Знаци дека можеби имате анксиозно нарушување (дури и ако не ви изгледа така)
Сте доживеале голема животна промена со која тешко се справувате или, пак, забележувате необјасниви физички симптоми.

Кога ќе се земе предвид колку стресен може да биде животот, нормално е повремено да чувствуваме анксиозност.
Но, некогаш ова чувство е предизвикано од анксиозно нарушување, а не од околностите во кои се наоѓаме и тогаш е време да се консултирате со професионалец.
Кај лицата со анксиозно нарушување, стравот и грижите не поминуваат и почнуваат да имаат влијание врз секојдневието.
Бидејќи постојат разни видови анксиозно нарушување, предизвикан од разни фактори, важно е да побарате стручна помош.
Кои се знаците дека треба да се консултирате со професионалец за вашата анксиозност?
Загриженоста не ви е од никаква помош
Во некои ситуации, стресот и загриженоста ни се од помош бидејќи нè мотивираат да се посветиме на некоја задача, проблем и слично.
Но, кога се грижите постојано и тоа не е продуктивно, можно е да станува збор за анксиозно нарушување.
Ако, на пример, чувствувате стрес пред испит, тоа е нормално бидејќи овој стрес ве тера да учите.
Но, ако стресот и стравот од испитот ве парализираат и ви го отежнуваат и самото учење, тогаш веќе можеби имате проблем.
Сте доживеале голема животна промена
Некогаш лицата со анксиозно нарушување не се свесни за својата состојба и сметаат дека е нормално често да чувствуваат страв и загриженост.
Но, кога ќе се соочат со поголема животна промена, како ново работно место, преселување, станување родител, овие симптоми стануваат уште поизразени и им е особено тешко да се справат.
Па, ако се сметате за личност која честопати се грижи, но по голема животна промена никако не можете да се справите, тогаш консултирајте се со експерт.

Сте преживеале многу стресен настан
Анксиозното нарушување може да се јави и по стресен и трауматичен настан, како сообраќајка, насилство, сериозна дијагноза…
Ваквите настани имаат огромно влијание врз менталната состојба и можат да предизвикаат анксиозност.
На пример, лицата кои доживеале сообраќајка може да се плашат да влезат во автомобил – и ова е вид анксиозно нарушување.
Доколку сте доживеале нешто стресно и забележувате дека уште ви влијае, разговарајте со професионалец.
Сте доживеале паничен напад неколкупати
Паничните напади не мора да се знак за анксиозно нарушување и обично се одговор на екстремен стрес или страв.
Иако сами по себе не се опасни, паничните напади можат да бидат страшни, па луѓето потоа се плашат од самиот паничен напад, а не од она што го предизвикало.
Доколку сте во ваква ситуација или сте доживеале повеќе од еден паничен напад во релативно краток период, побарајте помош.

Вашите стравови и грижи ви се главен фокус
Сите се плашиме од нешто – некои од кучиња, некои од игли, некои од инсекти, некои од нешто сосема друго.
Но, кога стравот е донекаде нерационален и почнува да ви го контролира животот, тогаш можеби се соочувате со анксиозно нарушување.
Ако избегнувате места, ситуации и луѓе само поради вашиот (нерационален) страв, тогаш треба да побарате помош.
Прескокнувате настани на кои инаку би сакале да одите
Ако сте биле личност која едвај чекала да излезе за викенд, но сега се затворате дома, тогаш можеби нешто не е во ред.
Нормално е во текот на животот да ви се променуваат желбите, но ако сте престанеле да излегувате од страв, а не бидејќи не ви се излегува, тогаш можеби станува збор за некаков проблем.
Исто така, ако забележувате изразени симптоми на анксиозност кога излегувате од дома, сосема возможно е да имате анксиозно нарушување.

Чувствувате и физички симптоми
Проблемите со менталното здравје се одразуваат и врз физичкото.
Физичките симптоми може да варираат, но ако чувствувате дека нешто не е во ред, а сте во добро физичко здравје, можно е да се резултат на анксиозно нарушување.
Често имате проблеми со спиењето
Одвреме-навреме сите се соочуваме со проблеми во спиењето.
Сепак, ако проблемите зачестат или не се подобруваат, тогаш е време да одите на психијатар или психолог.
Спирова С. | Црнобело
