Умерено јадење и уште четири работи што докажано го продолжуваат животот, според науката
Доволно е да одвоите само 20-тина минути дневно за физичка активност за да забележите придобивки како подобрено целокупно здравје, но и намален ризик од рана смрт.

Ова се совети што сигурно сте ги слушнале, но веруваме дека ќе им обрнете повеќе внимание кога ќе бидете свесни дека зад нив стојат долги истражувања со стотици илјади испитаници.
Кои се навиките што можат да ви го продолжат животот?
Начинот на исхрана
30-годишно истражување во кое биле опфатени над 100.000 испитаници покажало дека храната што ја консумираме има навистина огромно влијание врз целокупното здравје.
Иако ова е нешто што ни делува очигледно, факт е дека мнозинството луѓе навистина не обрнуваат многу внимание на она што го внесуваат.
Истражувањето покажало дека само еден од десет испитаници го дочекал 70-тиот роденден без хронична болест, когнитивни проблеми и физички ограничувања.
На овие испитаници заеднички им бил начинот на исхрана – тие следеле план на исхрана кој се фокусира на здрава храна, односно, овошје, зеленчук, мешунки, јаткасти плодови и здрви масти.
Истовремено, избегнувале црвено месо, брза храна, преработена храна и шеќери.
Генерално, експертите забележале дека кога исхраната се состои главно од растителна и свежа храна, здравјето значително се подобрува.
Пешачење или возење велосипед
Анализа на 20-тина истражувања покажала дека движењето, односно физичката активност значително го намалува ризикот од смрт.
Според истражувањата, доволни се 150 минути неделно (или 20-тина минути дневно) за да се забележат придобивките.
Најдобрите вести се дека за ова не е потребно одење во теретана или напорен тренинг – доволно е само пешачење или возење велосипед.
Социјализација
Д-р Роберт Валдингер од Харвард стои зад едно од најдолгите истражувања за подобрување на квалитетот на животот кај возрасните.
Преку истражувањето, тој дошол до заклучок дека луѓето кои имаат група блиски пријатели (или членови на семејството) не само што живеат подолго, туку подобро се справуваат со стресот.
Ова, пак, директно влијае врз нивното физичко и емоционално здравје.
Квалитетен сон
Многу истражувања покажале дека квалитетниот сон е клучен за добро здравје.
Во едно вакво истражување испитаниците биле лица на возраст од 100 до 107 години со одлично здравје.
Експертите забележале дека едно од заедничкото нешто на испитаниците е квалитетниот сон.
Односно, си легнувале и се буделе во исто време, не се буделе во текот на ноќта и спиеле доволно часови.
Квалитетниот сон има влијание врз секој аспект – од здравјето на срцето, до состојбата на менталното здравје.
Умерено јадење
Покрај здравата исхрана, важна е и умереноста.
Постои и цела филозофија зад ова, позната како Hara hachi bun me – јапонска фраза која кажува дека треба да престанеме со јадење кога стомакот ќе ни биде 80% полн.
Оваа едноставна филозофија ја следат многу луѓе кои живеат во Окинава. Овде, пак, голем процент од жителите имаат над 100 години.
Правени се и истражувања кои покажале дека ваквата умереност во јадењето помага да се регулира тежината, со што се избегнуваат и низа други проблеми со здравјето. А, сето ова може да води до подолг живот.
Па, кога јадете, јадете бавно и немојте да ја изедете целата храна – престанете кога ќе престанете да чувствувате глад, а не кога стомакот ќе ви биде преполн или кога чинијата ќе биде празна.
Спирова С. | Црнобело
