Кои се најчестите видови артритис (и кои симптоми се јавуваат први)?
Постојат многу видови артритис, но најчести се остеоартритисот и ревматоидниот артритис. Симптомите варираат во зависност од видот, но болката и отоците се присутни кај речиси сите.

Артритисот е мошне често заболување и се проценува дека го имаат над 350 милиони луѓе ширум светот.
Под артритис се подразбира група медицински состојби кои предизвикуваат оштетување на зглобовите.
Постојат многу видови артритис, но најчести се остеоартритис, ревматоиден артритис и гихт.
Во зависност од тоа кои зглобови се зафатени од артритис, ова е болест што може да го отежни одењето, користењето на дланките и извршувањето на секојдневните обврски.

Кои се најчестите симптоми на артритис?
Болка
Бидејќи постојат многу видови артритис, симптомите можат да бидат различни. Сепак, кај повеќето луѓе првиот симптом кој се јавува е болка.
Неретко болката станува изразена ако премногу сте го користеле зафатениот зглоб.
Ако, на пример, сте работеле во дворот и потоа чувствувате силна болка во некој зглоб, можно е да станува збор за артритис.
Некои луѓе чувствуваат и вкочанетост наутро, додека кај други болката е изразена кога врне дожд или кога се менува влажноста на воздухот.
Оток
Покрај болката, кај зафатените зглобови може да се појави и оток.
Овие отоци може да предизвикаат дополнителна болка и да го ограничат движењето на зглобот.
Рани симптоми на остеоартритис
Остеоартритисот е заболување што обично ги зафаќа зглобовите на поголемите коски, како колковите и колената.
Но, може да се јави и на други зглобови, како на прстите на рацете и нозете.
На почетокот може да биде зафатен само еден зглоб, а потоа заболувањето да се прошири.
Кај лицата со остеоартритис се јавува вкочанетост и болка во зглобовите, особено ако не ги користеле подолг период.
Доста често, овие симптоми се поизразени наутро, па може да бидат потребни неколку минути за зглобовите да се раздвижат.
Рани симптоми на ревматоиден артритис
Ревматоидниот артритис се смета за автоимуно заболување кое исто така предизвикува болка и отоци на зглобовите.
Обично прво се зафатени малите зглобови на прстите на дланките и стапалата, а најчестиот симптом е вкочанетост.
Некогаш симптомите кај оваа болест се јавуваат симетрично – ако чувствувате нешто на десниот палец, обично ќе ги чувствувате симптомите и на левиот.
Исто така, ревматоидниот артритис е систематски и може да го зафати целото тело.
Ова заболување предизвикува и други симптоми, неповрзани со зглобовите, како отежнато дишење, треска, болки во градите…
Рани симптоми на гихт
Гихт посебна форма на артритис бидејќи најчесто се појавува на големиот зглоб на палецот на стапалата.
Сепак, може да се појави и на други зглобови, како глуждот.
Лица со гихт обично чувствуваат силна болка во еден зглоб, придружена со црвенило и оток.
Симптомите може да се повлечат и да се појават на истиот зглоб многупати.
Како се третира артритисот?
Обично луѓето го одложуваат одењето на лекар бидејќи мислат дека се само уморни.
Но, ако чувствувате и најмала промена во зглобовите како оток или болка, задолжително одете на лекар.
Артритисот е прогресивно заболување, што значи дека се влошува со текот на времето.
Но, ако болеста ви е дијагностицирана рано, постојат третмани што можат да ви ги спасат зглобовите од оштетување.
Спирова С. | Црнобело
