Слабост во екстремитетите, „свирење“ во градите: Симптоми кои сигурно ги игнорирате, а не треба
Ако слушате свирење додека дишите, можно е да биде настинка. Но, ако овој симптом трае, одете на лекар бидејќи обично укажува на астма, алергиска реакција, пневмонија или бронхит.

Нормално е некогаш да почувствувате болка, некое непријатно чувство, вкочанетост или каков било симптом кој обично не е ништо сериозно, па да го изигнорирате.
Сепак, некои симптоми никогаш не треба да ги игнорирате. Не значи дека овие симптоми се сигурен знак дека се соочувате со нешто сериозно.
Но, бидејќи се симптоми забележани кај сериозни заболувања, немојте да ризикувате и консултирајте се со лекар, особено ако ги чувствувате подолг период и се придружени и со други симптоми.
Кои симптоми не треба да се игнорираат?
Слабост во екстремитетите
Ако одеднаш почувствувате слабост во екстремитетите, но и лицето, тоа може да биде знак за мозочен удар.
Особено ризично е да го игнорирате овој симптом ако се појави само на едната страна или се случи ненадејно.
Можно е да станува збор за мозочен удар ако чувствувате и вртоглавица, силна главоболка, проблеми со видот и говорот.
Во овој случај не чекајте симптомите да поминат, туку веднаш побарајте помош.
Болка во градите
Одвреме-навреме сите ќе почувствуваме болка во градите. Но, овој симптом може да биде знак за сериозен проблем со срцето, особено ако се случи додека сте физички активни.
Луѓето кои почувствувале болка во градите предизвикана од проблем со срцето ја опишуваат како стегање, па и горење.
Некогаш се јавува и непријатно чувство во една или двете раце, кое може да се придвижи и до вилицата.
Ова чувство може да трае неколку минути, да се влоши ако сте активни, да исчезне, но потоа да се појави.
Бидејќи, како што кажавме, болката во градите може да биде причинета од нето сосема друго, ако досега не сте почувствувале нешто слично, веднаш одете на лекар.
Зголемена чувствителност и болка на листовите
Болката на листовите може да се јави по физичка активност или повреда.
Но, ако одеднаш почувствувате ваква болка во едната нога, може да станува збор за длабока венска тромбоза.
Ова претставува згрутчување на крвта кое се развива во длабоките вени и може да биде мошне болно. Покрај болката, ногата може да биде отечена, кожата да делува топло или да има црвенило.
Повторуваме – нормално е да чувствувате болка во мускулите по физичка активност, но ако ги забележуваат и другите симптоми и болката е поразлична отколку воспалени мускули, задолжително одете на лекар.
Крв во урината
Постојат неколку причини зошто може да ви се појави крв во урината и генерално ова е симптом што никако не треба да се игнорира.
Ако се во прашање камења во бубрезите, урината може да ви делува розово или свето црвено. Во овој случај веројатно ќе чувствувате и болка на половината или грбот.
Некогаш ова е симптом и на инфекција на уринарниот тракт, мочниот меур или бубрезите. Тогаш се јавуваат симптоми како зголемена потреба за одете во тоалет и печење при уринирање.
Во поретки случаи, крвта во урината може да биде и знак за рак на мочниот меур или бубрезите.
„Свирење“ во градите
„Свирењето“ во градите може да се јави ако сте настинати, но во овој случај треба да помине брзо.
Доколку трае подолго, тогаш одете на лекар бидејќи може да биде знак за астма, проблеми со белите дробови или некоја сериозна алергиска реакција.
Во некои случаи може да биде и знак за пневмонија или бронхит.
Суицидни мисли
За крај, симптом поврзан со менталното здравје кој, за жал, честопати се игнорира.
Ако имате суицидни мисли, немојте да ги игнорирате, дури и ако знаете дека нема да се обидете да посегнете по својот живот.
Ваквите мисли се знак за проблеми со менталното здравје, најчесто депресија и морате да се консултирате со експерт.
Спирова С. | Црнобело
