Храна и суплементи што треба да ги ограничите ако примате терапија за хипотироидизам
Некои суплементи, како железо и калциум, можат да имаат влијание врз апсорпцијата на терапијата за намалена активност на тироидна жлезда. Затоа, ако ви препишат терапија, прашајте го лекарот дали можете да продолжите со суплементите.

Намалената активност на тироидната жлезда е состојба позната како хипотироидизам.
Доколку го имате ова заболување, вашиот лекар веројатно ви има препишано терапија, а можеби и ви дал насоки за промена на некои навики во исхраната.
Ова може да вклучува намалено консумирање одредени намирници, но и суплементи бидејќи можно е да имаат влијание врз ефикасноста на препишаната терапија. Односно, може да го намалат апсорбирањето на лековите, и со тоа да ги направат помалку ефикасни.
Кои суплементи влијаат врз апсорпцијата на лековите за хипотироидизам?
Суплементи со железо и калциум
Ако користите суплементи со железо и калциум, консултирајте се со вашиот лекар за тоа дали имаат влијание врз вашата терапија што ја примате вие и кога е најдобро да ги пиете.
Генерално, препорачливо е да ги земате овие суплементи барем четири часа пред да ја испиете терапијата за хипотироидизам.
Суплементи со јод
Јодот е корисен за функцијата на тироидната жлезда, но повеќето обично веќе внесуваме доволно јод преку јодираната сол и некои намирници што се консумираат често.
Ако внесувате премногу јод, без притоа да имате недостаток, постои ризик да ги влошите проблемите со тироидната жлезда.
Затоа, пред да почнете да пиете суплементи со јод, задолжително консултирајте се во вашиот лекар, особено ако примате и терапија за хипотироидизам.
Која храна може да има влијание врз терапијата за хипотироидизам?
Како суплементите, и некои намирници може да имаат влијание врз апсорпцијата на терапијата за хипотироидизам.
Генерално, испитувања покажале дека следниве намирници можат да имаат некакво влијание:
- Храна со многу хранливи влакна
- Продукти од соја
- Млеко
- Кафе
- Одредени овошни сокови, како сок од портокал
Важно е да се нагласи дека овие испитувања се мали и ограничени, па не правете нагли промени во исхраната без консултација со лекар.
Исто така, влијанието на овие намирници не е исто големо како со суплементите.
Овие намирници веројатно ќе немаат ефект врз терапијата ако ги јадете неколку часа пред да ја испиете.
Доколку примате терапија за хипотироидизам, консултирајте со вашиот лекар пред да правите какви било промени во исхраната.
Спирова С. | Црнобело
