да се пробивате помеѓу патниците што стојат во преполн автобус како некоја фурија и да ги мавате сите со торбата на рамо.

Попатно, ви се закачува помеѓу луѓето, а вие уште толку налутено ја тегнете. Не е некоја научна фантастика, доволно е да ја симнете торбата од рамо, да ја приберете покрај своето тело додека се разминувате со другите патници или се симнувате од автобусот.

Оваа лекција не сте им ја пренеле ниту на вашите деца со преполните ранци на грбот. И тие како и вие безумно се туркаат и целиот свет им е виновен што се како дел од некое полудено стадо.

Не знам како и едните и другите не забележувате дека ги удирате луѓето со товарот. Треба да си навистина целосно опериран од емпатија и емоции за да не видиш дека твоето однесување е погрешно.

Освен за тие што имаат здравствени проблеми како дијабетес па мораат да лапнат некое бонбонче или мало чоколатце во автобус, што е со другите што не можете да го скротите апетитот за неколку станици?

Толку ли ви е привлечна идејата за појадок во автобусот, распослани со хамбургери, буреци и сендвичи во јавниот сообраќаен сервис?

Сите нешто глумиме фини, се гнасиме од бактерии, ама да се јаде бурек среде целата таа нехигиена е одлична идеја навистина. Само продолжете така, пријатен апетит, автобусот е навистина најдобрата можна локација за ручек.

Вие што си ги соблекувате чевлите за да си ги одморите нозете по напорниот работен ден во градскиот автобус сте посебна категорија на луѓе за кои навистина нема доволно апчиња. Побарајте помош од лекар или фармацевт. 

Сите што не им станувате на: бремени жени, жени со мали дечиња, постари луѓе кои евидентно се изнемоштени и се гледа дека не им е дојдено до тоа бесплатно возење со автобус, туку морале да се качат во него од мака, треба да се погледнете во огледалото откако ќе си дојдете дома и да прашате – што не е во ред со мене?

Конечно, во автобусот се возат ама баш секакви луѓе. Стари, млади, сиромашни, богати, чисти и небањати. Ама постои категорија воспитани луѓе кои знаат како да се однесуваат во него, без разлика на возрасната категорија, финансискиот статус или физичкиот изглед.

А воспитувањето го имаш или го немаш. Сè уште не сум слушнала дека некаде се купува.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Омиленото годишно време открива какви сте во љубовта (но и каков ви е карактерот) Многу работи го дефинираат начинот на кој луѓето сакаат и се однесуваат во љубов...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg