Корзото, маалските дружби, кино Бамби – По што го паметите детството во Скопје?

Една од групите на Фејсбук која со задоволство ја посетуваме и следиме е „Стари Скопјани“. Овде, без исклучок ќе најдете интересни теми, спомени, сеќавања, фотографии од нашето сакано Скопје.

korzoto-maalskite-druzbi-kino-bambi-po-sto-go-pametite-detstvoto-vo-skopje-01.jpg

Последна тема која навистина ни остави впечаток и коментари кои со задоволство сакаме да ги споделиме и да си ги чуваме во категоријата „Евергрини“ е „По што го памeтите детството во Скопје?“.

Различни времиња, различни генерации, секој ќе се пронајде во нешто од споменатото. 

Ги издвоивме нашите фаворити кои знаеме дека ќе ве вратат во вашите најубави денови:

„Жмурка, камај, нека бие, возење ролшуи“ – Анета Георгиева

„Санкање на Љумфер брдо и на Водно, чорба во 5.00 сабајле во Мали одмор, редици за леб и кисело млеко пред "Идризово" на плоштад.... “– Љупчо Јакимовски

„По мирисот на липите, јадењето зелени сливи, кајсии, петровки...На еден точак сите се возевме, играње на улица.“ – Петревска Кизова Ана

„Секое неделно утро со татко ми во кино Бамби. Ѕид на смртта на Кале. Обавезно купување на фустан во Беко за земање на свидетелства. Многу лизгав Камен мост во зима. Кој ќе купи прв нов број на Браво. Помфрит од Метропол на плоштад.“ – Марија Банчотова.

„По безгрижните игри во маало со многу другарчиња иако живеев во строг центар! Качување по дрво до трети кат да ти соопштат нешто или цепење дрва, ќумур... не е едно сеќавање туку цело прекрасно детство!“ – Соња Ксенија Ставриќ

„Мојот Карпош... првиот бакнеж пред Симпо....тркалото пред Драмски театар....табла се врти на сите страни....ах..убави времиња.“ – Вале Митревска

„По Градскиот парк, Кермез, летното кино, Кино Утро, кривината на Треска и спортско – рекреативниот центар Сарај. “- Делчо Гавровски

„Вировите со жаби и полноглавци и градењето на Капиштец. Стоев и ги набљудував да видам како тоа полноглавците ќе станат жаби. Преполните падини на Водно секој викенд, „тепачка за местенце на трева и за игри, чувството во градите на „доаѓање“ дома кога од старата автобуска станица ќе дојдеш до средина на Камени мост и се отвора плоштадот. Ако се важи, не сум родена во Скопје, тука „пораснав“.“ – Буба Гурева

„Изгор лета со комарците, бањањето во Вардар, детските игри по цел ден, книгите од Детската библиотека, најубавиот сладолед и боза, посета на Детскиот забавен парк со популарните чамци за лулање, санкањето од Водно, тепањето со снежните топки, правење на Снешко, топлење на нозете во рерната, печени коштани, мушмули, сушени кајсии и сливи, компот, салеп, сите преработки од свинското месо, испарувањето на мокрите алишта закачени на едно јаже над шпоретот. Мал простор за едно навистина богато детство !“ – Анастасија Петровска

„Липите на ул. Драгувити -Ѓорче Петров 2. Безгрижните детски игри, жмурка, граница, мати мати колико је сати, брканица на една нога, детска пошта.... Саатчискиот дуќан на дедо ми во Чаршија, ќебапчиња кај Дестан... Универзална сала, концерти, новогодишни претстави. Кино Култура, Манаки....Хамбургер кај Чичко Стоилко, Аркадија, Седмица. Свирки во Вулкан, Маракана, Лејди Блу, Браво, СФ, Кастро... Металски денови на Црква и Коцка“ – Мила Милковска

„Населба Пролет, мирисот на ружи и расцветан јасмин, шампитите и бозата во Шехерезада, кино Вардар, стоковната куќа на плоштад, трафиките пред неа“ – Олга Јованова

„Маалска дружба, игри по цел ден. Па зимо, додека не ти помодрат рацете од студ нема прибирање дома.“ – Виолета Иванова

„Маалските односи меѓу децата, на децата со возрасните и на возрасните со децата. Незаборавниот соживот во таа маалска хармонија останаа да живеат само во спомените. Денешната отуѓеност постојано потсетува на тогашната човечка спонтаност и меѓусебна почит.“ – Лилјана Шаровиќ

„По пајтоните пред железничка станица, првата самопослуга "Славија" , пионерскиот воз, Кики и Доди во циркус, корзо, концертите во Офицерски, летното кино "Балкан", куклениот театар, амамот кај пошта...“ – Снежана Пановска

„По калдрмата и улицата бр.90 во Пајко маало, по која се враќавме од Корзо, а пред куќите на столчиња седеа старите скопјанки и на сите по ред се јавувавме со „Добра ви вечер“, а мајка ми нè чекаше потпрена на прозорот“- Цветанка Бундалеска

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
Теа Трајковска за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив: ‘Ооо, па не било толку страшно’“ „Најчудната и најсмешната порака што сум ја добила на Инстаграм е: 'Те сону...
Александар Митевски за CRNOBELO лексикон: „Малку ми е незгодно кога во кафеана ќе засвират и некоја ... „Една работа за која се каам во кариерата се политички кампањи и политика. Со го...
Марко Новески за CRNOBELO лексикон: „Девојче ме бакна во IV одд. со јазик - цела ноќ имав нагони на ... „Моето среќно место е куќата во Струга и тие детски денови во Езерски лозја поми...
Александра П. Илиевска за CRNOBELO лексикон: „Си го прифатив носот кој долго планирав да го оперирам... „Додека носев шишки ме прашаа кое тенџере е примерокот по кој ме шиша фризерот“,...
Симона Поповска за CRNOBELO лексикон: „Ми кажале дека имам глас како пудинг од ванила“ „Како мала обожавав да истражувам и да си поставувам цели. И бев решена да се ис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg