Тажната приказна за Лајка, првото куче во вселената: Умрела од прегревање и екстремен стрес кратко по лансирањето
Планот на советските инженери бил Лајка да помине седум дена во земјината орбита и потоа да се задуши поради недостаток од кислород. Но, Лајка умрела по само неколку часови од лансирањето бидејќи температурата во капсулата достигнала дури 90 степени Целзиусови. Во текот на целото патување, не можела да се движи и била преплашена.

Уште во првите одделенија сите учевме дека Јури Гагарин е првиот човек кој отишол во вселената, дека Валентина Терешкова е првата жена која отишла во вселената, но и дека Лајка е првото куче кое било испратено во вселената.
Иако можеби вселенската мисија со Лајка го поплочила патот за Гагарин и Терешкова, факт е дека овој подвиг до денес е осудуван бидејќи кучето умрело во орбита, преплашено и во агонија.
Тажната приказна за Лајка:
Во 1950-тите, за време на Студената војна, САД и Советскиот Сојуз ја почнаа таканаречената вселенска трка. Двете тогаш можеби најмоќни земји се натпреварувале кој прв ќе „ја освои“ вселената.
Додека САД го испратија првиот човек на Месечината, заслугата за првиот маж и првата жена во вселената ѝ припаѓа на Советскиот Сојуз.
Јури Гагарин и Валентина Терешкова
Но, пред Јури Гагарин и Валентина Терешкова да отидат на нивните историски мисии, во вселената било испратено најобично улично куче – Лајка.
По успешното лансирањето на Спутник 1 – првиот вештачки сателит пуштен во орбита околу Земјата – тогашниот лидер на Советскиот Сојуз сакал да биде организирано уште едно лансирање.
Спутник 1
Никита Хрушчов побарал лансирањето да се случи на 7-ми ноември 1957-ма, односно на 40-тата годишнина од Октомвриската револуција (позната и како Болшевичка револуција).
Па, инженерите почнале да работат на мисијата Спутник 2 со која ќе ја лансираат Лајка во вселената.
Еден од најголемите проблеми за инженерите била тежината на леталото. Поради Лајка, Спутник 2 тежел барем шестпати повеќе од Спутник 1, па за да го решат проблемот, одлучиле да го хранат кучето само еднаш дневно додека е во вселената.
Исто така, капсулата имала кислород за само седум дена, по што очекувале Лајка да се задуши во капсулата.
Лајка била избрана од многу улични кучиња кои биле подложени на низа тестови за да се утврди дали се соодветни кандидати.
Исто така, сите кучиња биле женки бидејќи биле помали.