Вирална објава на учител: „Барав учениците да напишат што им тежи - раскажаа за неправди, болести, сфатија дека и туѓата болка боли“
„Работам во училиште како наставник 22 години. И вчера, ми се чини, доживеав еден од најтрогателните денови во мојот живот“, пишува во виралната објава на учител, која се споделува и кај нас.

На социјалните мрежи деновиве вирално се шири приказна од непознат автор - учител.
Во неа, самиот тој опишува еден од најемотивните моменти што ги доживеал со своите ученици во текот на својата дводецениска кариера.
Во објавата пишува:
„Работам во училиште како наставник 22 години. И вчера, ми се чини, доживеав еден од најтрогателните денови во мојот живот.
Пробав нов метод што го нареков „Вежба за багаж“. Ги прашав децата што, според нив, значи да се има „багаж“.
Од сите одговори, еден ме допре најмногу:
„Тоа е болка што ја носите на рамената. Нешто што ви тежи, иако не можете да го видите.“
Потоа им дадов на децата листови хартија и реков:
„Пишувајте што ве боли. Што ви лежи како товар на срцето. Што ве прави осамени. Не е потребен потпис - само вистината“.

Кога завршија, ги замолив да го изгужваат листот хартија и да го фрлат на другата страна од училницата.
Потоа секој зеде по едно случајно парче хартија и наизменично читавме гласно што е напишано.
По секое читање прашував: „Кој го напиша тоа? Ако сакате - можете да станете и да споделите со нас“.
И тогаш видов нешто што никогаш нема да го заборавам. Вистински, болни зборови - како камчиња фрлени во мирно езеро - се ширеа во кругови на тишина.
Зборови за родители, емиграција, проблеми, закани од војна, неправди, загуби, болести...
Едно момче напиша за неговиот хрчак кој умрел затоа што бил премногу дебел.
Се смеевме низ солзи. И тоа беше, исто така, неопходно.

Учениците што читаа беа трогнати - затоа што зборувањето за туѓата болка исто така боли.
Оние што најдоа сила да кажат: „Јас сум“, го кажаа тоа низ солзи, со тивок, но искрен глас.
Беше емоционално тежок ден. Но, знам сигурно: по него, тие деца ќе судат малку помалку, ќе сакаат малку повеќе и ќе простуваат малку побрзо.
Од денес, на вратата од училницата виси торба. Наш симбол. Место каде што можете да го оставите сопствениот „багаж“ пред часот.
Затоа што никој овде не е сам. Затоа што сме заедно. Затоа што се грижиме едни за други.
И секој ден гордо велам: Имам чест да бидам нивен учител“.

А. Ј. | Црнобело
