Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк


Не е срамота да си купиш гаќи 3 за 100 од пазар - срамота е да купиш кабриолет, а немаш за регистрација

Не е срамота да купиш парфем на точење, памучни гаќи 3 за 100 денари или пешкири со купони за попуст од локалниот маркет. Срамота е да немаш, а пред луѓето лажно да се претставуваш како Мистер Џек. Од каде оваа потреба? Зошто толку патење од комплекси?

ne-e-sramota-da-si-kupish-gakji-3-za-100-od-pazar-sramota-e-da-kupish-kabriolet-a-nemash-za-registracija-01.jpg

Води луксузен животен стил, чиниш прво колено на кралицата Елизабета е, ама нема пари да си ги плати сметките и основните работи за живот.

Се фали како си купил кабриолет, а нема пари да си го регистрира и бара милостина. Се дотерал како од моден магазин, а оддолу чорапите скинати му се.

Живее парада за јавноста, а дома едвај крај со крај сврзува.

Се фали со раскош, а банкарското салдо му отишло во минус за три наредни генерации.

И во ред е да немаш. Не е срамота да немаш. Многу луѓе немаме за животен стил кој може да се нарече пристоен. Таква ни е државата, со многу работа малку може да се постигне.

Но, не е во ред да немаш, а пред луѓето да се претставуваш како Мистер Џек.

Од каде оваа потреба? Зошто толку патење од комплекси?

Зошто не сме природни, искрени и отворени со луѓето? Зошто сакаме да прикажеме лажна слика од себе?

Па, таков е животот, некогаш имаш, некогаш немаш и не е срамота, сè додека чесно работиш.

Не е срамота да си купиш патики од пазар, не е срамота да кажеш дека пазариш на акција во маркет, не е срамота да споделиш дека годинава немаш финансии за да си дозволиш одмор.

Не е срамота да жртвуваш одредени работи во име на задоволување на основните потреби. Не е срамота да купиш парфем на точење, памучни гаќи 3 за 100 денари или пешкири со купони за попуст од локалниот маркет.

Срамота е да се срамиш од тоа што си или од ситуацијата во која се наоѓаш. Срамота е пред луѓето да се претставуваш во лажно светло, а дома да трпиш во име на тоа.

Срамота е да чувствуваш дека не си доволен таков каков што си за да бидеш сакан, ценет, почитуван и да чувствуваш дека мораш да лажеш пред народот дека си нешто што не си.

Срамота е да глумиш лудило и да ги потценуваш другите, а притоа самиот си во многу полоша ситуација од нив.

Срамота е да ги злоупотребуваш добрите луѓе околу тебе во име на некои твои лични себични цели за да креираш лажен имиџ.

Срамота е постојано да се ставаш себе на прво место и да сметаш дека туѓите животи не се важни, важен е само твојот и сите треба да работат во име на подобрување на истиот.

Срамота е да блескаш однадвор, а да си празен однатре.

И да, срамота е да купиш скап кабриолет, а да немаш пари да го регистрираш само поради тоа што ќе кажат луѓето за тебе.

Време е да сфатиш дека срамота е да се срамиш од себе. Ништо друго не е срамота!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ако имаш проблем - моли му се на Бог, ако немаш проблем - моли му се на Бог Во животот секој од нас има миг во кој се соочува со проблеми и предизвици. ...
Отидов во скопска болница на закажан термин за преглед на дете, од пред 1 месец - Немаше доктор, оти... „Ортопедија? Имате закажан термин? Па, ние немаме доктор ортопед. Докторката оти...
„Мамо, заработи ли во странство доволно пари за да ми купиш ново детство?“ – трогателно писмо кое ќе... „На мои 4 години со тато отидовте во странство за да заработите за мојата иднина...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg