Магијата на летувањето во 90-тите: Камп-приколки во Преспа, „комунистички“ хотели и сладолед Снежец

Дојде летото, и додека прелистувам на booking.com да најдам сместување во Охрид се сеќавам како беше кога одевме на одмор во моите детски и тинејџерски години.

na-letuvanje-vo-90tite-kamp-prikolki-vo-prespa-komunisticki-hoteli-i-detski-odmoralishta-01.jpg

Тогаш немаше толку фенси хотели и ресорти, вили со базени и раскошни апартмани, а патувањето надвор од границите на Македонија беше за оние со навистина подлабок џеб.

Јас научив да пливам во Преспанското Езеро додека летувавме во Крани и Отешево, и тоа во камп-приколки, вистинско десетдневно доживување. Одевме и во детски одморалишта на брегот на Охридското Езеро, онака, група од училиште, ама без родители, а врв беа хотелите во Охрид и Струга, едноставни, но за тоа време прав луксуз, со тешки завеси на прозорците, дебели теписи и широки скали со дрвени огради, а не смееше да фалат скулптури од жива ограда во дворот заедно со фонтаните.

Комунистички шарм на летните одмори

Родена сум во 88-мата година, и иако растев во независна Македонија, сепак долги години се чувствувaше комунистичкото влијание. Додека растев, а и сè уште по дома од моите слушам колку убаво се живеело во Југославија, а посебно раскажуваа за одморите на Јадранот, велеа со едно фиќо се стигало од Скопје до Црна Гора, и тоа по стариот пат, натоварени со гајби пиво и газиран сок, мали ладилници, чадори и оние познатите, полски креветчиња на расклопување.

na-letuvanje-vo-90tite-kamp-prikolki-vo-prespa-komunisticki-hoteli-i-detski-odmoralishta-05.jpgФото извор: Twitter

Се сеќавам на хотелите Европа во Отешево и Дрим во Струга, со мали удобни соби и балкони со поглед на езерото, а верувам дека никогаш нема да ги заборавам малите бели шолји за млеко со сина линија.

Верувам дека во сите хотели ширум старите југословенски држави можеа да се најдат истите шолји, а и целиот сервис за ручек и вечера, од Порцеланка, секако. Тие биле и секогаш ќе бидат, барем за мене, симбол на комунистичкиот шарм.

na-letuvanje-vo-90tite-kamp-prikolki-vo-prespa-komunisticki-hoteli-i-detski-odmoralishta-07.jpgФото извор

По долгиот ден на плажа вечерите завршуваа во рестораните со жива музика, каде секоја пејачка сакаше да биде Лепа Брена, со ѕидарско пиво за возрасните и Кокта или Оранжада за децата.

Оние, побогатите летуваа на Златните Песоци или краците во Грција, но за повеќето Југословени Јадранот беше поим за одмор. Па и јас, море прв пат видов во Суто Море на брегот на Јадранското Море.

Летување во камп-приколки

Мали лимени конзерви на брегот на езерото, со кревет кој истовремено служеше и како спална и како дневна, креветчиња на спрат и мини фрижидерче, тоа беа стандардните камп-приколки во кои уживав како дете во Преспа.

Не знам зошто, ама мајка ми повеќе го милуваше Преспанското Езеро за летен одмор отколку Охрид и Струга, велеше, водата во Преспа е потопла, повеќе е за деца. За неа, Охридското езеро беше ладно, а Дојран полн со комарци. Крани, Отешево и Претор, тоа беа нашите дестинации во 90-тите години.

Врежани се во мојата меморија тие мали бели камп-приколки на брегот на Преспанското Езеро во населбата Крани. Дедо ми работеше во Охис, па преку целата година плаќаше рата за да може да летуваме десет дена во јули. Ама такви кампови имаа сите поголеми фабрики и речиси сите вработени можеа да си дозволат одмор на плажа. Братство и единство нели?

