Коктел забава, настапи на врвни музичари: Што точно се случува на Мет галата?
Црвениот тепих е единствениот дел од Мет галата што го гледа јавноста. Потоа свеченоста се одвива зад затворени врати, а користењето смартфони и социјални мрежи е забрането. Па, што прават гостите?
Мет галата која се одржува во музејот Метрополитен во Њујорк се претвори во еден од најважните настани во модната индустрија.
Секоја година, со свеченоста се одбележува отворањето на модната изложба на Институтот за костуми во музејот, а истовремено е и можност за дизајнерите да ги покажат своите креации.
На Мет галата која ја организира уредничката на Vogue – Ана Винтур – можат да присуствуваат само оние кои добиле покана, а нивниот стајлинг треба да биде во склад со темата на забавата која е различна секоја година.
Добро познат факт е дека на свеченоста е забрането фотографирање, па за јавноста, настанот до некаде е и обвиен со мистерија.
Или, како што пишува во Vogue:
„Тајна е. За оваа причина гостите мора да ја почитуваат забраната за користење телефони (а со тоа и социјални мрежи)“.
Сепак, по завршувањето на прославата, Vogue објавува по некоја фотографија, како изгледот на салата во којашто се одржува свеченоста.
Има и гости кои ги прекршиле правилата, па споделувале фотки на Инстаграм за време на Мет галата.
Па, што прават гостите на Мет галата?
Црвен тепих
Ова е делот од свеченоста што го гледаме и ние. Славните пристигнуваат на црвениот тепих каде позираат со своите креации.
На новинарите и фотографите им е дозволено да присуствуваат само на црвениот тепих.
Коктел забава
По црвениот тепих, организирана е коктел забава која трае околу еден час.
Во овој период, посетителите имаат можност да ја погледнат и годинешната изложба на Институтот за костуми во музејот Метрополитен.
По Мет галата, оваа изложба е отворена и за јавноста – годинава од 10-ти мај до 26-ти октомври.
Свечена вечера
По завршувањето на коктелот, почнува формалната вечера каде секој од посетителите мора да седи на местото што му е одредено.
А, на распоредот за седење се работи цела година.
„Навистина внимателно размислуваме како ќе ги распоредиме гостите. За нас, идеално еден до друг да седат луѓе кои ќе се согласуваат, но кои можеби не ни знаат дека имаат многу заеднички работи. Па, за сите гости си го поставуваме прашањето ’За што би разговарале?‘.
Мораме да се осигуриме и дека никој од гостите нема да биде свртен кон бивш партнер“, изјави во 2021-ва еден од организаторите на Мет галата.
Забавна програма и забави по свеченоста
Секоја година, гостите ги забавува барем една голема музичка ѕвезда. На пример, лани настапуваше Аријана Гранде.
Вечерата и забавната програма траат релативно кратко бидејќи потоа има забави по Мет галата, кои се исто важен дел од целиот настан.
Овие забави главно ги организираат врвни модни дизајнери и модни куќи, но и познати личности. И некои од престижните ноќни клубови во Њујорк организираат забава по свеченоста.
Настанот во музејот Метрополитен не трае многу долго за гостите да имаат можност да се пресоблечат.
Погледнете и: Строги правила што треба да ги следат гостите на Мет гала
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





