Втората вечер на Shtip Fashion Days со дневни и вечерни ревии - мода, креативност и современ дизајн
Во рамки на манифестацијата „Shtip Fashion Days“, вчерашниот ден помина во знакот на модата, креативноста и современиот дизајн, нудејќи богата програма исполнета со дневни и вечерни содржини.

Во текот на денот беа претставени креативни концепти кои ја спојуваат традицијата со современиот израз, додека вечерната програма беше резервирана за ревии кои ја одбележаа втората вечер од настанот.
Модната дизајнерка Ева Давкова ја претстави својата прва колекција „First Bloom“, инспирирана од симболиката на првото цветење.
Колекцијата се одликува со нежни и сензуални силуети, балансирани со структурни елементи, каде свилата ја следи формата на телото, а волуменот и транспарентноста создаваат динамика и суптилна моќ. Истата е наменета за современата жена која носи елеганција и самодоверба.

Во рамки на вечерта беше претставена и колекцијата на Mija Maison, инспирирана од традицијата на „Лазаре“ и детските сеќавања. Преку серија на уникатни шапки, колекцијата го истражува патувањето на женственоста, од невиност до зрелост.
Со посебен акцент на одржливоста, секое парче е создадено со почит кон материјалите, традицијата и вредностите. Цветниот аранжман за колекцијата беше реализиран во соработка со Boana Events.

Свое модно претставување имаше и модната конфекција „Линеа“ од Штип, која преку новата колекција ја истакна женственоста со префинети форми и богати материјали.
Колекцијата комбинира памук, свила, вискоза и полиестер, збогатени со сатенски, жакардни и чипкани изработки, создавајќи хармонија помеѓу класичниот и современиот стил.

Модната конфекција „Фокабо“ од Скопје ја претстави својата пролет/лето 2026 колекција, фокусирана на современата машка елеганција.
Преку внимателен крој и избор на материјали, колекцијата носи порака за смелост, храброст и индивидуалност, позиционирајќи ја модата како начин на живот.

На модната сцена се претстави и модната конфекција „Астибо“ од Штип, бренд со долгогодишна традиција во индустријата, кој ја презентираше својата нова пролет/лето колекција, како и линијата Astibo Corporate.
Колекцијата се карактеризира со елеганција, префинетост и висок квалитет на изработка, потврдувајќи ја препознатливоста на брендот.
