Тајните на родителите што растат среќни дечиња – како го прават тоа?
Можеби најтешко на светот е да биде родител, особено во време како денешното. Технологијата е насекаде околу нас, бомбардирани сме со совети кој е најдобриот начин на воспитување на нашите деца.
Сепак, се чини дека за некои родители овој процес не претставува особена тешкотија. Тие дури прават воспитувањето на децата да изгледа лесно како песна… нивните дечиња се среќни, прашањето е како?
Им даваат повеќе време за игра
Да, сите сакаме нашите деца да бидат успешни, па покрај задолжителни школски задолженија ги запишуваме на дополнителни курсеви и активности како: спорт, јазик, танц, музика, компјутери, извидници… списокот е практично бесконечен.
Но, на крајот од денот она што најмногу го сакаат децата е да си играат со други деца. Па зошто да не им дозволите да го прават токму тоа? Децата кои си играат повеќе се посреќни и имаат тенденција подобро да се социјализираат и да ја развиваат фантазијата. Дајте им слобода.
Не се расправаат пред нив
Понекогаш е тешко да се одбегне кавгата со партнерот, но сепак одложете ја за кога ќе бидете сами наместо да се расправате пред децата, особено доколку станува збор за караници со многу викање и остри зборови.
Кога децата се сведоци на вакви кавги тие се возбудуваат и кај нив се создава набој на негативни емоции кои подоцна се рефлектираат во облик на трауми и фрустрации.
Не ги споредуваат со другите деца
„Што доби ти на писмената по математика? А Павел што доби? А Дарија? Леле, како тие извадиле подобро оценки од тебе, а толку учевме…“.
Добрите родители се интересираат единствено за своето дете без да го споредуваат со успесите или неуспесите на останатите.
Тие се свесни дека секое дете е индивидуа само за себе и дека на крајот на краиштата – детето не може да покаже апсолутен успех во секоја област. Затоа и не му создаваат притисок да биде најдобро во сè.
Разговараат со нив како со возрасни
Доколку детето се заинтересира за некоја сериозна тема, како секс или зошто партнерите се разведуваат, родителите седнуваат и разговараат со нив искрено, без да измислуваат приказни.
Ова е важно, особено доколку детето сами пројавило иницијатива за вакви разговори. Искреноста и отворената комуникација е секогаш најдобрата полиса.
Им даваат пофалби за нивните достигнувања и успеси
Добрите родители ја знаат границата на фалбите, таа е точно на средината помеѓу премногу и премалку. Тие се обидуваат да се држат до златната средина, особено кога станува збор за фалбите кон своите деца. Ги пофалуваат само доколку има оправдан успех.
Бидејќи се свесни дека лажните пофалби и охрабрувања нема да донесат ништо добро во иднина. Давањето лажна надеж и самодоверба на детето за нешто неоправдано ќе направи поголема штета отколку корист.
Воспоставуваат семејни традиции
Особено важно е детето да има чувство на припадност кон една семејна заедница. Затоа традициите се многу битни. Тие не мора да бидат баш традиционални во конвенционалната смисла на зборот.
Вие едноставно може да си смислите свои, без разлика дали станува збор за патување, спортување, гледање филмови, готвење или нешто по ваш вкус.
Им дозволуваат да преземат ризици
Ова особено се однесува на родителите кои имаат поголеми деца. Доколку детето се двоуми помеѓу 2 работи, но неговото срце повеќе тежнее кон едната од нив, добрите родители му овозможуваат да преземе ризик и да ги следи своите желби.
Тие понекогаш се остваруваат, понекогаш не. Но, важно е да се проба, бидејќи како инаку детето ќе знае, нели?
Ги охрабруваат на лична одговорност
Од најмали нозе им даваат задолженија на децата и очекуваат да ги исполнат, водејќи се по методот на награда и казна. Добро е на децата да им се дава лична одговорност за да научат што значи да одговараш самиот за себе.
Ова се лекции кои се учат од рана возраст, немојте да го лишите детето од нив.
Создаваат среќни спомени
Секако, не по секоја цена детето да биде среќно. Доколку немаат доволно финансии да му дозволат нешто на детето, добрите родители едноставно наоѓаат замена.
Тие се свесни дека среќата не секогаш се крие во материјалните работи. Толку многу едноставни нешта може да предизвикаат насмевка на детското лице, најсреќните спомени најчесто не чинат ниту денар.
За да биде детето среќно – прво родителот мора да биде среќен
Ова е можеби најважната лекција од сите досега. Како очекувате да имате среќно дете од несреќни родители? Мора да работите пред сè на сопствената среќа, да се чувствувате задоволно и исполнето.
Само тогаш детето може да биде среќно, бидејќи малечките се прилично интуитивни и може да ги намирисаат вашите емоции. Погрижете се прво за својата среќна состојба пред да му ја пренесете на вашето дете.
(О)Милена | Црнобело / фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





