Десет знаци дека можеби имате недијагностициран проблем со срцето
Отечените глуждови можат да бидат знак за проблеми со циркулацијата, додека болката во стомакот, како киселини, некогаш е предупредувачки знак за инфаркт.

Срцевите заболувања се меѓу најчестите здравствени проблеми не само кај нас, туку во целиот свет.
Стресниот живот, заедно со нездравата исхрана и недоволната физичка активност се меѓу главните причини за оваа „епидемија“.
Додека некои симптоми, како болка во градите, е јасно дека можат да бидат предизвикани од проблем со срцето, постојат и знаци кои не се толку очигледни, а добро е да ги знаете. Особено ако сте во ризична група.
Десет знаци дека треба да го проверите срцето:
Болка во градите
Болката во градите не е секогаш знак за инфаркт или друг проблем со срцето.
Но, ако болката е интензивна, не прекинува и ви станува сè полошо, веднаш одете на лекар бидејќи можно е да станува збор за инфаркт.
Друго заболување кое создава болка и чувство на притисок во градите е ангина – состојба при која е намален дотокот на крв во срцето.
Ако ја почувствувате болката само еднаш и немате други симптоми, тогаш веројатно не треба да ве загрижува.
Но, штом е силна и трае, немојте да игнорирате.
Болка во стомакот
Болката во стомакот, како да имате силни киселини, некогаш може да биде знак за инфаркт или проблем со срцето.
Доколку немате причина да чувствувате киселини и болката не прекинува, а забележувате и други симптоми, одете на лекар.
Болка во раката, вилицата или грбот
Кога се случува инфаркт, може да се јави болка и на други делови од телото, како раката, вилицата, вратот или грбот.
Ако болката не се намалува, а чувствувате и некој друг симптом, може да биде знак за проблем со срцето.
Обилно потење
Во лето или по интензивно вежбање, нормално е да забележите обилно потење.
Но, ако одеднаш чувствувате како да се препотувате без никаква причина, можно е да станува збор за проблем со срцето.
Чувство на давење
Некои срцеви заболувања, како ангина, можат да предизвикаат чувство на давење, како стегање или болка во грлото.
Ако одеднаш го забележите овој проблем без навидум друга причина, консултирајте се со лекар, дури и ако досега не ви е дијагностициран проблем со срцето.
Чувство како да сте болни
Сите се разболуваме од настинка или грип, и тоа по неколкупати годишно.
Сепак, ако се чувствувате настинато, а забележувате и некој друг од знаците на листава, консултирајте се со лекар, за секој случај
Отечени глуждови
Постојат многу причини за отекување на глуждовите и дел од нив се безопасни. Но, ова не значи дека треба да ги игнорирате.
Ако често ви отекуваат глуждовите, можно е да имате некаков проблем со циркулацијата.
Болка во нозете
Кога има проблеми со циркулацијата и намален доток на крв во нозете, може да се јават болни грчеви.
Ако ова е проблем што често го забележувате, одете на лекар.
Екстремен замор
Постојаното чувство на замор може да биде знак за низа проблеми со здравјето, вклучително и срцеви заболувања.
Ако се чувствувате уморно и по осум часа сон и воопшто немате енергија, не треба да го игнорирате ова.
Палпитации
Таканаречените палпитации се состојба при која станувате премногу свесни за чукањето на вашето срце – може да ви изгледа како да е многу гласно, многу брзо или дека има нерамномерен ритам.
Оваа појава не секогаш е опасна и може да биде предизвикана од стрес, премногу кофеин и слично.
Но, ако често ја забележувате или ви се чини дека срцето ви чука пребрзо, консултирајте се со лекар.
Спирова С. | Црнобело
