Секогаш истата песна – најсиромашните први даваат пари, богатите не вадат ни 100 денари за роденден на колега

Секогаш кога имаме роденден на работа, речиси без исклучок, се повторува истата песна. Едни исти луѓе упорно се прават наудрени и одбиваат да дадат цели 100 денари за подарок на славеникот. И секогаш со истите зборови – „Аман од овие родендени, секој месец има по некој“. Да, има. Ајде ако не, за вие да се чувствувате поубаво, луѓето да не слават роденден.

Sekogas-istata-pesna-za-rodenden-01.jpg

Нема да ми е криво за овие муабети ако се тип на луѓе што немаат доволно пари и одвај врзуваат крај со крај во месецот.

Не, верувајте дека ваквите луѓе, со најмалите плати, најскромните, секогаш први вадат пари од џебот. Никогаш не направиле проблем околу сумата, никогаш не превртувале очи, не рекле – „аман, мора ли тој и тој да има роденден денес?“

Оние пак што земаат речиси двојно поголеми плати од првите што ги опишав погоре, ги прават сите овие работи. Негодуваат, превртуваат со очите, пуфкаат со усните и офкаат како да сакаш да им го украдеш првороденото дете.

Ќе кажат 10 изговори за тие 100 денари и на крајот – пак нема да ги дадат. Секогаш им е под честа и понижувачко да се појавуваат на ваквите родендени кај некојси колега, ама мистериозно се појавуваат први, а си заминуваат последни.

Безобразно лапаат и по неколку парчиња торта, се џапаат да земат повеќе кифлички и да се напијат повеќе пијалаци. Веројатно за да не мора да ручаат дома.

И жално, но вистинито, луѓето кои секогаш први даваат пари без проблем, за тие неретко и не останува торта. Не може да дојдат на ред од богаташите наши, скржавците за цели 100 денари.

На овие, што им е под честа да присуствуваат на некаква си третокласна забава на работа, уста не можеме да им затвориме додека се честиме.

Од колите што ги возат – „што бе, ти уште си со таа кантата од 2005-та?“, до скапите фризури „ма што ќе ти направи маалска фризерка за 200 денари, ајде те молам“, до последното големо реновирање по дома „Маци, гарнитурата е од телешка кожа, ти не знаеш, а бе ’спие‘, живо џабе, 2500 евра ја зедовме“…

Откако добро ќе се накркаат, ќе се налокаат и ќе ја потечат устата од фалби, си заминуваат со полни стомаци. И секако, со 100 денари вишок во џебот. Да не осиромашат, кутрите.

Немојте само да викате – па затоа и имаат. Арам нека е таквото имање пари. Пари можеби имаат, ама образ и срце не се купуваат со нив.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

 (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Другарка ми остана бремена, само за да направи забава за откривање на полот и мини свадба за прв род... Драги мои, неверојатно е колку модерното време ни ги промени животите. Сите оние...
Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
2-ри мај и денес ме потсетува на излет, скара и денот кога го запознав Ричард Гир на Водно Се сеќавате дека до пред 15-тина години Денот на трудот се празнуваше на 1-ви и ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg