Скопјанец ни сподели случка со бабичка што ќе ви ги насолзи очите: „Ах бе дете, на 70 години, никој не те есапи“

Збунета и безнадежна бабичка влегла во скопска продавница да бара услуга бидејќи на нотар не ѝ ја завршиле - млад дечко ѝ помогнал, а таа му укажала на важна, животна лекција - Дарко од Скопје ни сподели секојдневна случка која отвора очи.

ah-be-dete-na-70-godini-nikoj-ne-te-esapi-babichka-uchi-na-zhivotni-lekcii-vo-skopski-lokal-01.jpgфото: depositphotos.com

Зарем толку е тешко некогаш да им излеземе во пресрет на постарите луѓе кои сами не можат секогаш да направат сè, дури и кога тоа не е наша работна обврска?

Разговарајќи со пријател, дознавме за една случка која неодамна се случила во Скопје - на почетокот нè натажи, а потоа сфативме дека уште постојат добри луѓе. 

Станува збор за 70-годишна бабичка, која сакала да завери документ на нотар, но не ѝ го прифатиле бидејќи е рачно напишан. Секако, ја разбираме поентата на нотарите бидејќи тоа е правило - документот мора да е испечатен. Сепак, зарем не може некогаш како луѓе, а не како работници, да им се излезе во пресрет на постарите лица кои на пример, немаат компјутер, ниту печатач, ниту пак знаат каде да се обратат и беспомошно лутаат? Па макар и ако услугата ја наплатат или пак, да ги упатат некаде...

Очигледно не, како што вели баба Ката, на 70 години веќе никој не те есапи. За жал...

Баба Ката безнадежна влегла во продавница за електронски уреди и прашала каде може да и го искуцаат и испринтаат документот, а Дарко од Скопје, кој е вработен таму, ни ја раскажува во прво лице случката која го трогнала, но и доброто дело кое го направил, со кое не сака да се фали, туку да поттикне што повеќе луѓе да ја покажат човечката страна во себе. Сите еден ден ќе бидеме стари...

За CRNOBELO.com Дарко (23) ја споделува случката во целост:

Си седев на работа и си терав некои утрински ритуали - правење нарачки на роба со утринско кафе и слично, и одеднаш го слушам звукот на електричната шибер врата, која го означува стартот на денот - првиот клиент.

Но она што денес беше поразлично од секој друг ден е тоа што првиот „клиент“ речиси едвај го видов од мониторот на компјутерот пред мене, бидејќи тоа беше бабичка која во своите раце држеше некаков лист хартија. Откако културно ме поздрави и се претстави како баба Ката, ме праша каде може да најде некој што може да и искуца и испринта нешто. Збунет, ѝ реков дека фотокопирница има во близина, но дека не знам каде би можело некој да ѝ искуца...

Нејзиниот полу-исплашен лик ме натера да ја прашам за што се работи. Таа ми објасни дека сака да ѝ го поклони својот дел од куќата на својата сестра и дека тоа сака да го направи токму денес, бидејќи денес, нејзината сестра го прославува својот роденден, и сè со една прекрасна цел - да ја израдува сестра си, но уште потажно објасни дека тоа не може да го направи бидејќи на нотарот во близина не ѝ ја прифаќале рачно пишаната изјава, која всушност беше листот хартија кој цврсто го држеше во рацете.

Уште позачуден ја прашав зошто таму (на нотарот) не ѝ ја искуцале изјавата, која беше не повеќе од 5 реда текст. На тоа баба Ката тажно и тивко одговори „Ахх бе дете, 70 години човек, никој не те есапи денес...", а потоа тргна да си оди по патот и да бара спас некаде.

Тоа беше „последната капка во чашата", која потполно ме потопи и во мене внесе помешано чувство на тага и лутина. Без размислување потрчав кон неа, ја земав изјавата и ја поканив да влезе во продавницата. Уредно ја искуцав изјавата која беше веќе фино скоцкана и осмислена од неа и претходно напишана со нејзините стари раце чиј трепет беше евидентен по самиот ракопис.

Додека ја печатев изјавата на принтерот, баба Ката почна со солзи во очите да ми се заблагодарува и да ме кити со разни благослови кои беа кој од кој поубав.
Не ја имаше ни земено изјавата кога одеднаш со брзање ја напушти продавницата... Е сега бев потполно збунет. Не ми беше јасно што се случува. Стоејќи со испечатената изјава во раце се прашував каде ли замина?

По неполни 3 минути, баба Ката повторно влета во продавницата и со своите мали чекорчиња забрзано се приближуваше кон мене. Во рацете држеше чоколадо кое го купила од трафиката во близина на продавницата.

Ми рече: „Повели синко, да се заблажиш". Насмеан ѝ се заблагодарив и реков дека немало потреба да се троши. Таа извади мал крст од чантата, го впери кон мене, а потоа следеа зборовите кои го одбележаа мојот ден...

- „Нема проблем синко, парите како пари се трошат и не се битни, битно е да си човек во ова лудо време - невреме, а ти денес и те како покажа дека си човек. Редок си. Да си ми жив и здрав и да ми се чуваш.“

Седнав и добро размислив за целата случка. По некое време сфатив што добив, а што „изгубив“.
Она што го добив е позитивно и убаво чувство поради мојот добар гест, добив мир во душата знаејќи дека поклонот и изненадувањето на баба Ката ќе ѝ успее. Добив пофални зборови и најубави благослови. И она што е најскапоцено од сè, успеав да го променам личниот израз на баба Ката од тажен во среќен за само десетина минути.
А она што го изгубив се 10 минути од мојот ден, кои не ми сменија ништо и изладеното еспресо. Но, ново кафе чини 30 денари, а како што ме научи баба Ката „парите ко пари се трошат и не се битни, битно е да си човек во ова лудо време - невреме“.

Дарко ни нагласи дека приказната не ја споделува за да се фали колку добар човек е, туку за да ги потсети сите дека во ова време навистина е потребно малку за да бидете човек и вашата мала помош, за некого може да значи многу.

Како што вели тој - Добар човек не ме прави само еден добар гест, добри луѓе нè прави раката која што треба да ја подадеме кога сме во можност на оној на кој во моментот му е потребна, а притоа не сме ни свесни колку тоа може некому да значи.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Ако и вие имате некоја интересна случка од секојдневието која сакате да ја споделите, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

М. М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg