„Зборувај повеќе“ и уште 4 работи што НЕ треба да му ги каже на интровертно дете
Интровертноста не е срамежливост – постојат и екстроверти кои се срамежливи. Затоа, престанете да го прашувате интровертното дете зошто се срами.

Иако честопати е карактеризирана како лоша одлика, интровертноста е најнормална појава.
Луѓето кои се интровертни не се асоцијални или недружељубиви, туку за разлика од екстровертите, социјалното опкружување им троши повеќе енергија. Поради ова, по дружба, дури и со луѓе што ги сакаат, им треба ментален одмор.
Но, бидејќи имаме погрешна перцепција за интровертноста, многу родители прават грешки кога ќе ја забележат оваа особина кај нивните деца, некогаш дури и прават да се чувствуваат виновно.
Кои се фразите што не треба да му ги кажете на интровертно дете, според терапевти?
„Зборувај повеќе“ или „Биди попријателски настроен“
Веројатно не постои интроверт кој не ги слушнал овие „совети“, но факт е дека тие не се од помош и всушност можат да предизвикаат штета кај дете.
Кога присилувате интровертно дете да зборува повеќе, тогаш го терате да се става во непријатни ситуации, само за да им удоволи на другите.
Ако постојано го правите ова, детето ќе мисли дека треба да им удоволува на сите, без разлика како се чувствува, и кога ќе порасне ова може да му претставува проблем.
„Некултурно е да не зборуваш“
Немојте да му велите на вашето дете дека е некултурно само затоа што не е зборливо. Некои луѓе зборуваат повеќе, некои помалку, и тоа е сосема во ред. Нема ништо лошо ако вашето дете не зборува колку неговите другарчиња.
Секако, постојат и екстреми, на пример детето воопшто да не кажува ни збор, но тогаш не е во прашање интровертност и треба да се консултирате со експерт.

Епитети како „срамежливо“
Интровертноста не е срамежливост бидејќи постојат и екстроверти кои се срамежливи. Интровертните деца обично повеќе сакаат да набљудуваат и да ги впиваат информациите околу нив отколку напразно да зборуваат, а тоа не мора да значи дека се срамежливи.
Затоа немојте да ги мешате поимите и немојте да го прашувате интровертното дете зошто е толку срамежливо.
А, дури и да е посрамежливо, тоа не е лоша особина и не треба да го срамите и критикувате за неа. Бидејќи, со ваквите коментари нема да му помогнете, туку ќе го направите уште посрамежливо.
Фрази со кои укажувате дека интровертноста е нешто лошо
Точно е дека во општеството, многу повеќе се величаат екстровертите – тие се популарните деца на училиште, главните ликови во филмовите, привлекуваат внимание… Но, не значи дека тогаш е лошо да се биде интроверт.
Само затоа што некој сака да минува време со себе и не чувствува потреба да ја подели секоја своја мисла не значи дека нема исполнет живот или дека нема да успее.
Затоа, избегнувајте да ја карактеризирате интровертноста како некаков проблем и да го критикувате детето за неа.
Фрази со кои го прашувате детето зошто е интровертно
Детето не може да избере дали ќе биде интроверт или екстроверт. Па, излишно е да го прашувате зошто не е зборливо, зошто не излегува секој ден и слично.
Со ваквите фрази сами го осудувате и му ја поткопувате самодовербата.
Спирова С. | Црнобело