Имаа мали кујни, а имавме среќа кога шпоретот беше надвор, бидејќи инаку не би се спиело, што е топлината, а што од мирисот, таа долготрајна арома на пржени гирици кои чичкото со велосипед ги продаваше секое утро низ кампот. Секако, мораше и за дома да се купи риба од Преспа.

Кампот во Отешево имаше ресторан, па не моравме да готвиме, ама мораше да се почитува редот и времето за секој оброк. Како дете им завидував на тие што беа во бунгаловите, не за друго, бидејќи не мораа да чекаат во редици за туширање.

na-letuvanje-vo-90tite-kamp-prikolki-vo-prespa-komunisticki-hoteli-i-detski-odmoralishta-09.jpgФото извор

На плажа по цел ден, со сламени лежалки и шеширче, голема гума за пливање и Снежец, легендарниот сладолед. Немаше тогаш изнајмување на лежалки, ниту барови на плажа, чадори носевме од дома, и секако сок и пиво кои брзо се стоплуваа, па јас како најмала, морав да трчам со приколката да земам ладни.

Млеко за сончање, секако од македонско производство, а потоа, масло од кантарион, да се фати чоколадна боја, да знаат соседите и колегите дека сме биле на одмор.

Една самопослуга за целиот камп и еден ресторан, со жива музика, да нагласам, неколку лулашки и клацкалки и тоа беше сè, но уживавме и се забавувавме, карти, кукли и „не лути се човече“, криенка и брканици. А вистинска атракција беа душеците за вода, оној легендарниот во сино-црвена боја и гумените чамци со пластични весла, иако наменети за двајца, влегуваме по пет-шест клинци во нив.

na-letuvanje-vo-90tite-kamp-prikolki-vo-prespa-komunisticki-hoteli-i-detski-odmoralishta-03.jpgФото извор

А мал вистински кошмар беа тоалетите, да за целиот камп, редици за туширање и кавги за топла вода. Ние полневме шишиња и ги ставаме на покривот од приколката да се стоплат. Не верувам дека сега би го правела тоа!

Детските одморалишта-сон на секое дете

Сам на одмор без родителите со другарките од училишните клупи, и тоа десет на плажа, тоа беше сон на секое дете, барем на моите врсници. Вистинско доживување беа тие летувања во големите детски одморалишта во Струга и Претор, барем јас бев таму. Собите со многу двокатни кревети и голема менза каде сите јадевме заедно, со долги редици со пластични послужавници.

Понекогаш дури помагавме во кујната или во чистењето. Секоја вечер различна забава или активност, водени лудории и спортски натпревари, а место смс-пораки и телефони, праќавме разгледници дома. И секако апаратот со 36 пози за целиот одмор, кој го чувавме за специјални моменти и групни фотографии.

na-letuvanje-vo-90tite-kamp-prikolki-vo-prespa-komunisticki-hoteli-i-detski-odmoralishta-06.jpgФото извор: Pinterest

Десет дена во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга, преку ден на плажа, навечер на шетање, а јаготка на шлагот, патувањето со брод до Свети Наум. Звучи едноставно, но дваесет години подоцна, се сеќавам како вчера да беше. За жал многу летувалишта кои порано беа полни со деца од цела Македонија и пошироко, каде јас и многу мои врсници креиравме прекрасни спомени, денес се со клуч на врата и без детски џагор.

Не попусто се вели убавината е во малите нешта и едноставноста, па овие летувања во раните 90-ти години засекогаш ќе бидат дел од мојата меморија, слатки спомени од едно безгрижно детство, каде со малку финансии успеавме многу да уживаме да ги цениме малите работи, плажа и сладолед од 10 денари, оние кои всушност беа замрзнат сок. Без помпезност и каприци, без мода и трендови, среќни бевме што десет дена ќе можеме да бидеме крај езеро или море.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови  и фотографии е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg