Совети и насоки за децата и родителите за Другаризација

soveti-i-nasoki-za-decata-i-roditelite-za-drugarizacija-001.jpg

За деца:

Дали знаеш дека никој не смее да те закача, да те удира, да те исмева или да ти одзема облека или работи кои се твои?

Сега кога веќе знаеш, знаеш ли како да се заштитиш без и ти да предизвикаш неволја?

Едноставно е.

  • Најпрво пријави кај наставникот/наставничката. Побарај од нив да преземат мерки против децата кои ти создаваат проблеми. Немој да чекаш ваквото однесување да се повторува повеќе денови, реагирај веднаш.
  • Зборувај со педагогот и психолот во твоето училиште. Некогаш е многу тешко да прифатиме дека некои другарчиња лошо се однесуваат со нас. Некогаш мислиме дека можеби и самите сме виновни за тоа. Некогаш од страв или од срам, не пријавуваме дека ни се случува нешто што нè плаши, ни прави да сме тажни или нерасположени. Но, во училиштето има луѓе кои можат да ни помогнат сето тоа да престане. Затоа, да си ветиме дека нема да молчиме и дека ќе разговараме со нив.
  • Зборувај со твоите родители. Некогаш се случува возрасните да не ги сфатат децата сериозно и не прават ништо за ситуацијата да се подобри, иако децата навистина се во право. Тогаш на помош ги повикуваме родителите. Тие секако ќе најдат решение за да се чувствуваме подобро.
  • Доколку не ти е премногу страшно и мачно, побарај да присуствуваш на состанокот помеѓу родителите и наставниците. Па кој може подобро од тебе да објасни што ти се случува на часови, по часови или помеѓу часови? Но, ако ти е премногу тешко, ако се плашиш, ако ти е страв или срам – не е ништо страшно. Направи разговор дома, и објасни им на твоите родители точно што и како се случува.

Но, што доколку и покрај сè ова, повторно си мета на малтретирање, зезање, исмејување?

Повторно истата процедура, сè додека проблемот не се реши. Не смееш да се откажуваш!

Зборувавме како да се заштитиш. Но, што доколку со нешто што ти си предизвикал – предизвикала некое твое другарче да се чувствува лошо, тажно или повредено?

1. Сите сакаме да си играме. Да, дури и возрасните. Но, доколку некој ти каже „немој“, „те молам престани“, или видиш дека се плаши, се тресе, плаче, или едноставно се однесува чудно - навистина престани, извини се и вети дека нема повеќе да се однесуваш така.

2. Внимавај што сè може да предизвика некој друг да се чувствува лошо: не е секогаш физичкото задевање или тепање причина за некој да се чувствува неубаво. Размисли: дали можеби за некое дете зборувате неубави работи позади грб, објавувате слики или неубави коментари на фејсбук, се смеете или не го слушате додека зборува, го избегнувате и не го викате на родендени или дружби надвор од училиште? Сето тоа може да биде причина за некој да не се чувствува убаво, и да се чувствува тажно, неприфатено, и само во средината. Затоа, многу е важно постојано да внимаваме што правиме и како тоа прави за да се чувствуваат децата околу нас.

Запомни: Децата имаат право да бидат заштитени, да се чувствуваат сигурно и безгрижно. Но децата имаат и обврска да внимаваат, никому со своето однесување да не му предизвикаат болка, тага, страв или срам.

За родители:

Правата на детето се гарантирани во повеќе меѓународни документи, закони и подзаконски акти. Меѓу нив како најзначајни би ги спомнале Конвенцијата на ОН за заштита на правата на децата, Законот за заштита на децата и Законот за правда на децата. Покрај ова, децата се заштитени и со Кривичниот законик, каде се предвидени сите дејствија кои ќе се третираат како кривични дела во Република Македонија.

Иако во Република Македонија врсничкото насилство (булингот) сè уште не е регулирано како кривично дело, сепак, има мерки кои можат да се преземат за заштита на детето од ваков вид на насилство.

