Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк


Ми недостасуваат прегратките што се мерат во минути и спонтаноста да се напиеш од туѓа чаша по грешка

„Досадно ми е, сè ми е досадно“, имав навика да кажам порано додека моите ми велеа „и вие младите барате преку леб погача“.

Mi-falat-pregratkite-sto-se-merat-vo-minuti-01.jpg

Убаво рекле постарите, ќе дојде момент кога ќе сфатиш колку многу си ги земал нештата „здраво за готово“. И колку малите работи навистина го прават животот.

Покрај секојдневниот стрес поради пандемијата и неминовната изолација во домовите нешто слично како на почетокот, повторно, и по којзнае кој пат, се навраќам на работите што најмногу ми недостигаат.

Ми фали такво спонтано излегување – кај си, таму, доаѓам да те земам и одиме! И без стратешки планови од типот на леле маската, леле гелот за дезинфекција, леле антибактериските марамчиња, леле суплементите, да излезам просто и да се помешам помеѓу народ.

Гужва ми недостасува! Да се заплеткам помеѓу толпа на концерт и некој случајно да се удри во мене и да се насмееме или да си подвикнеме, сеедно.

Дружби со сакани лица, со познати и непознати, каде што навистина не ти е гајле дали некој се напил од твојата чаша или ти си се напил од нечија туѓа по грешка.

Ми недостасува безгрижноста на пробување облека во гардеробите. Ми фали кино и театар. Спортски натпревари и навивање. Вежбањето во сала, наместо дома пред компјутерот. Сите овие мали ритуали и „издувни вентили“ на негативна и собирање на позитивна енергија во себеси.

Ми недостасува излегувањето надвор од границите на Македонија. Мирисот на морето. Откривањето нови локации. Влечкањето на куферот и тропкањето на тркалцата.

Ми недостасува она простото „да пукне“ со дланките во воздух или обично ракување со човек кого го запознаваш за прв пат и го кажуваш своето име.

Ми недостасуваат прегратки, толку многу. Да се изгушкаш со оние што ги сакаш, силно додека не почувствуваш како крцнуваат коските, додека не се заборавиш од прегратките што се мерат во минути, не во секунди.

Обичните бакнежи во образ. Здраво, цмок. Не се сеќавам од кога не сум ги бакнала саканите луѓе во образ, во чело, во коса.

Ми недостасува да влезам во домот, не размислувајќи дали нешто сум залепила на чевлите и како фурија да се раздвижам низ сите соби во потрагата по заборавениот клуч и безгрижно да си излезам. Без да морам да ги соблекувам, одново и одново, и да ги дезинфицирам до распаѓање.

Ми недостасува слободата која увидовме дека не е бесконечна, дека е толку скапоцена, а не сме ја ценеле доволно. И безгрижноста и спонтаноста и сите други апстрактни зборови кои не можеш да го допреш, а сепак сакаш толку силно да ги почувствуваш.

Сепак, благодарна сум. Благодарна сум што сме здрави, што се чуваме и што имаме надеж дека наскоро овој кошмар ќе заврши. Благодарна што го имаме сонцето и планините и шумите низ кои може да прошетаме, без да го изгубиме паметот дома.

Кога ќе изгубиш толку многу останува само да се заблагодариш и за она малку што го имаш и да си бескрајно благодарен.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Леле, види ја ама се теткосала“ - Во Македонија човек како да не смее да остари, секој има коментар... Зошто судите? Дел од жените верувајте живееле потешко од вас, дел од нив се сооч...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Илариа Кирилов за CRNOBELO лексикон: „Среќна сум што си купив автомобил од парите што сама ги зарабо... „Идол ми е мојата мајка. Иако некогаш бев своеглава сега можам да ѝ симнам шапка...
Во автобус од Скопје до Милано патував со жена на која сè ѝ пречеше и само се бунеше - Зошто не е уб... На почеток да појаснам која е „Славица“ (ако не знаете) - тоа е секоја жена на к...
Елена Ристеска за CRNOBELO лексикон: „Љубовта на моите родители ми е пример како да се одржува однос... „Како дете двапати без повод бев нападната, меѓутоа толку многу ги тепав што на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg