Гумените подлоги на игралишта во Финска заменети со кал – децата имаат зајакнат имунитет за само 1 година
Како би реагирале родителите кај нас ако меките подлоги на детските игралишта кај нас ги заменат со кал, шумски растенија и инсекти кои се дел од природата? Во Финска на повеќе места го направиле тоа, а истражувањето покажало дека на децата им зајакнал имунитетот.

На сите веќе им е добро познато дека растењето во природна околина е многу здраво за децата и дека имунитетот се зајакнува со време поминато надвор, на чист воздух и во природа.
Скандинавските земји се познати по тоа дека ги учат децата да растат природно уште од најмала возраст и дека не се плашат од валкање на облеката, со цел да имаат здрави деца.
Но, минатата година отидоа чекор подалеку, кога заради истражување и експеримент, во повеќе градинки, меките и вештачки подлоги од игралиштата, беа заменети со природна површина.

Па така, наместо децата да играат на гумени и синтетички подлоги, сега биле изложени на дворови со кал, растенија, природни бактерии и инсекти кои живеат во природата.
Истражувањето и анализите покажале дека децата кои наместо на естетски простор, биле изложени на биодиверзитетот, развиле посилен имунолошки систем, имале намален ризик од алергии, инфекции и други состојби кои потекнуваат од намален имунитет заради чување на децата во речиси стерилна средина.

The Guardian минатата година пишуваше за конкретна градинка во Финска, каде една година по оваа промена, според крвните анализи, децата имале помалку бактерии како Стрептокока, имале посилен одбранбен одговор од имунолошкиот систем, а за само 28 дена било забележано зголемување на Т-клетките кои го штитат телото од автоимуни заболувања.

Иако истражувањето не е ново, деновиве е популарно на социјалните мрежи помеѓу родителите кои се залагаат за природен начин на живот и го поздравуваат овој потег на Финска.
„Во Босна децата веќе со години си играат во кал / Во Србија ова не би поминало, мајките се плашат од валкана облека / Пред неколку години ги заменивме игралиштата со гумена подлога по примерот на скандинавските земји, а сега пак се враќаме на кал, очигледно не треба секој пример да се следи веднаш“ – пишуваат во коментари на објавите во регионот.
Што мислите вие за ова?
М. М. | Црнобело