Како основен Закон во кој е поставена заштитата на детето е Законот за основното образование:

Согласно член 3 ст.1  помеѓу целите на основното воспитание и образование се наведуваат:

воспитување за  меѓусебна  толеранција,  соработка,  почитување  на  различноста, основните човекови слободи и права; развивање  самодоверба  и  свест  кај  ученикот  за  сопствената  индивидуалност  и одговорност за своите постапки, и хармоничен, интелектуален, емоционален и социјален развој на учениците соодветно со нивните способности.

Оттука, секој родител има право да побара од училиштето во кое учи неговоот дете, да ги реализира овие цели. Цитираните одредби од Законот, укажуваат на тоа дека едно училиште, и сите вработени во него, не смеат да прифатат врсничко насилство во ниту една форма, бидејќи тоа би значело неуспех во воспитувањето за меѓусебна толеранција, соработка и почитување на различноста. Понатаму, непреземањето на мерки за заштита на ученикот директно водат кон неуспех за развивање на неговата самодоверба и одговорност за постапките, а особено при соодветен хармоничен развој.

Училиштето има можност да преземе една или повеќе мерки за заштита на детето од булинг, преку дејствување врз насилникот/насилниците. Согласно член 64-а од Законот за основното образование, родителот/старателот на детето ќе се упати на советување со училишниот психолог доколку неговото дете е недисциплинирано, учествува во тепачки или други форми на насилство, покажува асоцијално или антисоцијално однесување, или се однесува неморално и неетички. Доколку родителот не се појави и по три покани, се известува Центарот за социјални работи. На самиот ученик пак, можат да му се изрече укор, усна  опомена, писмена  опомена,  намалување  на  поведението,  преместување  на  ученикот  во  друга паралелка и преместување на ученикот во друго основно училиште.

Доколку училиштето не презема соодветни мерки за заштита на ученикот, родителите имаат право да поднесат барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат.

Исто така, на располагање на родителите за остварување на заштитата на децата, во секое време им стои Народниот правобранител на Република Македонија.

Што ако моето дете задевало друго дете?

Често и родителите се затечени од однесувањето на нивното дете на училиште. Системот на образование и воспитување е креиран така, за да му овозможи на детето да учи и од сопствените грешки, но кога станува збор за било каков вид на насилство (физичко, психичко, со навредување или намерно исклучување на друго дете), училиштето и самиот закон бара вклучување на родителите.

Најдобар начин да се спречи врсничкото насилство е доколку на детето му се објасни како тоа влијае на другите деца, дека станува збор за лоша и деструктивна практика која може неповолно да влијае и на самото дете. Затоа, како една од мерките која ја предлагаме, е редовен разговор со децата за оваа тема. Секако, оваа обврска ја има и училиштето, но повеќе од пожелно е да се дискутира и во домот, каде детето се чувствува најбезбедно, најсфатено и најприфатено.

Што можете да направите?

  • Почесто комуницирајте со класниот раководител на вашето дете, со педагогот и психологот на училиштето, за да дознаете да не има промени во неговото однесување.
  • Разговарајте со своето дете, објаснете му што значи таквото однесување, и објаснете му дека има последици (укор, отстранување од училиште, а ако ситуацијата ескалира – и прекршочни и кривични санкции)
  • Разговарајте со вашето дете за различните проблеми со кои се соочуваат децата, и колку е тешко за нив доколку некој дополнително ги задева за тоа.
  • Доколку забележите било каква промена во однесувањето на вашето дете, не се колебајте веднаш да комуницирате со класниот раководител или психологот.

Би можело да ве интересира:

„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
Фрази што не треба да му ги кажувате на детето (за да биде среќно кога ќе порасне) Немојте да го нарекувате детето „дебелко“ или „слабичко“ или да користите слични...
Илустрации за родители: Како да се справите со непријатните ситуации со вашите деца? Што да направите кога детето не сака да ги дели играчките или, пак, кога ќе науч...
Писмо до моето дете: „Ти си мојата сјајна ѕвезда во овој темен универзум“ Мое дете... Ти си моето денес, моето утре и сите мои денови, по утрешниот. Ти си...
Синот ми се загуби во зоолошка во Скопје - совети како најлесно да го најдете детето во толпа Детето ви ја пуштило раката и побегнало, а наместо да дојде кај вас додека избез...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg